Украдените речиси милион евра од куќа во Скопје предизвикало огромен број коментари на нашата ФБ страница. И претпоставки од каде му се на сопственикот толку пари, па уште и дома и зошто не ги чувал в банка и да ги пријави во УЈП. Никола С Ангелл како коментар ја кажал старата вистина: „Како дошле така отишле“, исто како и Орфеј Нака Ахмедовски само на турски: „Haram geldi haram gitti“, алудирајќи дека се незаконски заработени, па така и ги снемало. Дивна Гешовска постирала: „Браво, да види сега како е да имаш па да немаш“. Љупка Чичевска – Стоевска со задоволство: „Аххх, браво! Еден милион да чуваш дома значи уште 10 имаш по банки. Ништо страшно, со здравје да си ги ужива новиот сопственик“, а Бранко Николовски ѝ одговара: „Така е, алал да му е како дошло така ошло, а тој што ги имал парите сега да се затвори за затајување данок“. „Овој на Боки ташната ја чувал изгледа!“ – шегобијно постирал Владимир Филиповски.
Заради компликации од корона вирусот почина и првиот лекар – Арификмет Деари од Тетово, инаку уролог, кој бил хоспитализиран заради невролошки проблеми, соопшти министерот Венко Филипче. Коментарите главно се сочувства до семејството, но има и од оние во стилот, „лажат, нема корона“, „колку испоумираа, а само 2 милиона народ сме во Македонија“ и други неумесни коментари... Милев Иван резигнирано напишал: „За сите што тресат зелени, не внимаваат, не веруваат, зборуваат небулози, им порачувам дека ʼзимата е назадʻ а животот е ʼтркалоʻ“.
Голем број ваши постови, почитувани, има и по неделното интервју на РСЕ со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој покрај другото кажува: „Реалноста за името не ја игнорираме, но македонскиот оган нема да згасне...“
Љупчо Пинтовски луто постирал два коментара: „Значи, пак лажење... Ако ја прифаќаш реалноста не можеш и да ја негираш, истовремено...“ и „Ами, што тогаш се ку...чиш дека не признаваш договори, дека ќе ги менуваш, дека нема да го употребуваш новото уставно име Република Северна Македонија и тн...???? Или само гол популизам за твоите патриотчињаааа...“ Мицкоски во интервјуто исто така вели: „Ние ја користиме вокативната форма од името Македонија, тоа е Македонијо, зашто сакаме да покажеме еден вид на гордост...“ А Владимир Милчин постирал: „Абдалу е исто така вокативна форма. Абдал во падеж (вокатив)! Инаку, на македонски се вели вид гордост, не вид НА гордост! Покажи еден вид гордост и унапреди го владеењето со мајчиниот македонски јазик“. Посетителите на нашата ФБ страница, во предизборјево, ги вадат на виделина и наводните валкани дејанија на блиски или на претставници на двете најголеми партии. Потпишан со Марко Цепенко објавува линк до ФБ страницата „Слободно Кавадарци“ каде што на 2 мај 2019 година е објавено појаснување за делата на Благој Давков, сопругот на предводничката на ВМРО-ДПМНЕ на една од партиските листи, Гордана Силјановска Давкова, кога бил директор на земјоделско-сточарската задруга „Доне Попов“ и неговото наводно профитерство со задругата. Драган Марковски, пак, го пренесува текстот на Инфомакс, пренесен од порталот Плусинфо дека, наводно, „Цело СДСМ е вклучено во случајот ʼРекетʻ, Заев, Шилегов, Шекеринска, Мила...“ Стојанче Стојанов го коментира интервјуто на Мицкоски за нашево радио: „Абе вмровчиња како тебе нѐ тапкаа 30 години во место и сега ако дојдете на власт ќе враќате Преспански и ќе менувате име. ... Сега сакате пак да бидете на власт и да нѐ вратите од отворените порти што ни ги отворија НАТО и ЕУ. Арам да ви се тие 11 години владеење...“ Трајче Трајковски му одговара: „Нема да го вратат (името), они учествуваа во промената на името“.