Достапни линкови

Најголем напад на територијата на Русија од почетокот на инвазијата врз Украина


Конфликт во регионот Белгород, 22 мај 2023 година.
Конфликт во регионот Белгород, 22 мај 2023 година.

Руските доброволни единици усогласени со Украина го извршија најголемиот напад на руска територија од почетокот на инвазијата на Москва  во февруари минатата година.

Нападот, во кој проукраинските сили за првпат се обидоа да окупираат дел од Русија, е извршен додека Украина се подготвува за долгоочекуваната офанзива чија цел е ослободување на територија под руска окупација, пишуваат светските медиуми.

Кремљ го минимизира инцидентот

Гувернерот на руската област Белгород, Вјачеслав Гладков, изјави дека безбедносната операција продолжила во вторник, на 23 мај, еден ден откако руските борци кои се против Кремљ и се усогласени со Украина, извршија редок напад врз руска територија, пренесува весникот Њујорк тајмс.

Видеата објавени на интернет, потврдени од американскиот весник, ги покажуваат последиците од нападот на граничниот премин кај Граиворон, град во Белгород, северно од градот Харков во источна Украина.

Урнати беспилотни летала над руската област Белгород

На едно видео се гледаат неколку војници и три оклопни возила, од кои едното има ознаки на украинската опрема, како опкружуваат оштетена зграда. Друго видео покажува војник и оклопно возило со украински ознаки на раскрсница на околу пет километри во руска територија, додека трета се чини дека прикажува проукраински борци како заробуваат руско оклопно возило.

Групата наречена Легија на слободна Русија, за која вели дека е составена од Руси, тврдеше дека стои зад нападот. Групата работи под покровителство на Украинската меѓународна легија, која е надгледувана од украински офицери.

Украинските власти се обидоа да ја претстават акцијата на единицата како доказ за поделеност меѓу Русите, но, како што истакнува Њујорк Тајмс, не е јасно дали групата дејствувала самоиницијативно или по наредба на украинските офицери.

Украинската воена разузнавачка агенција ги идентификуваше напаѓачите како „граѓани на Русија ориентирани кон опозицијата“. Портпаролот на службата изјави за украинските весници дека руските партизани работат на создавање безбедносна зона за заштита на украинските цивили во близина на границата.

Од друга страна, Кремљ се обиде да го минимизира инцидентот. Портпаролот Дмитриј Песков изјави за руската новинска агенција Тас дека тоа е обид на Украина да го „одвлече вниманието од ситуацијата“во Бахмут во источна Украина, за кој руските сили тврдеа дека го освоиле викендов по речиси едногодишна битка.

Руските власти тврдат дека вооружените бунтовници кои ги извршија нападите во Белгород се поразени, а 70 од напаѓачите, за кои инсистираат дека се Украинци, се убиени, јави Би-Би-Си.

Селата во близина на границата беа евакуирани откако беа гранатирани во една од најзначајните прекугранични рации од Украина од почетокот на руската инвазија.

Поради упадот на проукраинските сили, Москва соопшти дека започнала антитерористичка операција, која на властите им дава посебни овластувања да ги ограничат комуникациите и движењето на луѓето. Тие мерки беа укинати дури во вторник попладне, а дури и тогаш една од паравоените групи тврдеше дека сè уште контролира мал дел од Русија.

Руското Министерство за одбрана тврди дека руските сили убиле десетици, како што рече, „украински терористи“ во артилериски и воздушни напади, а останатите борци ги вратиле назад преку украинската граница.

Ваквиот напад на проукраинските сили веројатно не е нешто што Западот би го поздравил, оценува Би-Би-Си, посочувајќи дека Украина добила западно оружје под услов да не го користи за цели во Русија.

И покрај официјалните деманти од Киев, тешко е да се поверува дека овој напад бил извршен без помош на украинското воено разузнавање, истакнува британската служба, додавајќи дека нападот одговара на наративот на Кремљ дека безбедноста на Русија е загрозена од силите поддржани од Западот.

Одгласи на војна од Украина

Додека во Москва и Санкт Петербург ефектите од руската инвазија на Украина се рефлектираат во зголемените трошоци за живот, во Белгород се чувствуваат потреси од далечни експлозии, пишува Гардијан.

Градот Белгород се наоѓа на повеќе од 600 километри од Москва, но и на само нешто повеќе од половина час возење од границата со Украина, поради што е една од клучните точки во руските линии за снабдување, но и посебно ранлив.


Москва претходно го обвини Киев за напади врз регионот Белгород од каде беа лансирани ракети кои ги претворија градовите низ Украина во урнатини. Русија ја обвинува Украина за напади врз магацини за нафта, саботирање на железнички мост, кревање во воздух складишта со муниција, па дури и истрелување проектили врз згради во градот Белгород.

Жесток руски воздушен напад врз Киев

Сепак, како што пишува британскиот весник, во тажна иронија, самата руска армија предизвикала најголема конфузија кај граѓаните на Белгород. Руските војници се обвинети за серија напади, несреќи и експлозии во регионот.

Во октомври, 11 руски војници беа убиени кога двајца доброволци отворија оган на воен полигон во регионот Белгород. Во експлозија предизвикана од „невнимателно“ ракување со граната во продавница за муниција во јануари загинаа три лица, а беа повредени 16. А потоа минатиот месец, руски воен авион фрли бомба врз градот Белгород. Руското Министерство за одбрана го опиша инцидентот како „случајно пуштање на воздушна муниција“.

Пред украинската офанзива

Иако обемот на упадот на проукраинските сили не можеше да се утврди, видеото се чини дека покажува дека тие презеле контрола врз неколку села долж руско-украинската граница.

Нападот во Белгород, најголемиот на руска територија од почетокот на војната, беше извршен додека Украина се подготвува за офанзива за враќање на дел од нејзината територија окупирана од Русија, пишува „The Wall Street Journal“.

Украина презеде чекори во последниве недели за да добие офанзивна предност, вклучително и напади врз руските воени касарни и складишта за снабдување далеку зад линијата на фронтот. Воените стратези велат дека Киев најверојатно ќе продолжи со операциите што ќе ја исфрлат Русија од рамнотежа и ќе ја принудат да ги прераспореди силите од одбранбените линии.

Зеленски најави контраофанзива против Русија

Упадот во Белгород е извонреден пресврт за Русија, оценува американскиот весник и додава дека акцијата потсетува на руската тајна инвазија на Украина во 2014 година, кога руските војници се појавија без ознаки на украинскиот полуостров Крим. Рускиот претседател Владимир Путин тогаш негираше дека се работи за Русите и рече дека целата опрема што ја имаат лесно може да се купи во продавница за воена опрема.

Михаил Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, сега со потсмев се осврна на таа изјава кога на Твитер негираше вмешаност на украинската влада во инвазијата на Белгород.

„Како што знаете тенкови се продаваат во која било руска воена продавница, а подземните герилски групи се составени од руски граѓани“, напиша тој на Твитер.

Долго планирана акција?

Руските проукраински партизански единици и претходно вршеа рации преку границата, но нападот во Белгород е првпат тие да се обидат насилно да заземат населени места и да ги задржат со поддршка на тешка артилерија и оклопни возила, пишува Тајмс.

Снимките од беспилотни летала објавени на Телеграм од украинските воени канали покажуваат експлозии на гранати на руските гранични премини, како и конвои борбени возила, вклучително и она што изгледаше како Хамви, кои со брзина се движат по патот кон Русија. На едно видео се гледа како тенк минува низ граничен премин.

Украина веќе подолго време планира таква операција, според документите објавени на Дискорд од Џек Тешеира, припадник на воздухопловните сили на Националната гарда на САД.

„Украина дава сеопфатна поддршка за руските доброволци кои се подготвени да ги ослободат руските територии од тиранијата на претседателот Путин со вооружени средства. Таквите одреди се опремени со различни квалитативни видови оружје на НАТО; персоналот добил соодветна обука за употреба на такво оружје и има успешна борба искуство од различни делови на линијата на фронтот во Украина“, се наведува во еден документ.

Во друг, се наведува дека „извештаите зборуваат за операции на доброволна инфилтрација во регионите Брјанск, Курск и Белгород планирани за март-април 2023 година, со цел да се преземе контрола врз териториите и да се прогласат новосоздадени држави“.

„Исто така, планирано е да започне формирање на поголема воена компонента базирана на доброволци за создавање фронт за граѓанска војна во Русија“, се наведува исто така во документот.

Проукраински Руси

Рускиот волонтерски корпус и Легијата на слободна Русија ја презедоа одговорноста за нападот, според „Фајненшл тајмс“.

Легијата на својот канал Телеграм објави дека „целосно го ослободила“ малиот пограничен град Козинка во Русија и се движи кон Граиворон, кој е на 60 километри од регионалниот центар. Русија ќе биде слободна!“, се наведува во пораката.

„Ние сме Руси како вас. Ние сме луѓе како вас. Сакаме нашите деца да растат во мир и да бидат слободни луѓе, да можат да патуваат, да учат и да бидат среќни во слободна земја“, рече борецот на Легијата. видео порака.Слободна Русија.

Тој објави неколку видеа на каналот Телеграма на групата на кои се чини дека покажуваат вооружени членови на руска територија во регионот на Белгород.

Водачот на рускиот волонтерски корпус, рускиот крајно десничарски екстремист Денис Никитин
Водачот на рускиот волонтерски корпус, рускиот крајно десничарски екстремист Денис Никитин

Рускиот волонтерски корпус изврши неколку слични рации во Русија од почетокот на март, по што рускиот Врховен суд ја прогласи групата за терористичка организација. Шефот на таа организација е рускиот крајно десничарски екстремист Денис Никитин.

Никитин изјави за Фајненшл Тајмс во март дека тој и неговите борци сакале да докажат дека некои од најстрого чуваните погранични области на Русија може да бидат пробиени. Минатата недела тој за весникот изјави дека тој и неговата единица стојат зад серијата напади на руските железници во областа Брјанск.

Легијата на Слободна Русија, исто така, тврди дека е составена од руски државјани, вклучително и руски војници кои пребегнаа на украинската страна и ја формираа единицата со помош на украинската државна безбедност. Нејзината цел, како што наведува, е „да ги заштити Украинците од вистински фашисти“.

XS
SM
MD
LG