Достапни линкови

Почина Берлускони, долгогодишен „скандалозен“ италијански лидер


Силвио Берлускони
Силвио Берлускони

Почина Силвио Берлускони, милијардер, медиумски магнат, кој беше италијански премиер со најдолг стаж и покрај скандалите околу неговите секс забави и обвинувањата за корупција, објавија италијанските медиуми во понеделникот. Тој имаше 86 години.

Италијанската новинска агенција LaPresse ја објави смртта на Берлускони откако тој беше хоспитализиран во петокот, по втор пат, во последните неколку месеци поради лекување на хронична леукемија.

Тој, исто така, со текот на годините страдаше од срцеви заболувања, рак на простата и беше хоспитализиран поради КОВИД-19 во 2020 година.

Берлускони ги искористи своите телевизиски мрежи и огромното богатство за да ја започне својата долга политичка кариера, инспирирајќи и лојалност и омраза.

За обожавателите, трикратниот премиер беше способен и харизматичен државник кој се обиде да ја издигне Италија на светската сцена. За критичарите, тој беше популист кој се закануваше дека ќе ја поткопа демократијата со користење на политичката моќ како алатка за збогатување.

Берлускони 1994-та
Берлускони 1994-та


Неговата политичка партија Форца Италија е коалициски партнер со актуелната премиерка Џорџа Мелони, екстремно десничарска лидерка кој дојде на власт минатата година, иако Берлускони немаше функција во владата.

Неговото пријателство со рускиот претседател Владимир Путин го стави во судир со Мелони, жесток поддржувач на Украина. На неговиот 86-ти роденден, додека војната беснееше, Путин му испрати на Берлускони најубави желби и вотка, а Италијанецот се пофали дека возвратил со тоа што му пратил италијанско вино.

Берлускони на Крим, 2015-та
Берлускони на Крим, 2015-та


Како што Берлускони старееше, некои го исмејуваа неговиот вечно млад тен, трансплантацијата на коса и неговите девојки, кои беа помлади со децении. Сепак, многу години Берлускони изгледаше недопирлив и покрај личните скандали.

Обвиненија беа покренати, без завршница, односно, застаруваа во бавниот судски систем на Италија, или тој беше победник во жалбата. Истрагите беа насочени кон забавите, таканаречени „бунга бунга“ во кои учествуваа млади жени и малолетни, или за неговите бизниси, кои го вклучуваа и фудбалскиот тим Милан, трите најголеми приватни ТВ мрежи во земјата, списанија и дневен весник, како и рекламни и филмски компании.

Само еден доведе до пресуда - случај за даночна измама што произлегува од продажба на филмски права во неговата деловна империја. Осудата беше потврдена во 2013 година од страна на највисокиот кривичен суд на Италија, но тој беше поштеден од затвор поради неговата возраст (76) и му беше наредено да работи општествено корисна работа, помагајќи им на пациентите со Алцхајмерова болест.

Берлускони на општествено корисна работа, 2014-та
Берлускони на општествено корисна работа, 2014-та


Нему уште му беше одземено местото во Сенатот и му беше забрането да се кандидира или да извршува јавна функција во рок од шест години, според антикорупциските закони.

Тој остана на чело на Форца Италија, партијата на десниот центар, а повторно беше избран во Европскиот парламент на 82-годишна возраст, а потоа минатата година во италијанскиот Сенат.

Католичката црква, на моменти благонаклона кон неговата конзервативна политика, беше скандализирана од неговите лудории, а неговата сопруга со која беше речиси 20 години, се разведе од него, но Берлускони не се извини, изјавувајќи: „Јас не сум светец“.


Берлускони инсистираше на тоа дека гласачите се импресионирани од неговата дрскост.

„Мнозинството Италијанци во нивните срца би сакале да бидат како мене и да се гледаат себеси во мене и во тоа како се однесувам“, рече тој во 2009 година, за време на неговиот трет и последен мандат како премиер.

Неговиот втор мандат, од 2001-2006 година, беше можеби неговата златна ера, кога тој стана шеф на владата со најдолг стаж во Италија и го зајакна нејзиниот глобален профил преку неговото пријателство со американскиот претседател Џорџ В. Буш. Совладувајќи ги распространетите чувства дома и во Европа, Берлускони ја поддржа војната во Ирак предводена од САД.

Берлускони се гледаше себеси како спасител на Италија од она што тој го опиша како комунистичка закана - години по падот на Берлинскиот ѕид. Од почетокот на неговата политичка кариера во 1994 година, тој се прикажуваше себеси како мета на судството што го опиша како полно со левичарски симпатизери. Секогаш инсистираше на својата невиност.

"Го сакам животот! Сакам жени!" изјави во 2010 година Берлускони.

Берлускони и мароканката Руби, која малолетна присуствувала на неговите секс забави
Берлускони и мароканката Руби, која малолетна присуствувала на неговите секс забави


Тој го поттикна гневот по терористичките напади на 11 септември 2001 година во Соединетите Држави, тврдејќи дека западната цивилизација е супериорна во однос на исламот.

Кога во 2003 година во Европскиот парламент беше критикуван од германски пратеник, Берлускони го спореди својот противник со чувар на концентрациониот логор. Години подоцна, тој предизвика бес кога ги спореди правните проблеми на неговото семејство со она што Евреите сигурно се сретнале во нацистичка Германија.

Берлускони е роден во Милано на 29 септември 1936 година, како син на банкар од средна класа. Стекнал диплома по право, пишувајќи ја својата теза за рекламирање. Тој започнал градежна компанија на 25 години и изградил станбени комплекси за семејства од средната класа на периферијата на Милано, дел од повоениот бум.

Дома, тој постојано се соочуваше со обвинувања за спонзорирање на закони насочени кон заштита на себе или на неговите бизниси, но тој инсистираше дека секогаш постапува во интерес на сите Италијанци. Законската регулатива донесена кога тој беше премиер, со која на функционерите им дозволуваше да поседуваат медиумски бизниси, но да не ги водат, беше оценета од неговите критичари како по мерка на Берлускони.

Во 2006 година, додека Италија беше исмејувана како „болниот човек на Европа“, со нејзината економија заглавена во нула раст и нејзиниот буџетски дефицит, Берлускони тесно ги загуби општите избори од лидерот на левиот центар Романо Проди, кој беше претседател на Европската Комисија.

Берлускони во Европскиот парламент, 2019-та
Берлускони во Европскиот парламент, 2019-та


Во 2008 година, тој се врати на неговиот последен мандат како премиер. Ненадејно заврши во 2011 година, кога финансиските пазари ја изгубија вербата во неговата способност да ја спречи Италија да потклекне пред кризата со суверените долгови во еврозоната. Берлускони неволно се повлече.

Здравствените грижи го оптоваруваа со текот на годините. Тој беше опериран од рак на простата во 1997 година. Во ноември 2006 година, тој се онесвести за време на говорот, а следниот месец одлета за САД, каде што доби пејсмејкер во Клиниката во Кливленд. Тој беше подложен на повеќе операции на срцето во 2016 година.

За време на политички митинг во 2009 година, еден човек фрли статуетка, сувенир од катедралата во Милано кон Берлускони, при што му беше скршен носот, пукнати два заба и пресечена усната.

XS
SM
MD
LG