Продолжува серијата на големите концерти во Филхармонија. По магичната премиерна изведба на „Реквием за мојот пријател“ од Збигњев Прајснер, неговата емотивна посвета на режисерот Кшиштоф Кишловски, оркестарот овој четврток, во традиционалниот термин од 20 часот, со музика за љубителите на симфонизмот. Концертот е насловен „Моќта на класиката“ и донесува изведби на три големи дела. На програмата се Симфонијата бр. 5 од феноменот Лудвиг Ван Бетовен, Сцена и рондо за англиски рог и оркестар од Антон Рејха и Концерт за англиски рог и оркестар од Јозеф Фиала. Солистка ќе биде Маја Чаначевиќ, а диригент маестро Конрад ван Алфен од Холандија.
И, по ваквата основна информација најнапред збор-два за изборот.
Иако Петтата Бетовенова восхитува во својата презентација, компактност и извонредна музичка содржина, таа не била создадена во еден креативен импулс на генијот. Дури слови за едно од ретките негови дела кое е создавано во подолг временски период. Тој во меѓувреме додека работел на Симфонијата бр. 5 завршил други две со потполно различен карактер од нејзиниот: во 1806 ја напишал лирската Симфонија бр. 4, а во исто време со Петтата ја завршил и Шестата, која ја насловил „Пасторална“.
Во периодот кога ја завршил оваа феноменална Симфонија, Бетовен веќе се помирил со глувоста, иако како што самиот напишал „малку недостасува да си го одземам животот, но љубовта кон музиката ме спаси од овој очајнички потег“. Симфонијата носи предзнак „Судбинска“, а овој контекст произлегува од желбата за живот на Бетовен која најдобро ја преточил во мисла во едно писмо: „Сакам да ја фатам судбината за гуша. Нема да ѝ дозволам да ме скрши. Ах, колку е убаво да се живеат илјада животи!“.
Симфонијата првпат била изведена во Виенскиот театар, на 22 декември 1808 година, заедно со шестата или „Пасторална“ и од мнозина се смета за најпопуларно дело во неговиот творечки опус.
Од друга страна, Антон Рејха (1770 – 1836) е роден во иста година со Бетовен и во тинејџерските години биле пријатели и заедно свиреле во оркестарот во Бон. Неговиот музички стил е релативно конзервативен и формален, а таква е и неговата композиција „Сцена и рондо за англиски рог и оркестар“. Но истовремено, ова дело, како и останатите композиции на Рејха, изобилуваат со богата мелодичност и прилично силна и доминантна музичка структура.
Конечно, Јозеф Фиала (1754 – 1816) е чешки композитор од ерата на класицизмот. Неговото искуство како одличен музичар и мајстор на обоата му овозможило и полесен пристап до создавањето дела. Концертот за англиски рог и оркестар во Це-дур претставува олицетворение на неговата маестралност како солист, бидејќи во него ги инкорпорирал сите изведувачки аспекти кои ги поседувал како врвен музичар во своето време. Делото има типичен класичарски звук и тоа во себе ја содржи едноставноста на изразот кој е препознатлив аспект на музиката од тоа време. Едновремено пропагирајќи и чистота на изразот збогатена со убаво обликувани теми во англискиот рог, но и вешто поставена структура во оркестарот. И самиот Моцарт бил воодушевен од неговиот композиторски капацитет и перфектноста на неговата изведба и во една прилика му кажал на Рејха дека има одлични идеи. Концертот е одлично парче музика исполнето со убави емоции и во ниту еден момент не звучи стереотипно, напротив исполнува со својата енергија и вешто избалансирана музичка структура.
И, овде полека доаѓаме до солистката - нашата позната музичка уметница Маја Чаначевиќ.
Родена во Скопје, таа ги завршува средното музичко образование и Факултетот за музичка уметност. Дипломирала обоа во класата на проф. Гордана Јосифова-Неделковска. Веднаш по дипломирањето ги завршила и постдипломските студии по културен менаџмент, a магистрирала и во областа на музичката уметност во класата на проф. д-р Владимир Лазаревски.
Во текот на образованието добитник е на бројни награди на државните музички натпревари, како и наградата за најдобар студент на ФМУ. Инструментот обоа го усовршувала и кај светски признатите обоисти Пол Домбрехт и Давид Валтер.
Почнувајќи од периодот на студиите, па сè до денес, настапувала како солист, или пак како член на камерни оркестри на сите фестивали во Македонија, но и во Холандија, Украина, Босна и Херцеговина, Турција, Унгарија, Косово, Бугарија, Србија, САД итн.
Таа досега има реализирано бројни аудио- и видеоснимки, а постојан член е на камерното студио „Бахус“, камерниот ансамбл „Консонанс“, оркестарот F.A.M.E.’S...
Афинитетот кон менаџирањето го покажува уште во периодот на студиите кога ја започнува и работата во Музичката младина на Македонија, а потоа и како претставник на Македонија во неколку тела на Меѓународната организација на музичка младина (Youth of Music International), како член на Советот на „Охридско лето“ и прв секретар на Македонскиот музички совет. Огромното искуство во областа на културниот менаџмент, покрај организирањето различни концерти, раководење ансамбли и оркестри, го реализира и преку одржување семинари, како и пишување и објавување повеќе статии од оваа област.
За нејзината успешна работа како лидер, но и како уметник, одликувана е и со највисоки меѓународни и национални признанија. Во 2011 година, беше одликувана со Медал за посебни заслуги во областа на културата и уметноста, доделен од државата Полска, медал кој многу ретко се доделува на странци. Одликувана е и со националниот Медал за посебни заслуги и придонес кон македонската култура, доделен од Бигорскиот манастир.
Во 2018 година, по предлог на француското Министерство за култура, одликувана е со највисокото признание кое го доделува Франција во областа на културата и уметноста – Витез од редот на уметноста и книжевноста.
Маја Чаначевиќ повеќе од две децении е вработена како обоист и солист на англиски рог во Македонската филхармонија. Во периодот 2007 – 2017 година, во три мандати беше директор на оваа наша национала установа, и за тоа време беа реализирани бројни проекти кои на институцијата и го донесоа угледот кој денес го ужива кај публиката и широката културна јавност.
Маестро Конрад ван Алфен, пак, и е добро познат на македонската публика. Посебно на оние кои не ги пропуштаат концертите во Филхармонија. Инаку, за холандскиот диригент светката критика ќе забележи дека е „инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат“. Кон ова и уште неколку факти. Овој етаблиран холандско/јужноафрикански диригент кај оркестрите и публиката станал исклучиво популарен благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам и тој во изминативе безмалку две децении го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Исто така, Конрад ван Алфен е гостин-диригент и со оркестрите на добропознатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург.