Достапни линкови

Собраниска седница за избор на нова Влада


Архивска фотографија од конститутивната седница на Собранието на Република Северна Македонија.
Архивска фотографија од конститутивната седница на Собранието на Република Северна Македонија.

На денешната собраниска седница започна расправата за избор на нова Влада. Мандатарот Зоран Заев меѓу другото најави реформи во администрацијата и борба против корупцијата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ коалициската Влада ја нарекоа „влада на лагата.“

На седницата на која единствена точка на дневен ред е избор на нова влада, пратениците прво го усвоија предложениот дневен ред, а по отворањето на претресот лидерот на партијата СДСМ Зоран Заев кој е мандатар, во експозето од собраниската говорница посочи дека земјата се соочува со кризата предизвикана од коронавирусот и дека постојат ризици врз здравствениот систем.

Пратениците на Собранието на Република Северна Македонија треба да го разгледуваат и да дебатираат за составот на новата влада, кој потоа треба да биде изгласан најдоцна до недела на полноќ.

За избор на Владата е потребно просто мнозинство од 61 глас. Владината коалиција ја сочинуваат три политички партии кои постизборно се договорија да формираат мнозинство: колицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, ДУИ и ДПА. Тие заедно во Собранието имаат парламентарно мнозинство од 62 пратеници, откако по завршувањето на предвремените парламентарни избори на 15 јули СДСМ освои 46 мандати, ДУИ 15 и еден ДПА.

Заев истакна дека новиот владин состав, освен на посветеноста во справувањето со кризата со Ковид19, ќе може да направи трансформација на економиијата, да донесе повеќе инвестиции, да ги зголеми платите, да изгради нова патна инфраструктура и нови болници, да воведе политики за здрава животна средина, да направи суштински реформи во правосудството и владеењето на правото.

„За да го постигнеме тоа, потребно ни е стабилност и предвидливост. Затоа е важно новата Влада да го заокружи новиот мандат од четири години за да се обезбеди поволен амбиент за остварување на економската програма, како и за нашите евроинтеграции. Во следниот мандат градиме уште поодговорни и уште поотворени институции посветени на интересите на граѓаните“, рече Заев.

Тој исто така рече дека следува период на структурни реформи во јавната администрација и најави намалување на администрацијата за 20 проценти и бројот на институциите.

Заев рече дека претстои силна посветеност во борбата против криминалот и корупцијата со воведување на силен и ефикасен правосуден систем, како и дека ќе останат посветени во реализацијата на договорите потпишани со Грција и Бугарија.

Пред да ги претстави министрите на новата Влада, Заев рече премиерот, но и министрите, директорите и сите други функционери ќе треба да ја оправдаат довербата која им е дадена.

По експозето на мандатарот Заев, збор зема пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски кој рече дека оваа коалициона Влада „е влада на лагата“, бидејќи СДСМ ветувале коалиција без ДУИ, а ДУИ ветувале премиер Албанец.

„Денеска гледаме дека ветувањата не важат, денеска гледаме дека ветувањата важат до завршувањето на изборната кампања и дека потоа на сцена стапуваат интересите и затоа е ова коалиција на лагата.“

Николовски исто така рече дека власта на есен ќе се соочи со бројни протести.

Предлог владата и програмата во фокусот на медиумите

Предлогот за новата Влада е таа да биде составена од 19 министри, што е немалување за седум министерски места во однос на претходната.

Покрај Заев како премиер, во предлог-составот на новата Влада за членови се предложени Љупчо Николовски како вицепремеир за борба против корупција, Фатмир Бетиќи за вицепремиер за економија, Никола Димитров за вицепремиер за европски прашања.

Оливер Спасовски е предложен за министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска за министерка за одбрана, Бојан Маричиќ за министер за правда, Благој Бочварски – министер за трансорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јагода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика, Ирена Стефоска – министерка за култура.

Исто така Аријанит Хоџа е предложен за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Горан Милевски за министер за локална самоуправа, Артан Груби – вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи за министер за надворешни работи, Насер Нуредини за министер за животна средина и просторно планиорање, Јетон Шаќири – министер за инфораматичко општество и администрација.

Во владината програма нема дел од предизборните ветувања на СДСМ и ДУИ

Претходно денеска СДСМ соопшти дека македонските граѓани ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна Влада која ќе гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети како членство во НАТО и Европската унија

Од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со реакција за ветувањата од програмата на Владата. Партијата во соопштението наведува дека лидерот на СДСМ Зоран Заев ветувал многу, а дека во програмта на Владата „нема ништо од тоа.“

„СДСМ ветуваше многу и сега ретерира“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На 15 јули во Северна Македонија се одржаа предвремени парламентарни избори, откако за тоа во октомври се договорија лидерите на најголемите партии во земјава на средба кај претседателот Стево Пендаровски по недобивањето на датум за преговори со Европската унија. Изборите првично беа закажани за април, но беа одложени поради избувнувањрето на епидемијата на новиот коронавирус.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG