Пендаровски – Добив поддршка од мнозинството граѓани на Македонија
Кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, рече дека добил поддршка од мнозинството граѓани во првиот круг од претседателските избори. Мнозинската поддршка е од граѓани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи и сите други, рече тој, додавајќи дека концептот „Заедно напред“ ќе победи и во вториот круг на претседателските избори на 5 мај.
Сиљановска – Давкова: Кандидатите на опозицијата освоија 70 илјади гласови повеќе од кандидатот на власта
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори, Гордана Сиљановска – Давкова, вечерва изјави дека опозицијата победила на изборите. Таа рече дека ако се споредат гласовите на власта, односно на Стево Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ и од ДУИ, и гласовите на опозицијата, односно нејзините и на кандидатот на Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река, тогаш разликата меѓу власта и опозицијата е 70 илјади во корист на опозицијата.
Адеми – Очекувам уште поголема поддршка за Пендаровски во вториот круг
Време е да победи концептот кој ќе отвори нови перспективи и очекувам дека граѓаните ќе дадат поддршка, рече министерот за образование Арбр Адеми, кој е претставник на ДУИ во изборниот штаб на претседателските кандидат Стево Пендаровски, кој е заеднички кандидат на ДУИ и на СДСМ.
Адеми рече дека очекува во вториот круг поддршка за Пендаровски да биде уште поголема.
Река: Нема да тргуваме со гласовите на граѓаните
Кандидатот за претседател поддржан од Алијанса за Албанците и Беса Блерим Река ги оцени како фер и демократски изборите, но посочи изборите покажаа дека немаме ажуриран избирачки список и дека иселувањето од земјава влијаело негативно на изборите односно на ниската излезност. Тој рече дека нема да тргува со гласовите на граѓаните.