Достапни линкови

Поскапеа кесите што си ги викаме биоразградливи


Илустрација
Илустрација

Еколозите предупредуваат дека е потребна промена на стандардот за биоразградливост, затоа што кесите што сега си викаме биоразградливи речиси и да не се разградуваат.

Пластичните кеси се забранети за продажба, а биоразградливите станаа 15 денари. Производителите на пластика се жалат дека ќе им пропадне бизнисот, еколозите велат дека ова е само прв чекор и треба уште многу да се направи, додека граѓаните на социјалните мрежи се шегуваат дека богат човек на улица ќе познаеш по тоа што носи кеси.

Во Министерството за животна средина велат дека собраните пари од кесите ќе се користат за инвестирање во животната средина, бидејќи ќе одат на посебна сметка за таа намена. Тоа би значело инвестирање во иновативни, чисти технологии, во системот за управување со отпад, садови за селектирање, намалување на притисокот врз животната средина и слично, велат во Министерството.

Стандардите за биоразградливост во Македонија се донесени во 2013 година, а еколозите предупредуваат дека и биоразградливоста не е баш толку едноставна работа.

Давор Пехчевски од Еко-свест објаснува зошто биоразградливите кеси не се разградуваат. Нашиот закон е усогласен со директивата за отпад на ЕУ од 2018, но во 2019 е донесена нова која забранува и оксо-биоразградлива пластика и оти тоа треба да се направи и кај нас.

Дел од граѓаните прашуваат која е поентата да се забрани употребата на кесите, кога сите производи во маркет, често и непотребно, се пакувани во пластика.

Други, пак, велат дека е нелогично да се забранат овие кеси, а да се дозволи продажба на оние за ѓубре.

Трети се шегуваат дека користењето кеса сега станува статусен симбол, како брендирана гардероба.

Некои, пак, велат дека не е проблем зембиљот, туку тоа што треба да се стави во него.

Повозрасните се сеќаваат на поинакви времиња, кога кесите не беа за еднократна употреба.

Министерот за животна средина Насер Нуредини рече дека тие сакале кеса да биде 10 денари, но пратениците со амандман побарале да биде 20 денари и на крај се „исценкале“ за 15.

Европската унија во 2018 година донесе директива со која се забрануваат повеќе видови пластика, а земјите од Европа веќе почнаа да забрануваат употреба на пластика за еднократна употреба, како цевчиња, чепкалки за уши, чинии, чаши и пластичен прибор за јадење за еднократна употреба. Во некои земји од ЕУ пластичните кеси се целосно забранети, во други се даночат, а во трети се наплаќаат.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG