ДИК – Пендаровски во водство по пребројани 56 од гласовите
Кандидатот на СДСМ и на ДУИ, Стево Пендаровски, освоил 198 илјади гласови, а кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова 181 илјади гласови по преброени над 60 отсто од гласовите, покажуваат податоците објавени на интернет страницата на ДИК. Кандидатот на Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река, досега освоил скоро 52 илјади гласа.
Кирацовски – Пендаровски води, нема да набројувам општини
Стево Пендаровски води за 2,5 проценти пред неговата противкандидатка Гордана Сиљановска - Давкова на претседателските избори по повеќе од половина од пребројаните гласови, рече Александар Кирацовски од СДСМ. Тој рече дека Пендаровски е поддржан од сите етнички заедници и оти водството во првиот ќе значи победа во вториот круг.
„Нема да набројувам во кои населени места води Пендаровски, зашто ова се претседателски избори кои се водат во целата држава“, рече Кирацовски.
Младите од ВМРО-ДПМНЕ слават со „Нешто ќе те питам бабо“
Неколку десетици млади активисти на ВМРО-ДПМНЕ излегоа пред партиското седиште во Скопје да прослават, откако партијата соопшти дека нивната кандидатка за претседател Гордана Сиљановска - Давкова води во многу општини. Од разгласот на партиското седиште ечи песната „Нешто ќе те питам бабо“, која неодамна ја преработи бендот Некс тајм. Насобраните веат знамиња и пеат патриотски песни.
Јанушев – Водиме во огромен број општини, власта е на колена
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев рече дека нивната кандидатка за претседател, Гордана Сиљановска – Давковска води на огромен број избирачки места и општини. Тој рече дека според пребројаните гласови, Сиљановска – Давкова веќе победила во општините Пехчево, Јегуновце, Градско, Вевчани, Могила, Илинден, Лозово, Радовиш, Ѓорче Петров.