Достапни линкови

„Навезени спомени“ во чест на великанот Блаже Конески


Плакатот за изложбата „Навезени спомени“
Плакатот за изложбата „Навезени спомени“

Повеќе од педесет најкарактеристични народни везови, од различни етногеографски области на нашата земја се претставени на изложбата „Навезени спомени“, што од 29 декември и во наредниве два месеца се одржува во Музеј на Република Северна Македонија.

Со мисла на овој начин да се даде свој придонес кон одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на втемелувачот на соврмената македонска филологија и лингвистика, поетот Блаже Конески, во Музеј на Република Северна Македонија од 29 декември и најмалку во наредните два месеца ќе се одржи изложбата „Навезени спомени“. Оваа поставка чиј автор е кустосот-советник Горданче Видиниќ ја чинат 53 најкарактеристични народни везови, од различни етногеографски области на Македонија. Везовите коишто се поставни во 30 рамки во Изложбениот салон претставуваат значајно сведоштво за креативноста, оригиналноста и вештината на жената – везилка, но и за традицијата што со векови се пренесувала од колено на колено.

Од таму, Видиниќ во текстот за каталогот со право забележува дека „неслучаен бил поривот на нашиот го­лем, но и светски признаен поет Блаже Конески да ја воспева македонската жена“.

Во песните „Везилка“ и „Убавите жени“, тој ги воспева нејзините најдобри, единствени и неприкоснове­ни вредности: улогата на мајка, чувар на куќата и домот, вредна домаќинка, но и исклучително инвентивна и талентирана жена, везилка. Тоа се неговите најубаво испеани стихови за неа, за жената, за мајката, за сите мајки посветени до­крај на домот, на семејството и сите потреби што произлегувале од него во секојдневниот живот.

Везовите, најпрво биле создавани во меч­тите на жената везилка, а потоа, со вештината на рацете, со љубовта на срцето и чувството за уба­вина, ред по ред вези, ред по ред сонувај, дури докрај не се отсонува сонот што треба да биде ставен на платно, и тоа одопаку, токму како што е поголемиот дел од македонските везови, вели таа.

Авторката на поставката пишува дека „везејќи, жената ја изразувала својата распнатост помеѓу емоциите и секојдневниот живот, како: љубовта, изневерувањето и неостварливоста на таа љубов, осаменоста, тагата поради минливос­та на животот, стравот од смртта, желбата да се открие мудроста на животот и да се извлече она најубавото од него, за да се почувствува сета по­лнота и убавина на живеењето.

Преку нив, таа ги раскажала своите најдлабо­ки чувства, ја извезла својата животна приказна проткаена со среќа и тага, со болка и радост, коп­неж и надеж, одважност и храброст, стравови, сомнежи и јанѕи, чувства коишто постојано се испреплетувале и се испреплетуваат во секој човек, забележува Видиниќ.

А Јован Шурбановски, кустос и до неодамна в.д Директор на Музејот, ќе рече дека со „Навезени спомени“ тие како национална установа имаат ретка можност и привилегија на публиката, почитувачите на традицијата и пошироката културна јавност да и презентираат само дел од ризницата на културното творештво на Музејот на Република Северна Македонија - уметноста на македонскиот народен вез преточен на традиционалната народна носија.

Појаснува дека оваа традиција пренесувана од поколение на поколение оставила силен печат врз нашето културното наследство. Дека еволуцијата на оваа исклучителна вештина низ времето, внесувала бројни колоритни промени и инфилтрирање на разновидни мотиви, што само придонеле за евидентен развој на оваа традиција во јасно издиференцирана народна уметност. Од таму, во својот текст, тој заклучува дека „сево ова е резултат на колективниот уметнички потенцијал кој се негувал во средините каде македонскиот народен вез се развивал, сведочејќи за творечката оригиналност на неговиот создавач“.

Сите овие уметнички сликовни ноти, славниот поет Блаже Конески ќе ги преточи во песна, која вечно ќе сведочи за судбината на македонската везилка од која бара сопатник во потрагата по инспирација. Ликот на везилката која ја зема како сведок на историјата на македонскиот народ, која восебе ги носи и преточува сите копнежи, таги, стравови, љубов и слобода.

Денес, во чест на 100 годишнината од раѓањето на втемелувачот на современата македонска филологија, лингвистика и култура, Блаже Конески, презентираме дел од една од најбогатите и највпечатливи збирки од нашиот музеј. Заедно, книжевното со материјалното етнолошко културно наследство, вткаени преку нишката на македонските везилки, ни оставаат аманет за грижа и посебен однос за нивната заштита и презентација, а со тоа и негување на сопствените корени, традиција и културен идентитет, ќе рече Шурбаноски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG