Измама е кривичното дело за кое судот ќе цени дали ќе му се суди на докторот и сопственик на приватна болница Жан Митрев, по денешниот поднесен обвинителен акт во Кривичниот суд. Истрагата против него беше отворена по допрен глас, односно по објавувањето на истражувачката сторија на ИРЛ за неетичко користење на методот хемофилтрација кој претставува инвазивен метод за прочистување на крвта во лечење на пациенти од ковид-19 .
Извори од Основното обвинителство велат дека Митрев со умисла, прикривање на факти и јавни настапи ги довел до заблуда пациентите дека хемофилтрацијата е алтернатива која лекува од ковид 19 во време на пандемија. Според авторизацијата на американската администрација за храна и лекови овој инвазивен метод наоѓа примена само во тешки и ретки случаи и наведено е дека ова не е конкретен метод за лекување на Ковид-19.
Пациентите кои барале лек од корона вирусот во болницата „Жан Митрев“ авансно плаќале за лекувањето и во дел од пакетите што им биле нудени им биле наплатувани по најмалку две хемофилтрации без претходно за тоа да има индиција од лекар, односно без лекар да препорача дека е потребна употреба на таков метод.
Пациентите морало да бидат детално информирани за инвазивниот метод – хемофилтрација и било неопходно да потпишат согласност за негова употреба, со цел да не добијат претстава дека ова е начинот со кој целосно ќе се излечат од ковид-19, велат од обвинителството.
Според обвинението, намерата на Митрев била стекнување на противправна имотна корист. Услов за лекување на пациентите било авансно да уплатат 12.000 евра за да бидат хоспитализирани во клиниката. Кон обвинението се приклучиле 283 пациенти кои се чувствуваат оштетени.
Пресметките на обвинителството за предизвиканата парична штета од делото „измама“ изнесува 1,6 милиони евра, односно пари кои им биле наплатени на овие 283 пациенти само за методот хемофилтрација.
Судот до сега му го одзеде пасошот на Митрев и обезбеди гаранција од милион евра. Засега обвинителството од Кривичниот суд побарале мерка временски ограничена забрана на продажба на болницата со цел обезбедување на паричното побарување на штетата од 1,6 милиони евра, но до сега за ова нема одлука од судиите.
„ Се гледаме на суд“, се вели реакцијата на клиниката Жан Митрев како одговор на Обвинителството да се гони Митрев за измама.
„Оваа лакрдија од неосновани напади на суд ќе мора да се докаже, а ќе биде тешко да се докаже бидејќи вистината е дека ниту еден пациент не бил измамен и сите третмани и процеси во болницата биле јавни и транспарентни и во интерес на пациентите. Со тоа на суд ќе падне и самото обвинение на ОЈО“ велат оттаму.
Од клиниката тврдат дека работеле според највисоки здравствени стандарди во согласност до дозволени и утврдени методи на лечење. Сопственикот на Клиниката Митрев во гостувањето на емисијата Топ Тема на ТВ Телма, непосредно на еден ден пред поднесувањето на обвинителниот акт против него во суд, изјави дека се чувствува како жртва и дека никого не измамил.
„Јас не се плашам од обвинение, ќе се докажувам ако треба 100 години за тоа бидејќи нема такво нешто. Јас ќе одам на суд и ќе се докажувам пред суд. Може требаше да ме обесат на почеток, бидејќи бев осуден на бесилка на самиот почеток.“, изјави Жан Митрев во Топ Тема.
Основното јавно обвинителството – Скопје по допрен глас оформи предмет на 18 јули, откако ИРЛ објави истражување за работењето на клиничката болница „Жан Митрев“ во периодот од 2020 до 2022 година.
Во документарниот филм „Нечиста крв“ беа пренесени сведоштва на семејства на пациенти заболени од ковид-19 врз кои бил применуван методот хемофилтрација, односно инвазивна метода за прочистување на крвта без да знаат дека се предмет на клиничко испитување.
Во докуметарецот како дополнителен проблем беа посочени и клиничките студии кои се вршеле во болницата, а за кои според законот не биле пријавени во државната Агенција за лекови – МАЛМЕД. По објавувањето на документарецот и во редакцијата на ИРЛ, но и во други медиуми , меѓу кои и РСЕ, почнаа да се јавуваат граѓани чии блиски биле лекувани во оваа болница и кои имаа многу сомневања во начинот на лекување на Ковид 19.
Клиничката болница Жан Митрев, на почетокот именувана како Специјална болница по хируршки болести „Филип Втори“, почна да работи во 2000 година, по адаптирањето и реновирањето на изнајмен дел од Воената болница во Скопје.
По 16 години подоцна, се пресели во нов објект, непосредно до постоечкиот, со пет пати поголем капацитет. На отворањето на овој објект беше присутен и дел од државниот врв, меѓу кои тогашниот претседател Ѓорѓи Иванов, како и техничкиот премиер Емил Димитриев. Нејзиниот сопственик, Жан Митрев важи за познат кардиохирург во Македонија, кој пред да ја отвори својата болница во земјава, една деценија работеше во болниците во Германија. Најголем раст на приходите, Клиниката имаше за време на пандемијата, периодот на кој се однесува обвинението за измама на нејзиниот сопственик.