Од шест до шест ипол години казна затвор добија четворица обвинети, поранешни функционери, за организирање на настаните на 27 април 2017 година кога топла народ насилно влезе во Собранието и повреди пратеници и други граѓани.
Осудени за загрозоување на уставниот поредок и безбедноста се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Вељаноски доби казна затвор од шест ипол години затвор, Јанакиески и Ристовски добија шест години и три месеци затвор, а Атанасовски е осуден на шест години затвор.
Судот реши осудените Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски да бидат во куќен притвор до правосилноста на пресудата. А Јанакиески веќе е во домашен притвор за друго дело.
„Овој настан бил планиран за да се задржи власта, имаше докази дека биле алчни за власт,“ рече судијата Илија Трпков на изрекување на пресудите. Тој е убеден дека со овие казни доволно ќе се влијае врз обвинетите во иднина да не прават вакви дела.
Вељаноски, како поранешниот претседател на Собранието, поранешните министри Јанакиески и Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски се виновни зошто во 2017 изготвиле план да го загрозат уставниот предок, организирале протести, материјално ги помагале, го намалувале бројот на полицајци и презеле мерки за да може луѓе да влезат во Собранието и да извршат насилство.
„Настанот од 2017 е без преседан и се одвиваше пред очите на јавноста и на целиот свет. Тоа е голем удар врз сржта на демократијата“, рече судијата Трпков.
Тој вели дека загрижуваат обидите настанот да се окарактизира како патриотизам.
„Тоа не е демократија, не е патриотизам и борба за Македонија. А уште повеќе тоа да се планира и во тоа да учествуваат високи функционери. Државата се брани со срце, ум, државната не се гради и не се брани со насилство“, рече тој.
За овој случај недостапни за судот останаа некогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој, како што рече судот ги повикал преку медиумите граѓаните да излезат на улица и поранешниот вработен во УБК Никола Бошковски.
Судењето траеше година ипол и се одвиваше во услови на пандемија.
Обвинителството најави жалби, на како што рече обвинителката Гордана Смаќоска, ниските казни за организаторите на 27 април. Обвинителката Смаќоска денеска ја заменуваше претседателката на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска
„Изненадена сум како обвинител на ваквите пониски затворски казни од пропишаните, минимум 10 години за вакво дело, бидејќи во претходната пресуда за извршителите на самиот чин во Собранието се дадоа многу високи казни“, рече Смаќоска по денешните пресуди.
Судијата Трпков изрекувајќи ги казните рече дека предвид е земена Амнестијата за настанот што ја изгласа Собранието и за кое веќе се амнестирани повеќе лица, како и тоа што сега осудените за време на рочиштата соработувале со судот и коректно се однесувале.
Адвокатот на одбраната, Еленко Миланов не коментираше за висината на казните, но вели дека по пресудата останува нејасно за што е донесена таа, дали за тоа што се случило на 27 април или за протестите на „Заедничка Македонија“.
„Во образложението никаде не слушнав ниту еден факт за дејствија на кој било од моите тројца штитениците за датумот 27 април. И оваа пресуда покажа дека имаме дежурни сведоци, дежурни лица кои даваат искази и се главни за сите предмети, тоа е Александар Василевски Нинџа на кога уште една ми се поклонува верба и покрај сите факти што си изнесе одбраната“, рече адвокатот. И тој најави жалба на пресудата.
Кој го нарача и кој го спроведе насилниот упад во Собранието на 27 април?
Пред четири години крвавите настани на 27 април се случија откако поддржувачите на „За заедничка Македонија“ упаднаа во Собранието, откако тогаш опозициската СДСМ заедно со ДУИ, Алијанса за Албанците и Беса го формираа парламентарното мнозинство и го избраа Талат Џафери за собраниски спикер, по што следеше упадот. При упадот во Собранието, дел од толпата физички се пресмета со некои пратеници на СДСМ и други партии и посериозно беа повредени Зијадин Села, Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Дамјан Манчевски, а во метежот беа повредени и новинари и сниматели во Парламентот.
За време на судењето одбраната не се согласуваше со тврдењето дека имало загрозување на безбедноста. Во судницата обвинетите тврдеа дека се невини, дека кривичното дело за кое им се суди се базира само врз исказ на сведокот во оваа и осуден во претходна постапка, Александар Василевски Нинџа.
Според сведочењето на Нинџа, кога ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада, на 27 февруари минатата година „од кулоарите на ВМРО“ излегол проектот „За заедничка Македонија“ со „фиктивни водачи“.
Тој во судницата рече дека неполн час пред упадот во Собранието во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ бил одржан состанок на „парамилитарниот, односно командно-оперативен штаб“ во состав Билјана Бришковска – Бошковски, Спиро Ристевски, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и Митко Чавков, а подоцна дошол и директорот на УБК, Владимир Атанасовски.
Дванаесет обвинети, меѓу кои и тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, добија амнестија. Дел од нив подоцна гласаа за промена на името во Северна Македонија.