Иако настанато во услови на светска пандемија и засилени мерки за превенција и заштита од Ковид-19, Здружението за унапредување на правата на музичарите „Музика – сега“ во основа ги артикулира општите права на музичарите и музичките работници во Македонија. Иницијаторите за негово формирање потсетуваат дека на почетокот всушност се работело за иницијатива која отворила неколку прашања кои биле акутни како немањето никакви ангажмани и непостоењето на било какви насоки и динамика на македонската музика во новонастанатите услови на изолација и карантин. И, се така до моментот кога во јуни годинава е формирано како правен субјект Здружението „Музика – сега“.
- Ова Здружение не е само против пандемијата и моменталните услови. Ова Здружение треба да го исполни вакумот којшто постои повеќе од дваесеттина години. Некои од здруженијата од свои причини не успеваа да ги етаблираат нашите права, некои и не беа предвидени за такво нешто, па ние сфативме дека треба да конструираме нешто комплетно ново, од корен, базирано врз чесни принципи и заеднички на крајот на краиштата, коешто здружение заедно со другите постоечки ќе формира Унија и така ќе формираме поширок фронт со надеж дека конечно ќе излеземе од сивата сона каде што се наоѓаме и конечно ќе успееме да си обезбедиме достоинствен живот и достоинствено функционирање, вели Трајко Симоновски, претседател на „Музика – сега“.
За оваа цел, Здружението за унапредување на правата на музичарите во својата програма предлага пет мерки. Најнапред итна средба со релевантните државни институции со идеја за да се изнајдат механизми за помош и подршка од Владата, а тие како асоцијација да понудат план за организација на музички настани ширум државата за кои музичарите би добиле соодветен надомест и можности да преживеат во наредните неколку месеци. На тој начин тие искрено веруваат дека ќе можат да го одржуваат и постојано да го креваат нивото на културата во соработка со постоечките и функционални Домови на култура и општините во кои би се одржувале тие настани. Потем од Здружението предлагаат итна ревизија на сите протоколи што се однесуваат до нив музичарите, за кои во најскоро време би предложиле измени и дополнувања. Сугерираат барем еднаш месечно информативни состаноци и средби на Комисијата за заразни болести со здруженијата, искрено се надеваат дека во Министерството за култура можат да се изнајдат можности за пренамена на дел од општинските буџети за организација на музички настани на територијата на целата држава, на ревизија на вреднувањето на проектите од национален интерес, поголема и правична застапеност на домашните музичари во медиумите со што би биле во позиција за остварување на неколку проценти поголеми приходи од Здружението за заштита на авторски права (ЗАМП) и така со ред.
- Ниту се сомневаме дека корона постои, ниту ја потценуваме работата на здравствените работници, напротив, секоја чест и една голема подршка од Здружението „Музика – сега“ до нив, ниту мерките сметаме дека се носени со лоша намера, меѓутоа бараме ревизија на истите бидејќи навистина содржат многу небулози, многу нејаснотии и не можат да се применат конкретно во пракса, а „благодарение“ на три – четири поединци коишто за целото време не ги почитуваат протоколите целата фела испадна дека мора да седи дома, а и добар дел од угостителските објекти и клубови да останат затворени. Тоа не е фер и не е коректно, смета Петар Младеновски.
Петар Младеновски и Трајко Симоновски
Гого Поп Георгиевски, пак, истакнува дека Здружението „Музика – сега“ ќе сугерира една фер реорганизација во општеството каде музичарите ќе ги заземат своето место. Тој смета дека во државата има доволно средства, доволно паметни луѓе, но дека системски работите не се коректни. Затоа потсетува дека пандемијата е лоша, но дека таа остава простор за реорганизација која треба да им оди во прилог на сите.
- Сите како општество треба да се потрудиме македонската музика да остане и да биде жива не поради профит, туку затоа што е едно од нашите најголеми богатства. Меѓутоа треба да се има во предвид дека за да биде тоа остварено потребни се финансии и дека музичарите не можат туку така да опстојуваат и да творат, посебно во една ваква критична ситуација, да создаваат квалитет и да создаваат наследство. Примарната цел на Министерството за култура беше заштита на културното наследство. Секој музичар во Македонија, било тоа да е аматерски или професионален... е дел од живото културно наследство. Зарем ние тоа треба да го занемариме. Зарем не треба да заштитиме, потсетува Поп Георгиевски, член на Здружението „Музика – сега“.
Инаку, неодамна формираното Здружение за унапредување на правата на музичарите сеуште немало официјална средба со државните институции и во очекување е дека таа наскоро би требало да се случи. Нагласуваат дека од оваа состојба засегнати се околу 20.000 музичари од земјава и нивните семејства и дека најитно треба да се донесат мерки со кои би им се помогнало да преживеат во наредниов период на втор, трет бран или нов силен замав на кризата.