Мирен изборен ден - Највисока излезност во Крива Паланка, најниска во Липково
ДИК соопшти дека излезноста до 17 часот е 35,13 проценти. Највисока е излезноста во Крива Паланка, а најниска во Липково. Од скопските општини најмногу гласале во Карпош, а најмалку во Шуто Оризари и Сарај. Нема посериозни нарушувања на изборниот процес.
Затворени гласачките места, до 18:30 гласале скоро 40 отсто од запишаните избирачи
Во 19 часот затворени се избирачките места на кои граѓаните на Македонија можеа да гласаат на првиот круг од шестите претседателски избори. Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски соопшти дека до 18:30 на гласање излегле 39,71 проценти од гласачите, од обработени над 91 отсто од гласачките места.
Сите кандидати по гласањето рекоа дека очекуваат фер избори
Претседателскиот кандидат на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, по гласањето изјави дека очекува изборите да поминат без инциденти и да добие предност за дефинитивна победа во вториот круг. Претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска - Давкова по гласањето рече дека очекува фер избори и дека очекува да влезе во вториот круг. Кандидатот на Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река, рече дека очекува фер избори за земјава да ги почне преговорите со ЕУ.
СДСМ очекува победа на Пендаровски
Шефот на изборниот штаб на СДСМ, Александар Кирацовски изјави дека првиот изборен круг од претседателските избори бил кристално чист како што доликува на идна земја членка на НАТО и на ЕУ. Според него, граѓаните своето гласачко право го искористиле на мирен, демократски и достоинствен начин. Според информациите кои ги добил од ДИК, Кирацовски рече дека излезноста е над 42 проценти. Кирацовски рече дека очекува нивниот кандидат Стево Пендаровски да биде победник во првиот круг.