Достапни линкови

Нема спиење – Собранието ќе работи без прекин до распуштањето


Илустрација: Собраниска седница
Илустрација: Собраниска седница

Претседателот на Собранието Талат Џафери вечерва најави дека Собранието ќе работи без прекин додека да се распушти и не се распишат предвремените парламентарни избори најавени за 12 април. Цел ден трае расправата за Законот за јавно обвинителство.

Откако вечерва заврши дискусијата за Законот за јавно обвинителство, претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза од еден час и најави дека во 22 часот ќе почне 136-тата седница на која треба да се расправа за разрешувањето на министерката за труд и социјала Рашела Мизрахи.

„Гласањето ќе се спроведе кога координаторите на пратеничките групи ќе го обезбедат потребното мнозинство“, рече Џафери.

Џафери им се обрати на „фесбук мејкерите“ кои барале од него седниците да траат до 22 часот, посочувајќи дека во салата нема доволно пратеници.

Претходно, Џафери рече дека Собранието ќе работи без прекин додека не биде распуштено и не бидат распишани предвремените парламентарни избори најавени за 12 април.

Расправата вечерва се одвива пред речиси полупразна собраниска сала.

Меѓународните претставници повторуваат дека Законот за јавно обвинителство не е услов за добивање датум за преговори со ЕУ, но оти ќе биде позитивен сигнал.

За законот е потребно двотретинско мнозинство.

Во текот на дискусијата, пратениците од владејачкото мнозинство уште еднаш повторија дека донесувањето на законот за ЈО ќе значи почеток на борбата против корупцијата и криминалот, додека нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ им возвратија дека го туркаат со сила и противуставно, само за да се спасат лидерот на СДСМ Зоран Заев и други владини функционери од одговорност. Тие велат дека не се против Закон за обвинителство, туку против овој закон.

Репликите и контрарепликите најчесто се меѓу пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Седницата претпладнето почнуваше двапати и имаше две паузи од по еден час. Министерката за правда Рената Дескоска на Фејсбук објави дека поради очигледната намера на некои политички партии да го опструираат процесот на носење на Законот за Јавно обвинителство одлучиле ниту таа, ниту другите пријавени пратеници од СДСМ и коалицијата да не се јавуваат за збор, со што ќе заштеделе најмалку осум часа дебата.

Пратениците Антонио Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ и Крсто Мукоски од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, кој го поддржува законот, од говорница разменија обвинувања за криминал.

Милошоски рече дека во 2017 година СДСМ го обвинуваше Мукоски и неговата фирма за криминал од 2 милиони евра, а откако гласаше за промена на Уставот, доби од власта тендери во висина од 4 милиони евра. Тој потсети дека СДСМ исто така го нарекуваше Мукоски терорист, зашто на 27 април 2017 година ги отвори вратите на Собранието за демонстрантите да може да влезат и да тепаат пратеници, но сега велат дека тој е храбар и реформатор.

Мукоски реплицираше дека Милошоски е уплашен човек и криминалец кој треба да одговара пред законот.

„Жал ми е што ВМРО-ДПМНЕ денес е заложник на двајца, тројца криминалци како вас и се претвори во партија од примерот на Златна Зора во Грција или радикалите на Шешељ. Тоа не беше фундаментот или основата на ВМРО-ДПМНЕ од самото основање на партијата. Патот на ВМРО-ДПМНЕ е патот кон евроатлантските структури“, рече тој.

Тој рече дека неговата фирма земала тендери од многу власти на легален начин и оти инспекциите не нашле ништо незаконско.

Во врска со случувањата на 27 април, тој рече дека како човек за таа несвесна грешка што ја направил си го одлежал своето и оти жали што такви како Милошоски кои ги упатувале луѓето што влегоа во Собранието не одговараат.

Милошоски на собраниската говорница извади и слики од пратеници и функционери на СДСМ со Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој е обвинет во случајот Рекет, за да ја докаже нивната поврзаност со него.

Јовановски е обвинет за тргување со влијание, односно дека со помош на поранешната обвинителка Катица Јанева, изнудувал пари од бизнисмени.

Пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара тие што се засегнати во некои од судските случаи, истражни или предистражни постапки, да не влегуваат во расправа за законот.

„Кога сме засегнати, добро е да не говориме зашто граѓаните ќе речат дека сме пристрасни. Имам свое мислење за законот и кога ќе дојде време ќе го кажам. Добро е да има добро законско решение за конечно да завладее правото и граѓаните да чувствуваат правна сигурност“, истакна Рангелова.

Таа е обвинета во случајот „Насилства во Општина Центар“ за поттикнување насилство на протестите пред Општина Центар во 2013 година.

За денеска во 15 часот беше закажана 136-тата седница за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, но како што најави потпретседателот на Собранието, таа ќе се одржи дури откако ќе заврши расправата по Законот за Јавно обвинителство.

На истата седница, како точки на дневниот ред се ставени и Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка, поднесен од пратениците Јован Митрески, Ејуп Алими и Никола Мицевски, како и по Предлог-законот за дополнување на Законот за лична карта во прво читање, поднесен од пратениците Јован Митрески, Фадил Зендели, Теута Биљали, Мухамед Зекири и Мирослав Јовановиќ.

Според предлог-измените на Изборниот законик, одредени избирачки места од општините Дебар, Крушево, Маврово и Ростуша се бришат од Изборната единица 6 и се додаваат кон Изборната единица 5.

Предлог-законот за дополнување на Законот за лична карта, пак, предвидува во образецот за лична карта да стои и податокот за етничка припадност на граѓанинот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG