Достапни линкови

Антикорупциска истражува дали законски е доделена помошта на групер.мк


Министерката за финансии Нина Ангеловска
Министерката за финансии Нина Ангеловска

Антикорупциската комисија работи врз предмет на владините прв сет мерки како помош за компаниите погодени од корона кризата, меѓу кои е и онаа што ја доби компанијата во која како ко - сопственик се јавува сега веќе екс министерката за финансии Нина Ангеловска. Клучно е по кои критериуми се доделувала помошта, велат од Антикорупциската комисија за РСЕ.

Вкупно 11 илјади евра за три месеци државата и исплатила помош за исплата на плати на фирмата Вебспот ДОО, покажуваат податоците од алатката за транспарентност „Отворени финансии“. Но, вниманието на јавноста кон оваа фирма го привлече податокот дека еден од сопствениците на оваа компанија е довчерашната министерка за финансии во владата на СДСМ Нина Ангеловска која се грижеше за распределбата на државниот буџет.

Според податоците од Централниот регистар, Ангеловска во оваа компанија фигурира како еден од тројцата сопственици и основачи на платформата за он лајн трговија - групер.мк со учество во основачкиот влог од 2600 евра. Како управител на компанијата во документот од Централниот регистар е заведен еден од нејзините партнери Мартин Китановски.

Од Антикорупциска комисија за Радио Слободна Европа велат дека е отворен предмет во кој се истражуваат начините односно критериумите според кои се доделувала економската помош за исплата на плати на фирмите. Станува збор за првиот сет на мерки во чии рамки спаѓа и оваа исплата на овие 11 илјади евра за компанијата во која како еден од сопствениците се јавува досегашната министерка. Од Антикорупциска велат дека во нивното истражување посебно внимание се посветува на критериумите според кои се доделени мерките за помош при исплата на плата.

Критериумите ќе покажат дали е оправдано доделувањето на помошта, односно дали компанијата за он лајн трговија имала реална потреба од таква помош, или ги добила поради други неосновани причини, објаснуваат оттаму. Ова е втор таргет односно висок функционер за кој Антикорупциската отвора постапка за делот на доделување на првиот сет економски мерки. Во истиот предмет се истражува и за компанијата на во која поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев е дел од сопственичката структура „Брако“ која, исто така, користеше дел од овие мерки.

Од компанијата Вебспот велат дека фирмата секогаш работела согласно со законските прописи. Оттаму велат дека тој принцип на работење го запазиле и во врска со примената на мерката за исплата на плати.

„Имено, финансиската поддршка за исплата на плати на работниците беше условена и неселективна антикризна мерка која важеше за сите компании кои ги исполнуваат јавно објавените услови“ се вели во писмениот одговор до РСЕ.

Во него се истакнува дека во компанијата постоела потреба од таква помош затоа што не се работела за мерка за која имало конкурс па аплицирале, туку мерка за која компанијата исполнува услови со цел исплата на плати на вработени.

„Компанијата се соочуваше со значаен пад на приходите, со оглед на тоа дека најголем дел од приходите се од продажба на услуги од сектори кои беа најпогодени и зафатени со рестриктивните мерки на Владата. Работните места на вработените во нашата компанија се важни како што се сите работни места во било која фирма и зачувувањето на нивното работно место и исплатата на платата не е помалку важно ако еден од ко-сопствениците бил носител на јавна функција“ се вели во писмениот одговор.

Оттаму додават дека, како што важат условите за секоја компанија ако компанијата оствари позитивен резултат оваа година, добиената поддршка ќе биде вратена. ​ Барањето за оваа мерка го потпишува сметководителот во компанијата.

Според уредбата за оваа економска мерка објавена во Службен весник, работодавецот барањето го испраќа од Управата за јавни приходи, која подоцна го испраќа до Генералниот сектретаријат во Владата, која е потписник на одобренијата.

Ангеловска како министерка за финансии дојде откако премиерот Зоран Заев во име на „партиската метла“ по претседателските избори во 2019 го смени нејзиниот претходник Драган Тевдовски.

Опозицијата обвинува дека министерката ја злоупотребила позицијата и сама на себе си исплатила државна помош.

„Постојат сериозни сомневања дека Ангеловска повторно ја злоупотребила својата позиција и од државниот буџет, за кој што беше задолжена да го управува, сама на своја фирма си исплатила државна помош за плати во време на епидемијата“ изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Фотографија од дата базата „Отворени финансии“
Фотографија од дата базата „Отворени финансии“

Фирмата Вебспот која е основач на платформата за он лајн трговија групер. мк и во која една третина од сопственичката структура и припаѓа на Ангеловска на 08.07.2020 година од државата добила 210.909 денари, претходно на 12.06.2020 земала 224.750 денари и на 19.05.2020 земала 224.750 денари, од помошта од антикризните мерки за време на епидемијата од Ковид-19.

Според начелото за доверба во законот за заштита од коруција функционерите не смеат сповите овластувања и службени должности да ги користат или злоупотребат за лични потреби и цели.

„Судир меѓу личниот и општиот интерес постои кога со вршењето на определено службено или друго дејствие се засега во материјалните или другите интереси на лицето од став 1 на овој член или во интересите на членови на неговото семејство,“се вели во законот.

Претходно опозицијата ја обвинуваше Ангеловска дека ги искористила информациите кои веројатно ги имала за отпочнувањето на стечајната постапка на Еуростандард банка и си повлекла навремено парите за, како што таа изјави, да си купи стан и да инвестира во приватни инвестициски фондови.

Имено, според законот службено лице( функционер) не смее да ги користи информациите за остварување корист за себе.

ДКСК го завршила предметот за Ангеловска и Еуростандард банка

Државната комисија за спречување на корупција најави дека нема да покрене санкции за досегашната министерка за финансии Нина Ангеловска за случајот со Еуростандард банка, од каде што таа ја повлекла заштедата пред прогласувањето на стечајот. Сепак, претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска на прес конференицја забележа дека овој случај е проблематичен од етички аспект, поради што е потребно генерално да се допрецизира и доуреди проблематиката за спречување судир на интереси.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG