Достапни линкови

Невработени актери - од гнев до (р)еволуција


Илустрација - сцена од претставата „Скопјани“ во која играат млади невработени актери
Илустрација - сцена од претставата „Скопјани“ во која играат млади невработени актери

Актерите во земјава велат дека постојано расте бројот на невработени во нивната фела. Невработена е и Сара Климоска, иако е една од најангажираните актерки. Некои од младите актери веќе и не се ни надеваат на вработување во некој од театрите, па сосема се насочуваат кон независната сцена.

Македонската актерка Сара Климоска, според платформата Европска филмска промоција (ЕФП) е една од 10-те најдобри актерски таленти во подем во Европа. На минатогодишното Берлинале таа ја доби наградата наградата „Шутинг старс“ (Shooting Stars).

Речиси и да нема македонски филм последниве години во кој Сара нема улога. Последниот е “Кајмак“ на режисерот Милчо Манчевски. Активна е и на театарската сцена, па го игра и главниот лик во најновата претстава “Сите сме птици“ на Слободан Унковски. Но ниту една не и е матична сцена, па и по десет години полнење на актерското портфолио со улоги, таа е невработена.

„Можам јавно да признаам дека на доста конкурси не сум се пријавила затоа што ми се чинело дека нема да, еве ќе ги искористам овие зборови - нема да изиграм некоја будала, да дојдам и да дадам сè од себе кога веќе знам кој ќе биде исходот на тие конкурси. И тоа ме болело од многу страни“, изјави Климоска за РСЕ.

Вели дека фаќањето „врски“ за да се дојде до вработување, за неа никогаш не било опција.

Актерката Климоска
Актерката Климоска

„Тој менталитет кај нас - дека сè се завршува преку тропање на врата, преку наоѓање одредена конекција, јас никогаш не сум го направила за ниеден мојот проект, па нема да го направам ниту за вработување во театар. Не значи дека во иднина нема да се роди некоја шанса. Јас сепак верувам дека одредени глумци се вработиле бидејќи биле навистина добри за тој театар, меѓутоа мене таква шанса досега не ми се отворила“, додава актерката.

Вели дека пробивањето на младите глумци во Македонија како мал пазар е многу тешко, а во многу ситуации и невозможно. Но и дека иако постојано има ангажмани и таа е во неизвесност, па се надева на промена.

„Се кратат буџети за култура, со тоа се крати и можност, се крати и просперитет. Навистина е културата ставена на некое маргинално место. Се надевам дека тоа нема да продолжи во тој правец, навистина. Се надевам дека некои работи ќе ги смениме, а тоа доаѓа и од нас. Мора тој гнев да вроди се надевам со некој плод на некаква еволуција или револуција“, потенцираше Сара.

Нејзината тазе дипломирана колешка Нина Елзесер е исто така невработена, но во моментов нема ни амбиција да си најде матичен театар, бидејќи како што вели, убаво и е на независната сцена. Со своите колеги глумци, како приватен проект ја играат претставата „Скопјани“ . Но, гледајќи ја ситуацијата на оние млади актери кои бараат вработување, заклучува дека борбата е голема и тешка.

„Гледајќи ја борбата на моите колеги, дипломирани актери, за да влезат во театар, сфаќам дека не е воопшто лесно тоа. Со оглед на тоа што театрите прават конкурси многу ретко и примаат по еден или двајца млади актери, сфаќам дека борбата меѓу актерите е многу, многу голема за да се влезе во театрите и тоа не е убаво“, изјави Елезесер, за РСЕ.

На 25-годишниот Филип Христовски му фали уште дипломската на Факултетот за драмски уметности за да биде актер со диплома. Веќе има диплома од Меѓународни интеркултурни студии во џебот, но тоа не му е план „Б“, бидејќи како што вели – неговото место е на сцената. И него не го загрижува тоа дали некоја ќе му стане матична.

„Не ме плаши тоа дали ќе си најдам матична сцена. Ме плаши моментот доколку снемува институции, доколку снемува театри, доколку нема репертоарска сезона. Тоа ме плаши само. Доколку има репертоар во театрите и на независната сцена, тоа значи дека ќе има простор за сите да си покажат што имаат“, изјави Христовски за РСЕ.

Според него, дел од актерите не ни сакаат официјално вработување.

„Мислам дека некои многу свесно влегуваат во тоа и не ни сакаат да бидат во некаква државна институција. Иако сепак, нели, парите за независната сцена често доаѓаат и од министерства. Мислам дека не е ни лошо ако си млад човек да бидеш на независната сцена. За мене не би било страшно. Можеби грешам затоа што уште сум на факултет“, додаде студентот.

Колку дипломираат, а колку места се отвораат?

Вкупно 114 актери дипломирале во последниве пет години (2017-2021). Од нив, 61 имаат диплома од ФДУ, а 53 од приватниот универзитет Еуропа Прима.

Но од Министерството за култура не добивме конкретен одговор колку актери се вработени во овој период.

„Според евиденцијата на Министерството во театрите низ државата има активни 78 позиции на ангажирани актери. За истите места, Министерството за култура на годишно ниво добива согласност од Министерството за финансии“, велат од Министерството за култура за РСЕ.

Според податоците пак на Агенцијата за вработување, во овој период биле огласени 168 работни места за занимања од групата актери, а се пополниле 118. Останува нејасно кој и со какви квалификации влегува во категорија актер или артист и како е дојдено до оваа бројка на вработувања.

Директорите на неколку театри од земјава со кои разговараше РСЕ велат дека се изненадени од бројките на Агенцијата, со оглед на тоа што со години чекаат одобрување од Министерството за култура за ангажирање на нов кадар.

Неофицијално, велат дека една од причините за јазот меѓу статистиката на АВРМ и ставот на актерите кои велат дека немаат можност за вработување е тоа што огласените работни места се за оние со договор на определено време кој се обновува, па и нивната позиција се брои во огласените.

Невработените бараат „аудиција“

Над 160 дипломирани театарски работници, годинава, на денот на театарот, 27-ми март ја покренаа иницијативата „Аудиција СЕГА!“, со листа на барања за подобар статус на невработените театарџии во земјава, межу кои најмногу има глумци. Во нивниот регистар се запишале 125 невработени театарски работници.

„Од 125 потписници, до сега се вработиле седуммина. Значи има 118. Односно 6% се вработиле. „Аудиција“ бара 60% од вкупната бројка. И да не заборавиме дека бројот на невработени ќе расте зашто во мај/јуни 2023-та ќе имаме нови дипломирани актери, режисери, продуценти од сите академии (приватни и државни) во земјава“, велат од Аудиција сега за РСЕ.

Иницијативата „Аудиција СЕГА!“ на почетокот на април ги дискутираше барањата на театарџиите на средба со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. По средбата, Министерството објави дека се договориле Иницијативата да се вклучи во процесот на изготвување на следниот Годишен конкурс во делот на ревидирање на критериумите и приоритетите за бодување и оценување на проектите.

Од почетокот на мај, претставник на „Аудиција СЕГА!“ е дел од работните групи кои во Министерството за култура работат на претстојната 4-годишна Стратегија за култура и на Законот за јавен интерес во културата.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG