Достапни линкови

Итар Зоран и Болен Христијан


Зоран Заев и Христијан Мицкоски
Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Премиерот Зоран Заев, според коментаторите на социјалните мрежи, итарпејовски си побара и доби доверба на владата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е во самоизолација поради коронавирусот, остана без „политичките побратими“ со кои се надеваше дека ќе ја собори владата.

Премиерот Зоран Заев им ја прекина кампањата на ВМРО-ДПМНЕ дека обезбедиле пратеници од владејачкото мнозинство за соборување на владата и сам си побара гласање доверба и на владата ѝ беше изгласана доверба со 62 пратеници. А штом побарал сам, тогаш не треба дебата, туку само гласање, вели Деловникот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е во изолација откако беше позитивен на тестот на коронавирус, на Фејсбук реагира во стилот „ме начека додека сум болен“.

Функционери на ВМРО-ДПМНЕ со недели најавуваат дека дел од пратениците од владејачкото мнозинство ќе преминат на нивна страна и оти соборувањето на владата е прашање на време.

Ама кога дојде време „бој да се бие“, сестра Ангелина очигледно не заврши работа, па, како во епската песна, болниот Христијан го изневерија и политичките Умер калакчија и Митре Поморанче, а богами и Плетикоса Павле.

Според дел од коментаторите на социјалните мрежи, Заев направил итарпејовски потег и си обезбедил три месеци мир в куќа, зашто според Уставот, прашањето за доверба на владата не може да биде поставено во наредните 90 дена.

Заев се повика на членот 217 од Деловникот според кој кога прашањето за доверба го поставува претседателот на Владата, усно на седница на Собранието, пратениците гласаат на истата седница, без расправа, откако претходно, Претседателот на Собранието го известува за тоа претседателот на државата. Пратениците од опозицијата ја напуштија седницата. За прв пат во независна Македонија, барањето за гласање доверба на владата доаѓа од премиерот. Досега иницијативите за гласање доверба на влада вообичаено ги поднесуваше парламентарната опозиција, за што е предвидена поинаква процедура од таа кога премиерот усно ќе побара гласање за доверба на влада, односно има три дена расправа.

Поранешниот претседател на исто така поранешната Либерална партија, Ивон Величковски, вели дека опозицијата сега ќе има три месеци да се консолидира.

Инаку, собраниското мнозинство со месеци се мачи да обезбеди кворум за работа на Парламентот, и поради тоа низа закони, меѓу кои и оние од петтиот пакет мерки за помош на стопанството во ковид-кризата, стојат заглавени, но сите си дојдоа на работа кога требаше да се гласа доверба на владата.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG