Достапни линкови

Носферату се „буди“ за вториот Фестивал на нем и класичен филм


Плакатот за Фестивалот на нем и класичен филм на Кинотека
Плакатот за Фестивалот на нем и класичен филм на Кинотека

Со проекцијата на „Носферату, симфонија на стравот“ на Фридрих Вилхелм Мурнау во музичка придружба на Џијан Емин, во среда на 31 август во 20:00 часот, во летното кино на Кинотека започнува Фестивалот на нем и класичен филм 2022.

По бројните проекции на класични филмови и наслови од ерата на немиот филм низ годиниве наназад, во Кинотека минатото лето, од 10 до 16 август, беше заокружено и првото издание на Фестивалот на неми и класични филмови. На делата кои своевремено биле на целулоиден, 35 мм формат, како печат на времето во кое се создавале, а денес ја имаме можноста да ги гледаме и да им се насладуваме во нови формати и во нивните дигитални и реставрирани верзии.

И, ако на првото издание на манифестацијата акцентот беше ставен на иконите на францускиот „Нов бран“ делата на Жан-Лик Годар, Франсоа Трифо, Клод Лелуш и на трилогијата на украинскиот режисер Александар Довженко, годинава од организаторите Кинотека и Кино Балкан, за вториот Фестивал беше стокмена понуда која во периодот од 31 август до 7 септември, во предвидените 14 термини за прикажување, донеува шаренолика, но исклучително интересна филмска програма. За почеток е одбран „Носферату, симфонија на стравот“ (Nosferatu, eine Symphonie des Grauens / Nosferatu, a Symphony of the Gray), филм на Фридрих Вилхелм Мурнау од 1922 година кој на скопската публика, во овој случај, ќе и биде претставен со музичка придружба на диригентот, композиторот и мултиинструменталистот Џијан Емин.

Пред многу години, уште кога бевме на почетоците со ДНО, со нас работеше Малколм Брн, познат продуцент. Јас во тоа време ( а и денес) многу гестикулирам со лицето или популарно кажано, правам фаци. Претпоставувам дека е тоа нус појава од моето свирење на хорна и неможноста да гестикулирам со раце.
Една од тие мои фаци Малколм ја нарече Носферату. Кој знае што го инспирирало на Носферату, ама добро се сеќавам дека беше лајт мотив за многу квалитетни глупости. Сега по повеќе од 20 години Носферату повторно се разбуди и јас ќе имам прилика звучно да го претставам неговото дело и лик. Инаку не сум љубител на хорор жанр, ама Носферату е навистина симпатичен, вели Џијан Емин во пресрет на прикажувањето на филмот на Фридрих Вилхелм Мурнау.

Џијан Емин, композитор, аранжер, мултиинструменталист, диригент

Инаку, на Фестивалот на нем и класичен филм ќе бидат прикажани три филма на типичниот претставник на германскиот експресионизам Мурнау – покрај „Носферату, симфонија на стравот“ публиката ќе има можност да ги види и „Фауст“ и „Патување во ноќта“. Покрај овие класични дела на програмата се и два филма од ерата на немиот филм со прочуениот Бастер Китон, „човекот со камено лице што го засмејуваше светот“, потем мини-циклус на големиот Рајнер Вернер Фасбиндер, по еден филм на француските авторски ведети Луј Мал и Клод Соте , како и прикажувања од домашното ( читај југословенското) документарно наследство – пропагандно - информативниот серијал „Филмски новости“ од периодот 1945-1948 година.

А, кога веќе малку погоре го спомнавме Фасбиндер, чисто информативно само дека тој во неговиот краток и бурен живот (1945-1982) снимил 30 филмови во период од 12 години. Така, вљубеникот во холивудските мелодрами на Даглас Сирк, во раната младост ќе ја „растресе“ не само германската туку и европската кинематографија со неговите бескомпромисни филмови. А од нив, од неговата исклучителна филмографија, за прикажување на Фестивалот на нем и класичен филм се одбрани делата како „Лили Марлен“, „Бракот на Марија Браун“, „Ефи Брист“, „Копнежот на Вероника Фос“ и „Марта“.

Конечно, на последната вечер од Фестивалот на нем и класичен филм, во среда на 7 септември, во 20 часот, ќе бидат прикажани три етнолошки филмови во чест на проф. д-р Вера Кличкова, по повод 111 години од нејзиното раѓање. Оваа проекција на филмовите „Русалиски обичаи во гевгелиско“, „Велигденски обичаи“ и „Мариовска свадба“ е дел од проектот „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films) на Асоцијацијата на европски кинотеки (Association des Cinematheques Europeennes / ACE), со чија финансиска помош, како што велат од Кинотека, документарците беа дигитализирани и дигитално реставрирани.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG