Достапни линкови

Културни дијалози - независно Скопје во загрепски ПОГОН


Ивана Коцевска во перформансот Chance Dance
Ивана Коцевска во перформансот Chance Dance

Од 10 до 18 мај, во рамките на проектот, во загрепскиот Центар за независна култура и млади – ПОГОН, со своето творештво ќе се претстават бројни уметници од македонската независна културна сцена кои гравитираат околу Културно-социјален простор „Центар Јадро“ од Скопје.

Во Центарот за независна култура и млади ПОГОН во Загреб, Хрватска,во рамките на програмската размена на проектот помеѓу независни културни центри од регионот REG.LAB, во тек е претставувањето на уметниците од македонската независна културна сцена одбрани од Културно-социјален простор „Центар Јадро“ од Скопје.

Ова урбано ракување со тамошната културна јавност и воспоставувањето на пожелуваните врски помеѓу претставниците на двете независни сцени, во вторникот на 10 мај, го отвори уметницата Ивана Коцевска со изведбата на нејзините две дела: "Where's Your Gravity" & "Chance-Dance". Македонската балерина и кореографка, во случајов, најнапред ја презентираше својата студија за кинестетичките можности на телото: како го користиме телото, дали можеме да се соочиме со него..., за да веднаш потоа преку „Chance Dance“ стегнати во 25 минутната изведба ја понуди својата плодна соработка со музичкиот продуцент, програмер и дизајнер на звук Џеф Кастел-Бранко.

Славица Јанешлиева - Споменик за крајот на 20 и почетокот на 21 век

Овој четврток, на 12 мај, се случи и отворањето на групната изложба на современи македонски уметници и дизајнери насловена како „Уште еднаш ќе биде премногу: (не)можности за посредување“ , кое беше следено и од промоцијата на книгата „Во дијалог“.

И, кога сме веќе тука да кажеме дека поставката „Уште еднаш ќе биде премногу: (не)можности за посредување“ ја тематизира улогата на независната култура во земјава од два агли: од една страна потпирајќи се на несигурната положба на творците во Македонија која произлегува од недостатокот на институционална поддршка за нивната работа, а од друга и трансформативниот потенцијал на уметниците и нивните дела.

Позицијата на уметниците сè уште се смета за парадигматска позиција на отпор, па уметниците поединечно и преку различни форми на соработка се обидуваат да го преиспитаат доминантниот дискурс кој ги дефинира идентитетот, територијата, границите, миграциските политики и бездомништвото, како и ксенофобијата и говорот на омраза вкоренети во секојдневниот живот. Едно од клучните прашања е како уметноста навистина може да учествува во општеството и да стане ефективен инструмент на промени и дали може да генерира нови вредности преку културните институции?, ќе биде забележано во каталогот за поставката.

Ова, подразбира дека во загрепски ПОГОН се изложени делата на докажани македонски творци како Велимир Жерновски, Славица Јанешлиева, Оливер Мусовиќ, Никола Узуноски, Игор Тошевски, Дарко Алексовски, Моника Мотеска, Јане Чаловски, Христина Иваноска, Верица Ковачевска, Нада Прља и Ѓорѓе Јовановиќ.

„Во дијалог“ - книгата издание на Културно-социјален центар ЈАДРО Скопје

Претставувањето на македонската независна сцена во хрватската метропола продолжува во вторник, на 17 мај, за кога е планирано танчерката и кореографка Ивана Балабанова да го претстави својот интердисциплинарен соло перформанс „Raw“. Станува збор за перформанс заснован на нејзината поезија во кој песната, а со тоа и изведбата, се во потрагата по сопствениот идентитет. Притоа таа „говори“ за гушењето на душата, за потребата од простор и за суровоста на секојдневието. Или, како што ќе биде запишано „овој танцов перформанс е интимна исповед за изгубеното совршенство и во исто време процес на прифаќање“.

Ивана Балабанова - танчерка и кореографка

Конечно, следниот ден, на 18 мај, Балабанова и композиторот Алесандро Ола, ќе го изведат и „Code #9“. „Code #9“ е интердисциплинарна изведба која се обидува да ги објасни деветте видови темнина. Перформансот ги истражува внатрешните, но и надворешните фактори кои се потпираат на темнината, вклучувајќи ја публиката во аудиовизуелно патување низ просторот и времето.

Кон ова само уште информацијата дека гостувањата се реализирани во рамките на Програмската размена на проектот на REG.LAB помеѓу независните културни центри од регионот во координација на Кооператива - регионална платформа за култура, ПОГОН, Културно-социјалнен простор Центар Јадро и Операција Град од Загреб.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG