Со цел да го промовира развојот, разноликоста, распространетоста и уживањето во уметноста и глобално да се подигне свеста за креативните активности, 15 април години наназад под покровителство на УНЕСКО се слави како Светски ден на уметноста. А, по периодот на изолација и отуѓување кога визуелната како и останатите уметности се преселија и беа возможни само на социјалните мрежи, на голема радост на творците и на публиката се врати времето на возможност од директни средби и споделување радости и фасцинации.
Од таму, нималку не чуди што само во Скопје во овие неколку дена во чест на Светскиот ден на уметноста се планирани отворањата на неколку ликовни изложби. Во КСП Центар Јадро вечерва започна „Лирски експресии“ на Владимир Величковски, на која македонскиот сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор и ликовен критичар го изведе и социјалниот перформанс „Идентитет“.
Поетесата Вера Симовска во каталогот за оваа поставка ќе напише: Величковски, сопствената вибрација на личното егсистирње и откритието дека постои како свесно суштество ја изразува преку сликарски потези со повлекување на линии кои кореспондираат со неговата свест-потсвест како уловени музички вибрации или бранови на менталното искуство под инспирација на одредена музика. Боите и повлечените линии можат да дадат форми што само се наѕираат или да доловат одредени ликови. Секоја боја е можност да се повлече линијата на животот, односно да се даде печат на уште едно искуство.
Дело од изложбата „Лирски експресии“ на Владимир Величковски во КСП Центар Јадро
Во петок во 13.30 во дворот на Министерството за култура ќе се одржи шестото издание на изложбата „Поместени граници“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Станува збор за концепт проект посветен на новите медиуми, потенцирајќи ги уметничките процеси кои се отворени за промени, уметноста во хармонија со просторот, односот уметност и природа.
Овојпат на еднодневниот настан што ќе трае до 20 часот ќе се претстават осум македонски уметници воглавно од младата генерација со своите актуелни дела, творци како Ненад Тонкин, Ива Станковска, Дарко Базерко, Ана Трајковска, Јана Јакимовска, Славчо Максимовски, Ана Ивановска и Марија Светиева.
„Поместени граници“ јас како учесничка на изложбата ги третирам како тема која на виделина треба да го извади поместувањето на границите во самите нас, нашите предрасуди, мисли, чувства... Моето дело е акрилик на платно со весели бои со кои што сакам да го претставам светот во што подобро светло. Од таму насловот - „Надеж“. Надеж дека светот ќе стане подобро место за живеење за сите нас, без разлика на расата, националноста, религијата, родното место и култура или традиција, вели Светиева.
Надеж“ - акрилик на платно на Марија Светиева од изложбата „Поместени граници “ на ДЛУМ
А, по завршувањето на оваа поставка на отворено, во центарот на Скопје, во Галерија „Ко-Ра“, ќе биде отворена новата самостојна изложба „Квадратна божественост“ на кумановската уметничка Валентина Илиевска.
Најавувајќи го ова нејзино претставување за Светскиот ден на уметноста од Дом на култура „Кочо Рацин“ ќе биде забележано дека „ликовните елементи и принципите го креираат творечкиот опус во делата, каде што од нивната длабочина се издигнува на пиедестал синото присуство на квадратот“.
Преку тој симбол кој е сеприсутен во делата се истакнува човековата интуинтивност за прапочетоците на постоење. Сината обоеност на коцката е обејктивна присутност и потреба за остварување и потврдување на самата објективност.
Преку графичкиот јазик на делата се навлегува во метафизичкиот свет, барајќи ја суштината на човековите вредности. Амбиетот во делата е создаден преку композиција на асоцијативното и апстрактното, движејќи се помеѓу границата на егзактното и аморфното обликување на просторот. Преку симболите на квадратот и коцката се внесува своерачен
потпис и сензибилитет кој е препознатлив во делата. Светот на квадратот кој е вечен и постојан се пренесува во коцката која е цврста и постојана, како еден безконечен ланец на циркулирање на таа препознатлива енергија на уметничко остварување. Сината коцка/квадрат е симболичен приказ на идејната слика за човекот. Исцртана коцка (претставена со отворен приказ, налик на отворена кутија) испишани квадрати (шест графички слики). Графичка слика на коцката е квадратот, оптички наликува на впишан крст, претставувајќи го машкиот и женскиот принцип. Ако кружните облици се космички репрезент, триаголникот (графичка слика на пирамидата) симбол за трансценденталното, тогаш и коцката е симбол на човештвото, а квадратот е графички приказ на коцката која е и одраз на ликата за човекот.
Синото е поистоветување со неминовната карика за човековото опстојување како материја, без вода и воздух, живот се нема, додека пак сината боја е нивната оптичка појавност (морето и небото). Со овој целокупен графички приказ се заокружува квадратната божественост, наслов кој соодвестува на паралелната, на онаа дуалистичката природа на човекот, пишува во каталогот за изложбата.
Во сабота напладне, на 16 април, во новиот термин за визуелни атракции и социјални дружби во Музеј на современа уметност - Скопје е планирано отворањето на изложбата на карикатури „На тенок мраз“ од Лазо Плавевски
Роден 1954 година, Плавевски e карикатурист, историчар на уметноста, куратор и ликовен критичар. До 2021 година работел како кустос/ кустос советник во Музејот на град Скопје. Како куратор има организирано голем број самостојни и групни изложби, а како карикатурист реализирал неколку самостојни проекти и учества на повеќе групни изложби. Од 1995 до 2009 е редовен соработник и член на редакцијата на списанието за визуелни уметности „Големото стакло“, издание на Музејот на современата уметност- Скопје.
Карикатури објавува од 1970 година во повеќе списанија во земјава и странство. Во 1976 година ја добил наградата GRAND PRIX на Светската галерија на карикатури во Скопје.
Тој во 1995 година ја објави „Нема книга / карикатури 1990 - 1993“, а шест години подоцна, заедно со Мирослав Грчев, и книгата „Картички“. Во форма на каталог/книга во 2009 година публикуван е проектот „Неупотребливи белешки“, а во 2016 година на порталот Окно е објавена неговата електронска книга „Речитатив за Tемниот Вилает“.
Куратор на поставката во МСУ е Љиљана Неделковска и таа за „На тенок мраз“ ќе напише:
„Изложбата го прикажува творештвото на Плавевски настанато во последните седум години. Станува збор за карикатури коишто тој од 2015 година континуирано ги објавува на веб порталот „Окно“, а за чија реализација беше поттикнат од кризната состојба во којашто се најде нашата земја, како резултат на недемократските практики на владеење од страна на владејачките структури (незаконско прислушување, Скопје 2014, изборни манипулации, партизација во сите сфери на општественото живеење). Во овој период објавени се над 500 карикатури (од првите четири карикатури објавени во март 2015, па се до последната серија од 16 карикатури „На тенок мраз!“ објавена во јануари 2022), во коишто е претставена м(р)ачната состојба во „македонскиот Темен Вилает“, но и м(р)ачната состојба во којашто се наоѓаме како резултат на суспендирањето на позитивните придобивки и утопистички претпоставки на модерната.
Дело од изложбата карикатури „На тенок мраз“ на Лазо Плавевски што ќе биде отворена во Музеј на современа уметност во Скопје
Кон ова и појаснување. Карикатурите се објавувани во серии и се осмислени како одредени тематски целини. Во нив тој ги коментира и сецира политичките и општествените случувања во земјава, покривајќи широк спектар теми, од скандалот со прислушувањето, популизмот, моќта, капиталот, идентитетот, револуционерниот елан, пандемијата, до серија „случки“ поврзани со одредени животни ситуации и парадокси.
Изложбата, на којашто ќе бидат презентирани околу 200 оригинални и дигитални принтови на карикатури, е извонредна прилика, не само да се согледа творечкиот ангажман на Лазо Плавевски во областа на карикатурата, во којашто тој зазема истакнато и значајно место, туку и да се поттикне и обнови интересот за овој уметнички медиум којшто во последниве децении е речиси доведен до работ на сопственото исчезнување, велат од МСУ.
Конечно во одбележувањето на Светскиот ден на уметноста бележито ќе биде и присуството на младите. Така Europe House во соработка со студентите од Факултетот за ликовни уметности и Факултетот за драмски уметности на 15 април, во Сули ан, ќе одржат целодневен настан на кој ќе бидат претставени 40 ликовни дела и ќе бидат емитувани неколку проекции на студентски филмови, а паралелно ќе се одвиваат и разговори за културата и уметноста кои ќе бидат проследени со музика.