Достапни линкови

Македонија ќе го следи НАТО или ќе остане настрана за Украина?


Македонски војници со НАТО знаме.
Македонски војници со НАТО знаме.

Македонија може да биде воздржана или да даде придонес доколку НАТО одлучи да се вмеша во ситуацијата во Украина, вели професор Методи Хаџи - Јанев. Тој смета дека Македонија нема директен ризик од евентуалниот конфликт меѓу Русија и Украина. НАТО засега не побара ништо од земјава, а македонските власти соопштија дека следат што се случува и oти го поддржуваат суверенитетот на Украина.

Македонија има обврски од членството во НАТО, но има и суверено право да одлучи да остане настрана од евентуален конфликт во Украина.

Претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија Исмет Рамадани вели дека Македонија, како членка на НАТО, има обврска да се вклучи во евентуален конфликт, но професор Методи Хаџи-Јанев посочува дека таа обврска важи само ако некоја членка на НАТО е нападната. Тој посочува дека во овој случај Македонија може самостојно да одлучува како ќе се постави.

„Прво ќе треба да се види улогата на НАТО. И покрај тоа што НАТО може да донесе каква било одлука, нашето политичко водство има ексклузивно право или автономно, суверено право да донесе одлука којашто може да биде спротивна на таквата одлука, ако имплицираме дека еве НАТО ќе донесе одлука да се меша во потенцијалниот конфликт кој би се случил таму. Тоа значи дека ние можеме да бидеме воздржани, но може да значи да дадеме и придонес“, вели професор Хаџи-Јанев, кој предава на воената академија Генерал Михаило Апостолски во Скопје, на Правниот факултет во Штип и на Државниот универзитет во Аризона, вели Хаџи-Јанев.

Македонските власти велат дека следат што се случува со и околу Украина. Соединетите Држави и нивните западни сојузници преземаат чекори за да се спротивстават на трупањето на околу 100.000 или повеќе руски војници во близина на границата со Украина, поради стравувањата дека земјата ќе го нападне нејзиниот сосед. Русија негира дека планира напад на Украина.

Аналитичарот Исмет Рамадани од Евроатлантскиот совет вели дека Македонија мора да ги почитува обврските што ги има кон НАТО, како земја членка.

„Тука ни е многу јасно со член 5 од Повелбата на НАТО – „Еден за сите, сите за еден“, а тоа значи мораме да бидеме подготвени и за такви ситуации“, вели Рамадани.

Но, како што вели, НАТО трупи и во најлоша ситуација нема да влегуваа внатре во Украина, а сега се води само висока тешка дипломатија. Тој вели дека засега Алијансата нема побарано ништо од Македонија, но таа ќе мора да одговори на предизвикот за зајакнување на источниот дел на НАТО.

„Тоа не е некоја претешка задача за нас, затоа што зависно од капацитет и потенцијалот на државата, веројатно такви ќе бидат и барањата“, вели Рамадани.

Хаџи-Јанев потсетува дека членот 5 се активира само доколку е нападната земја членка на НАТО, а Украина не е тоа. Тој смета дека Македонија нема директен ризик од евентуалниот конфликт меѓу Русија и Украина, но како што наведува, може да се случи каскаден ефект и да се јави потенцијален ризик во случај на најцрно сценарио, за кое вели дека е малку веројатно.

„Територијата е далеку од нас, какви било последици и консеквенци не би требало да излезат толку многу за кратко време за да не може да се преземе соодветен политички менаџмент или конфликт менаџмент којшто би спречил или би интервенирал при ескалација, освен ако не дојде до многу глобален конфликт, за што ќе кажам, дека не верувам дека би се случил“, вели професор Хаџи-Јанев.

Дел од македонските власти во изјави за медиумите деновиве рекоа дека го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и дека земјава како членка на НАТО ги следи состојбите. Новата министерка за одбрана Славјанка Петровска рече дека доколку НАТО го побара тоа, можно е македонската армија, во рамки на можностите, да се вклучи доколку дојде до евентуален конфликт меѓу Русија и Украина. Евентуална таква одлука би се донела само со согласност на Врховниот командант.

Руската амбасада во земјата реагираше на изјавата на министерката за одбрана, наведувајќи дека се изненадена од изјавата. Од Амбасадата наведуваат дека Русија не му се заканувала на украинскиот народ и нема намера да презема никакви агресивни дејствија.

Засега Русија негира дека сака воено да ја нападне Украина, туку само распоредува војска на границите со соседната земја, велејќи дека на тоа има право.

И од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски во изјави за медиумите велат дека како дел од Алијансата и Македонија учествува во плановите за тоа како НАТО ќе се постави кон тензиите кои се зголемуваат во тој регион.

За Украина во телефонски разговор зборувале и министерот за надворешни работи, Бујар Османи и Дерек Чолет, советник на Стејт департментот на САД, соопшти македонското МНР. Тие ја истакнаа значајноста од заеднички пристап кон актуелните безбедносни предизвици и упатија повик за деескалација на состојбите во интерес на европската сигурност, се наведува во соопштението на МНР.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG