Достапни линкови

Менување на правилата на игра: Одржлива мода за одржлива иднина


Креација на Son of Salome
Креација на Son of Salome

Мултимедијалниот проект #NoWaste кој е во фокусот на 24. сезона на Моден викенд Скопје ќе обедини колекции кои се инспирирани од идејата за креирање преку рециклирање. Дел од македонските млади модни дизајнери добиваат шанса да ја прикажат својата визија за одржлива мода.

Претстојното издание на Моден викенд Скопје, водено од слоганот „Beyond the Fields”, ќе ја истражува врската помеѓу термините „slow fashion“ во смисла на одржлива мода и терминот „slow food“, презентирајќи како со вкрстување на овие два концепти може да се надеваме на плодна и одржлива иднина.

Следејќи ја иницијативата #NoWaste, идејата за креирање преку рециклирање е она што ги обединува колекциите.

Освен искусните, настанот ги поврзува и младите модни дизајнери со модната платформа. Некои од нив веќе размислувале на темата во фокусот и работат во духот на одржливоста. Таков е примерот на 21 годишната модна дизајнерка Мирјана Јосифоска.

„Секогаш се трудам да работам со материјали коишто се од природно потекло, или пак, материјали кои на некој начин можат да бидат рециклирани. Тука спаѓаат и материјали што можам да ги најдам во текстилни работилници. Тоа се помали парчиња, кои потоа би можела да ги реупотребам. Тоа ми е во фокусот на брендот, а во однос на употребата, односно производството на самите модели, секогаш се стремам кон рачна изработка и се разбира - да нема експлоатација на труд при изработката на моделите“, изјави Јосифоска за РСЕ

Креација на Мирјана Јосифоска
Креација на Мирјана Јосифоска

Младите на потег

Младата креативка која студира Моден дизајн на Факултетот за дизајн и мултимедија при Американскиот универзитет на Европа ФОН, потенцира дека токму младите генерации на дизајнери може да ја сменат модната слика во насока на создавање на одржлива мода.

„Младите генерации се тие коишто се најсвесни за самата идеја за одржливост и генерално тоа е поради интернетот и мислам дека тие се и најинформирани за сето ова. Така што, поголемиот дел од младите дизајнери кои ги знам баш се стремат и сакаат да работат на овој начин“, вели дизајнерката.

Ова ќе биде нејзино прво самостојно претставување на скопскиот Моден викенд.
А во група од четворица ученици од средното училиште „Димитар Мирасчиев“ од Штип, својата визија за реупотреблива мода ќе ја претстави 16 годишниот Огнен Митревски, менториран од модната дизајнерка и негова професорка, Емилија Славкова.

„Идејата на нашата колекција е да се реискористи некој материјал, бидејќи темата е „Reware“ или нешто повторно да се носи. Moже да се забележат многу трендови и многу ситуации во модната индустрија, каде не се внимава на средината или се користат некои текстили што не би требало да се користат. Инспирација е кружниот дизајн, односно нешто да се реупотребува, да се искористи до максималната вредност, пред да се извади од употреба. Искористивме елементи на деним и со нив настана една колекција којашто намерно може да се забележи дека е направена токму од реискористен деним“, вели Митревски за РСЕ

Креација на Огнен Митревски
Креација на Огнен Митревски

Освен што ќе се забележи дека тексасот е реискористен, за Митревски не е проблем ниту да се забележи дека моделите се дело на тинџејџери. Напротив, вели дека со оглед на тоа што се претставуваат во друштво на дел од веќе докажаните модни дизајнери, Огнен и екипата се почетници , па тој факт треба да се има предвид.

„И да се забележи дека тоа го правеле средношколски дизајнери, сепак тоа треба да биде така, бидејќи ние сме аматери. Но се надеваме дека ќе се покажеме што подобро, бидејќи навистина се трудевме околу колекцијата“, додава младиот Митревски

И за Јосифоска, која иако е поискусна од Митревски, сепак е на почетокот на својата модна приказна, предизвик е да се се биде дел од платформа на која се појавуваат веќе докажани имиња.

„Предизвикот е поголем затоа што на некој начин не си толку сериозно сфатен како брендовите кои постојат веќе подолго време“, истакнува младата Јосифоска.

„Дајте ѝ живот на старата облека“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:28 0:00

За прв пат оваа година, моден центар нема да биде само Скопје. На мапата со модни настани врзани со Моден викенд се заокружуваат и Битола и Штип. Некои ќе бидат физички, други виртуелни.

Пандемискиот амбиент диктира и поинаков концепт, па 24. сезона, на 2. и 3. октомври, ќе донесе нови колекции од дизајнерите, преку пренос во живо на социјалните медиуми на Fashion Weekend Skopje, претставени низ кратки модни филмови и фотографии.

Моден викенд отвора простор за докажување на 30 креативци, кои според организаторите, ги менуваат правилата на играта во модниот бизнис. Во агендата има и изложба, „шоурум“, експериментална колекција, но и панел дискусии и модни дебати на тркалезна маса, предвидени со мултимедијалниот проект NoWasteMK кој е во фокусот.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG