Достапни линкови

Од гледање на кафе до светски стартап


Никола Бубевски, ко-основач на стартапот „Native Teams“
Никола Бубевски, ко-основач на стартапот „Native Teams“

Пред 10 години Никола бил средношколец кој сакал да направи пари како фриленсер. Инспириран од баба му научил да гледа на кафе. Така заработил пари за да развие нови вештини преку курсеви. Денес, тој е еден од ко-основачите на стартап кој високо котира кај инвестициските фондови.

Битолчанецот Никола Бубевски е ко-основач на лондонско-битолски стартап за кој инвестициите се бројат во милиони евра. Но, патот до тука не бил прав. Сега има 27 години, а кога немал ни 18 станал фриленсер на страницата за онлајн работа „Фивер“. Во конкуренција на програмери, маркетинг агенти и дизајнери таму, тој немал никакви вештини, а сакал екстра џепарлак. За првата бизнис идеја се инспирирал од баба му.

„Во категоријата забава имаше различни 'тезги'. Никаде не бев конкурентен. Баба ми беше позната во маалото како добар предвидувач во кафе симболите. Набрзо, ги научив нејзините вештини и се ангажирав. Науката се вика тасеографија. Отидов во библиотека, направив дата база од 2500 симболи, го научив нивното значење и за многу брзо бев многу конкурентен. И така станав 'топ селер' во категоријата“, вели Бубевски.

Цената за едно негово онлајн гледање на кафе почнува од 20, а оди до 60 долари, плус бакшиш од некои клиенти. Ова почнало да му носи добар приход по 6 месеци од стартот. Бизнисот му е активен до денес, но бидејќи нема многу време сега има 3-5 вакви тезги неделно. Некогаш имал и 6-10 дневно.

Никола има диплома за градежен инженер. Студирал во Штип, а живеел во Радовиш каде вели како во мал град немало многу активности ниту дружба, па паралелно со факултетот имал време да развива нови вештини.

„Со сите средства од гледањето на кафе уплатив да следам различни курсеви. Прво за Фотошоп, набрзо почнав да учам маркетинг, фронтенд и слично. Се вработив како градежен инженер и работев околу една година за австралиска компанија. Паралелно, од мојот кафе бизнис имав и клиенти на кои им требаа маркетинг услуги. Набрзо сменив комплетно кариера и отидов во IT светот“, додава битолчанецот.

Несудениот градежен инженер така ги запознал битолчанката Александра Митревска и лондончанецот Џек Торогод. Заедно го основале стартапот „Native Teams“ - платформа за плаќање и регулирање на стасус за вработување на фриленсери кои работат во компанија или на далечина. Проектот е активен од 2021-ва година, а до денес е присутен во 52 земји.

Никола Бубевски
Никола Бубевски

Пред половина година, 4 инвестициски компании од Британија, Хрватска, САД и Бугарија вложиле 2 милиони евра во нивниот стартап за удел од околу 30 %. Бубевски вели дека средствата ги реискористиле за да се прошират и најави дека следува нова рунда.

„Веќе се подготвуваме за прва официјална рунда која ќе изнесува од 10 до 15 милиони. Инвестициските фондови вложуваат при самиот старт на бизнисот и за тоа добиваат одреден удел или кај нас познато како акции. Тие предвидуваат дека, на пример, ако денеска вложам одредена сума, за 5-10 години таа би се помножила по 20, 30 пати од самата вредност вложена на почеток“, додава тој.

На македонскиот пазар како прв на кој се промовирале, бидејќи идејата потекнува од тука, на почетокот не добиле голема поддршка. Но приказната тргнала на добро откако сами „засукале ракави“.

„На почетокот кога бевме буквално во сенка, не наидовме на голема поддршка. Во Македонија поддршката дојде по нашиот силен пи ар“, истакна младиот Никола.

Неговата екипа сега прави соработки со нови стартапи и сака да ги поддржи со грантови. За како што вели тој, на младите кои имаат бизнис идеи за стартап да не им недостасува она што на почетокот му недостасувало на неговиот тим.

Колку македонските стартапџии се поддржуваат меѓусебно?

Македонската стартап заедница е неверојатно поддржувачка средина, вели Игор Маџов, претседател на асоцијацијата за стартапи „Стартап Македонија“. Според него, потребно е само стартапот кој го развива својот продукт или идеја да сака да се поврзе, да се регистрира во нивната дигитална дата база и да учествува на настаните кои асоцијацијата ги организира. Понатаму, тие ги поврзуваат стартапџиите со акцелератори, инкубатори и сите останати кои може да им помогнат во растот.

„Новите дечки потребно е само да посакаат да се вмрежат и да ја споделат својата бизнис идеја. Таа нема никаква вредност се додека не се реализира. А понатаму на патот кон успехот, велиме дека потребно е цело село за да може еден бизнис да успее. Така што и цела заедница стои зад сите македонски стартапи за да можат тие да успеат. Бидејќи нивниот успех е и наш успех“, изјави Маџов.

Од основањето во 2016-та досега, во асоцијацијата се регистрирани 165 стартапи со 60 сервис провајдери. Здружението „Стартап Македонија“ еднаш месечно ги собира македонските стартапџии и оние кои сакаат тоа да станат на исто место за да прослави успех на еден од стартапите и за да ги вмрежи. За стартап на февруари го прогласија „Native Teams“.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG