Достапни линкови

До вчера беа режим, денес владини советници „за татковината со љубов“


Архивска фотографија: Поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски
Архивска фотографија: Поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски

Поранешниот вицепремиер Владимир Пешев е дел од советодавниот тим на вицепремиерот Фатмир Битиќи, објави Телма. Пешевски беше дел од владата на Груевски, која според СДСМ, беше режим, а е обвинет во случајот Траекторија на СЈО. Дел од граѓаните иронично коментираат: „и Груевски ја сака Македонија“.

Поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс-министерот за финансии Кирил Миновски, од времето кога премиер беше Никола Груевски, се дел од поширокиот советодавен тим „За татковината со љубов“ на вицепремиерот Фатмир Битиќи, објави ТВ „Телма“.

Во синоќешното гостување на Телма, Битиќи не одговори директно на прашањето дали овие поранешни високи функционери во владата на Никола Груевски, се дел од „За татковината со љубов“, но на прашањето на водителката Наташа Стојановска, тој рече дека секој што ја сака татковината е дел од тимот.

„Можам да кажам дека и тие двајца си ја сакаат татковината“, рече Битиќи.

Инаку ова е неформално советодавно тело, а целиот состав од Владата не го откриваат.

Оваа вест предизвика жестоки реакции на социјалните мрежи. Дел од граѓаните иронично коментираат дека и Груевски ја сака Македонија и разбира економија, па може да му понудат некаква функција.

Владимир Пешевски е обвинет во случајот Траекторија на Специјалното јавно обвинителство. Случајот е за наводно земање провизии за изградба на „кинеските автопати“. СЈО го отвори случајот по објавувањето на „бомбите“ од страна на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој тогаш беше во опозиција, а владеењето на Груевски го нарекуваше „режим“.

Едни сметаат дека се работи за рехабилитација на „режимот“, други иронично коментираат дека на дело е националното помирување, а трети дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се всушност една иста партија.

На некои ситуацијата им изгледа како сценарио од латиноамериканска сапуница, кога Лаура на крај дознава дека вујна ѝ ја родила.

Некои се исмеваат со една од главните пароли на Шарената револуција „Че си лежите“, која доведе до пад на владата на Никола Груевски.

Пред точно пет години, СДСМ пееше друга песна за Пешевски.

Други се потсмеваат со тоа како поддржувачите на СДСМ сега ќе ја бранат оваа одлука.

Трети ја коментираат ситуација во стилот на познатиот охридски виц. Се шетале две џуџиња во Охрид и некој ги прашал – „кои сте вие“.
- Ние сме седумте џуџиња, одговориле тие.
- Како седум кога сте двајца?
- Ам то е, немат љуѓе.

Некои, пак, потсетуваат дека имаме способни економски кадри во дијаспората и оти владата треба да им понуди некаква функција.

Други иронизираат дека во поранешната владејачка гарнитура имало многу способни луѓе на кои може да им се најде некаква функција.

Инаку, „За татковината со љубов“ е неформално советодавно тело иницирано токму од Битиќи, а неговата цел треба да биде поголема вклученост на експертската јавност и професионалците од сите економски сфери во носењето државни политики и придонес за економски развој на земјата.

На 3 декември годинава, ова советодавно тело го одржа и првиот онлајн-состанок, а како што тогаш информираа од Кабинетот на вицепремиерот Битиќи поканети за учество да земат се универзитетски професори, економски експерти од невладини организации, поранешни министри, стопанственици, без разлика на нивната политичка наклонетост, родова или етничка припадност.

Сепак, Битиќи одбива да ги соопшти имињата на експертите кои се дел од ова тело.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG