Достапни линкови

Млада гостиварчанка во мисија да ги открие тајните на вселената


Младата истражувачка на космосот, Марија Милошевска
Младата истражувачка на космосот, Марија Милошевска

Вселената е бескрајна инспирација и никогаш докрај истражен терен за многумина, а една од нив е и младата Марија Милошевска. Пасијата и знаењето на оваа тема таа го потврди со признание и награда.

На 17 годишната гостиварчанка Марија Милошевска, Интернационалниот научен натпревар по астрономија и астрофизика (IIAC) и донесе супер искуство, но и признание „Златна почест“. Нејзина конкуренција беа учесници од 80 земји. Најистакнатите меѓу нив, вклучувајќи ја и Марија, добија специјална „Национална награда“ како најдобри натпреварувачи од својата земја.

Признанието и наградата се потврда за досега наученото, ама и мотивација за истражувањето на космосот да продолжи. Минатата година добила бронза, сега „колекцијата“ која брои повеќе награди од различни натпревари се дополнува со златото од овој.

„Самата награда не ми значи ништо повеќе од било која друга. Се разбира, се чувствувам исполнето, но она што е највредно за мене се силните емоции предизвикани кај најблиските и поддршката од оние кои искрено се радуваат“, вели Милошевска за РСЕ.

Национална награда за Марија Милошевска
Национална награда за Марија Милошевска

За ученичката во ПСУ „Јахја Кемал“, универзумот е бескраен терен на инспирација.

„Кога човек би се споредил со големината на универзумот, би се почувствувал мало, безвредно. Епа кај мене се случува спротивното - фактот дека сè што знаеме дека постои, сè околу нас има исто потекло, дека сите нешта се една заедница, е најпоетското нешто кое го имам слушнато и некогаш ќе го слушнам“, вели средношколката.

Признанието „Златна почест“ за Марија Милошевска
Признанието „Златна почест“ за Марија Милошевска

„Животот е нешто многу поголемо од она што го гледаме секојдневно“

Проучувањето на космосот за Марија значи и поинаков поглед на животот.

„Тоа што мали суштества како нас можат да проучуваат нешта многу поголеми - почетокот на сè што постои, неговата еволуција, како и проучувањето на интеракциите и својствата на тела на толкави далечини, прави да размислувам за животот како нешто многу поголемо од она што го гледаме секојдневно. Може да се каже дека преку астрономијата и астрофизиката, малку по малку ја пишуваме баладата на универзумот“, вели Милошевска.

Пат до вселената очекувано е на нејзината листа со најголеми желби. Има и посебна „станица“, како и план за екипа која би ѝ правела друштво.

„Се разбира дека да, особено би сакала да поминам крај Јупитер и да можам да се восхитувам на величественоста на "неуспешната ѕвезда". Сепак, позначајно, а и пореално би ми било ако на некој начин придонесам во откривањето на нејзините тајни. Ако патувањето е „научна мисија“, би сакала да бидам опкружена со тим соодветен за истата. Но, ако е за „задоволство“, би повела поединци кои истото би ги направило среќни“, вели младата Марија.

Марија има омилена позиција за набљудување на ѕвездите од позиција – Земја, но вели дека загадувањето често е пречка за уживање.

„Најголемо уживање ми е кога го набљудувам небото со сестра ми од терасата на нашето поткровје. Иако тоа е сѐ потешко поради силното загадување во околинава, здогледувањето на најчесто некое соѕвездие или видлива планета предизвикува смеса од среќа и и исполнетост кај двете“, додава Марија.

Младата гостиварчанка има свои идоли во областа, со кои наоѓа „заеднички јазик“.

„Нил Деграс Тајсон и Карл Саган дефинитивно ми се најголеми идоли во таа област. Начинот на кој ги имаат нештата објаснето во нивните книги, видеа, дијалози, на тоа како ја интерпретираат поезијата на универзумот, верувам дека би создал симпатии кон истиот кај секој човек“, вели Милошевска.

Целта на натпреварот кој беше нејзин предизвик е учесниците да ги докажат своите вештини и да ја ослободат својата креативност во областа на астрономијата и астрофизиката. Следејќи нови предизвици, денес младата Марија има пасија за истражување на космосот, а утре можеби токму таа ќе открие некоја негова тајна.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG