Два месеци откако стапи во сила забраната за употреба на пластични ќеси, граѓаните сè почесто одат на пазар со платнени торби. Ќесите се уште ги има во маркетите, аптеките, бутиците, пазарите, ама поради цената од 15 денари, сè помалку купувачи се одлучуваат да ги користат.
„Скапи се ќесите и затоа си носам платнени торби кога одам на пазар. На почетокот ми беше чудно, ама сега се навикнав и во ташната секогаш си носам платнена торба“, вели Нада К., пензионерка од Скопје.
Дел од трговците нудат специјални торби за повеќенаменско пазарење по цени од 39 до 100 денари. На социјалните мрежи се рекламира продажба на печатени платнени торби по цена на големо од 99 денари, а количките на тркалца се од 500 до 600 денари.
Тоа што сега се бара торба повеќе, било причина некои производители да го пренаменат своето производство. Па така, Фросина Ирис од Куманово која порано шиела венчаници, а со почетокот на пандемијата и заштитни маски, сега шие и платнени торби. Сепак, таа се жали дека интересот за торбите што ги изработува од природни материјали не е голем, бидејќи самите маркети нудат торби по достапни цени.
„Правев новогодишни вреќички и добро поминаа, но платнените торби за пазарување помалку ги купуваат, затоа што маркетите продаваат торби по 19 денари. Тие пари не се проблем да си купат и да ја користат повеќе пати. Моите торби се или 40, 60 или 100 денари, зошто јас го набавувам материјалот, а морам на цената да ставам и заработка. Направив понуда и за маркетите за да произведувам на големо, ама не добив одговор. И така нашиот бизнис умира, а помош од државата нема“, се жали Ирис, сопственичка на ателје од Куманово.
Од друга страна пак, расте побарувачката за хартиени ќеси, иако во една од фабриките за нивно производство, велат дека продажбата на истите е далеку од очекувањата. Оттаму велат дека покрај досегашното производство на ќеси за подароци и брендирани ќеси, сега бизнисот го прошируваат и со производство на ќеси за маркети.
„Во овој дел сме нови и барем засега ефектот не е толку голем колку што очекувавме дека ќе се случи, дека ќе се трошат илјадници ќеси, дека сите маркети така лесно и наеднаш ќе се научат да ги трошат. Сè е со некаков скромен интензитет на побарувачка. Младите користат хартиени ќеси, а постарите си имаат торбички“, изјави Оливер Стојчевски, комерцијален директор во фабрика за производство на хартиени ќеси во Битола.
Тој додава дека производството на новиот модел на ќеси кои се бараат во маркетите ќе значи и нови трошоци за нив, оти за производство на истите потребни се нови машини, за кои Стојчевски вели дека се релативно скапи и ретко кој се осудува да ги купи.
Фирмите за производство на пластични ќеси под клуч?
Очекувано во овој период опадна и производството на пластични ќеси кај триесеттина фирми кои се занимаваат со производство и трговија со полиетиленски ќеси.
Марина Петровска е управител на првата фирма во Македонија која почнала да произведува биоразградливи ќеси за различна употреба. Таа вели дека од забраната за употреба на пластични ќеси, прометот опаднал за 60 отсто и дека после триесетгодишно работење, сега не гледа иднина за семејниот бизнис.
„Затечени сме. Замре се. Ние ги држиме големите маркети, ама нема нарачки. Оди само ситното, ќесите без рачки за овошје, зеленчук, месо...нема производство. Технолошкиот процес од ќеси да се префрлиме на торби е сосема различен. Машините што се наменети за производство на пластика не може да ги пренаменат за друг вид прозводство. Треба доинвестиции, дообука на вработени и најважното, тоа што материјалот не е достапен на светски пазари“, вели Петровска, управител на фирма за производство и трговија на пластични ќеси.
И Александар Боризовски е сопственик на фирма за производство на пластични ќеси. Вели дека до крајот на месецот ќе биде принуден да отпушти околу 70 отсто од вработените.
„И декември и јануари беа лоши месеци за нас. Побарувачката е падната на нула. Во сите фирми ако се трошело по 30 тони ќеси, сега трошат од 3 до 5 тона. Поголемите маркети скоро и да не купуваат, а имаме и уште залихи. Дел од машините веќе се исклучени, а во март планирам да отпуштам уште вработени,“ вели Боризовски.
Од Групацијата на производители и преработувачи на пластични ќеси при Сојузот на стопански комори на Македонија, велат дека досега се отпуштени 30 работници во овој сектор, а се очекува до март да бидат отпуштени уште толку. Оттаму бараат измена на Законот за управување со пакување и отпад од пакување.
Македонија е преплавена со пластични ќеси, а токму тој отпад се вбројува како еден од главните загадувачи на околината. Нивното одвојување од другиот отпад е сложен процес, а нивното разградување може да трае со години.
Асоцијацијата за управување со отпад на Стопанската комора лани излезе со податок дека во земјава годишно се употребуваат меѓу 120 и 150 милиони пластични кеси, а тоа се близу 2.000 тони пластика. Тоа е од 2 до 3 отсто од вкупниот отпад од пакување, но волуменски е многу.
Согласно Законот за управување со пакување и отпад од пакување, од 1 декември 2021 година се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки за еднократна употреба на пазарот во Република Северна Македонија. Дозволено е пуштање на пазарот на територијата на државата само на биоразградливи кеси за носење на стоки што се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост.
Парите од продажбата на ќесите ќе одат во специјален фонд за животна средина. Од тој фонд ќе се инвестира во животната средина, но и во совеста на граѓаните како да менаџираат со отпадот во нашата држава, појасни пред два месеци министерот за животна средина Насер Нуредини објаснувајќи ја одлуката.
Надоместокот од 15 денари не се однесува за продавниците каде се продаваат производи кои не се за секојдневна употреба: книги, облека, обувки, алати, електронска опрема, продавници за покуќнина, занаетчиски дуќани, сувенири, уметнички галерии, козметички производи.
Под биоразградливи се подразбира дека до 1 јуни 2023 може да се пласираат оксо-биоразградливи ќеси (МКС 1009) кои беа од 2013 година задолжителни. По 1 јуни 2023 задолжително се пласираат ќеси кои се изработени од материјал кој може да се разгради.