Достапни линкови

Описното оценување со продолжен мандат


Ученици на час, илустрација
Ученици на час, илустрација

Новите измени во законот за основно образование со кои се продолжува описното оценување на учениците за до шесто одделение ја подели јавноста. Родителите немаат јасна претстава за успехот на детето. Дел од наставниците велат дека описното оценување е демотивирачко и го гуши натпреварувачкиот дух

„Наставничке, кажете ми со која оценка помина моето дете“? Вака реагирал еден родител откако го прочитал евидентниот лист за успех на неговото дете во кое истото е описно оценето. Оваа случка која ја пренесува една наставничка од основно училиште, најдобро ја одразува конфузијата кај родителите која постои откако во македонскиот образовен систем беше воведено описното оценување.

Последната вест пак од Бирото за развој на образованието, која се однесува на тоа дека описно ќе се оценуваат учениците до шесто одделение, а не како досега до четврто ги подели реакциите во јавноста. Родителите имаат различни мислења околу овој начин на оценување на успехот на децата. Некои го одобруваат, а други велат дека евидентните листови на учениците само дополнително ги збунуваат и практично преку нив не секогаш знаат со каква оценка е оценето нивното дете по соодветниот предмет. Дел од родителите велат дека не забележуваат значителни разлики во пишаниот текст кај нивното дете и неговите соученици и токму тоа ги збунува, бидејќи не сите деца имаат исти постигнувања.

„За пониските одделенија е во ред описното оценување, но за повисоките не ми се допаѓа измената. Мене ми се чини дека во скоро сите евидентни листови ги пишува истите фрази, а претпоставувам дека сите деца не покажуваат исто знаење кај сите предмети“, вели родител на ученик од петто одделение.

Но, од Бирото за развој на образованието најавија дека ќе се изработи упатство кое на родителите ќе им објасни за која текстуална оценка се работи. Описното оценување се однесува само на тромесечијата и на полугодие. На крајот од учебната година учениците ќе добиваат бројчана оценка.

Од министерството за образование велат дека оваа новина е според дел од новиот Закон за основно образование, кој е во сила од оваа учебна година. Од ресорното министерство објаснуваат дека неговите измени се резултат на анализата која ја изработиле Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и УНИЦЕФ, а во која експертите препорачуваат дел од измените да бидат и во насока на продолжување на описното оценување до шесто одделение.

Описно оценување на ученикот
Описно оценување на ученикот

Сепак, дел од просветните работници сметаат дека во нашиот образовен систем, описното оценување не ги дава саканите резултати.

„Сметам дека е грешка, можеби се работи за избрзана одлука, можеби од базата недоволно собрани искуства и мислења, или пак само преземени некои модели и програми од други високоразвиени земји. Ние ја гледаме големата слика и тука ги ставаме во ист ќош сите. Ова е тотално демотивирачко. Правиме од амбициозни демотивирани деца, во една добра училишна средина го гушиме натпреварувачкиот дух на децата“, вели Јасмина Спасовска, одделенски наставник во основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Куманово.

Спасовска во моментот е класен раководител на првачиња. Вели дека децата поинаку реагираат кога ќе им напише петка на рака, а поинаку на срциња, смајлиња и други симболи со кои го опишува нивниот напредок во образовниот процес. Иако има основни упатства според кои се пишуваат евидентните листови за успех на учениците, Спасовска признава дека најчесто се пресликуваат текстовите од еден на друг лист.

„Воглавно е копи пејст, искрено и човечки ви кажувам. Но, се разбира не кај сите, кај повеќето е тоа случај. Но, логиката е следна: сите работиме за иста плата, па ако може тој така да прави, што ќе му се мачам и јас, со ноќи да не спијам и за секое дете да пишувам детално што и како усвоил и што знае“, вели Спасовска.

Сличен е ставот и на просветниот работник Насер Мифтари од Скопје.

„Не е возможно еден ист опис да има еден ученик од некое планинско место со ученик кој учи во урбанизирано и најмодерно училиште. Кај нас се се сведува на „копи-пејст“ опис и готово. Ние тераме шаблонски, а секое дете е посебен свет. Нема тука шаблон. Вината вообичаено паѓа врз наставникот, но, тој пак не е единствениот во вкупниот образовен процес. Значи описното оценување е убаво само ако се прави според јасни критериуми“, вели Мифтари.

Според упатените суштината на описното оценување е реален индивидуален опис за секој ученик во повеќе области, знаење, вештина, вредности ставови и истото треба да користи прецизни податоци за детето. Смислата на описното оценување е многу коректно и многу прецизно да даде слика за повеќе особини на ученикот и во долг временски период да се следи развојот на секој ученик.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG