Теоријата за економските циклуси вели дека економската експанзија и економската контракција се нормални појави во економијата. Периоди на прогрес и периоди на криза имало и секогаш ќе има, но прашањето на нивниот интензитет е она што ги мачи економистите и носителите на политики.
Бидејќи економијата не постои во вакуум, надворешните фактори и тoa како влијаат на економскиот циклус. Така, недостатокот на адекватна банкарска регулатива во САД и изложеноста на лоши кредити ја предизвикаа Големата Рецесија од 2008 година, која поради поврзаноста на финансиските пазари брзо се прошири и во Европа и беше еден од главните фактори кои придонесоа за таканаречената Еврокриза од 2010 година.
Во декадата што следуваше западните земји сведочеa за бавно и нерамномерно закрепнување од овие кризи. Таргетираното ниво на инфлација од 2 отсто кое важи за здраво ниво на инфлација беше тешко да се достигне, но од сосема спротивни причини од денешните.
Недостатокот на инвестиции кај приватниот сектор, штедливите државни буџети и ограничената лична потрошувачка придонесоа за забавеност во економијата и дефлациски движења кои направија речиси да се заборави што е тоа инфлација. Поради тоа, монетарната политика во Европа и САД во претходната деценија беше експанзивна и централните банки ги држеа каматни стапки ниски, дури и негативни.
На крајот на декадата, се случи пандемијата која придонесе за колапс на економијата и за најголемата рецесија после Големата Депресија од 30-те години на минатиот век. Светската економија нагло се затвори во 2020 година, за во втората половина на 2021 година нагло да заживее.
Од дефлација брзо скокнавме во инфлација. Никој не знаеше кога ќе започне „новата нормала“. Наеднаш и непредвидливо на сите компании им беа потребни инпути, потрошувачите надоместуваа за она што го пропуштиле, а владите веќе ја стимулираа економијата со опсежни фискални пакети. Сето ова придонесе за раст на побарувачката над понудата, а со тоа и раст на цените во втората половина на 2021 година.
Напорите за зелена транзиција направија уште поголем притисок врз цените на енергенсите. Како последен удар на стабилноста, војната во Украина доведе до сериозно нарушување на воспоставените синџири на добавување со гас во Европа.
Сега наместо да се мисли на зелена енергетска транзиција, се мисли само на излез од кризата, без разлика дали тоа значи користење на одржливи извори на енергија или пак оние кои се штетни за животната средината како јагленот и мазутот. Дури и ризичната нуклеарна енергија е дел од дебатата.
Високата цена на гасот е причина за растот на цените на сите други енергенси. Цената на енергенсите е вградена во секој еден производ и услуга и тоа придонесува за општ раст на цените.
Централните банки како одговор на инфлацијата, реагираат со зголемување на каматните стапки, но ефикасноста на овој инструмент е ограничен кога инфлацијата е предизвикана од фактори на страната на понудата. Ниедно зголемување на каматната стапка нема да ја промени реалноста на високите цени на енергијата.
Од друга страна, централните банки мораат да реагираат за инфлацијата да не земе преголем замав. Некои економисти ги критикуваат централните банки дека доцнат со зголемувањето на каматните стапки зад кривата на инфлација, додека други ги предупредуваат дека треба бавно и постепено да ги зголемуваат стапките за да не предизвикаат рецесија.
Изразот „меко слетување“ значи токму тоа - дека постепеното зголемување на стапките нема да дозволи економската активност нагло да падне и да дојде до рецесија. Се смета дека економијата е во рецесија кога стапките на раст се негативни во два последователни квартали.
Посериозно сценарио од рецесија е стагфлација. Стагфлацијата е економски ќорсокак бидејќи освен висока инфлација истовремено има негативни стапки на раст и висока невработеност.
Според Кејнз, намалувањето на вработеноста и намалувањето на економскиот раст треба да подразбира намалување на инфлацијата, но тоа не беше случај за време на нафтените шокови од 70-те години на минатиот век.
Сличноста на таа криза со денешната е во тоа што и двете се предизвикани од фактори на страната на понудата (нафтата, гасот). Разликата е во тоа што сега, иако рецесијата е сè поизвесна и инфлацијата е сè уште висока, сепак економијата покажува знаци на живот, токму преку пазарот на труд.
Високата вработеност во западните земји покажува дека реалната економија има сила и дава надеж дека доколку има рецесија таа ќе биде „плитка“. Сепак, клучно е да не се случи феноменот на спирала на платите, а тука голема улога играат политиките на владите.
До кога ќе трае кризата? Кога цената на енергенсите ќе се нормализира? Дали ќе мора да чекаме војната да заврши? Дали после војната ќе се возобноват старите економски врски? Дали Европа ќе се прилагоди да живее без руски енергенси и ќе се пренасочи кон други пазари или други енергенси?
Русија несомнено ја разбира важноста на европскиот пазар како извор на приходи за Кремљ. Аналитичарите велат дека Путин во суштина никогаш не планирал да ги жртвува овие приходи туку се надевал на брза победа во Украина и статус кво на пазарите на енергија. Но Украина поддржана од НАТО се држи пред непријателот веќе 7 месеци, без изгледи за скорашен крај.
Сега Путин ја менува стратегијата и се заканува со целосен прекин на испораките на гас кон Европа како одговор на западните економски санкции. За разлика од Европа, енергетски независните САД не се директно засегнати од кризата. Дополнително, нивната улога во Европа е зајакната бидејќи во моментов се еден од клучните добавувачи на течен гас.
Но транзицијата од руски гас кон американски течен гас ќе трае онолку колку што е потребно да се изгради потребната инфраструктура која недостасува, посебно на северот на Европа.
Југот, односно Италија и Шпанија па дури и Хрватска имаат подобра инфраструктура за течен гас за разлика од една Германија која тек сега го гради првиот терминал. Во меѓувреме и Балканот (вклучително и Македонија) ќе стане дел од енергетската мапа со изградбата на терминалот во грчкиот град Александрополис кој се очекува да започне со работа на почетокот на 2023 година.
Но додека тоа се случи, цените на гасот, а со тоа и на сите други енергенси ќе останат високи. Инфлацијата во Европа изнесува 9,1 проценти, во САД 8,5 отсто, а во Македонија 16,8 проценти за месец август.
Како одговор на инфлацијата, Европската Централна Банка ја зголеми каматната стапка на ниво од 0,75 отсто, а Федералните резерви на САД на ниво од 2,25 проценти. НБРМ постепено во повеќе наврати ја зголеми основната каматна стапка на ниво од 3 проценти.
Меѓутоа, зголемувањето на каматната стапка на централната банка значи дека ратите на кредитите ќе поскапат. За некои категории на граѓани и за малите бизниси ова може да биде голем удар и да придонесе кон зголемување на сиромаштијата.
Затоа мерките на монетарната политика треба да бидат надополнети со мерките на фискалната политика. Европа има фискален пакет за помош во износ од 1 процент од БДП, а до крајот на годината се очекува истиот значително да се зголеми.
На пример, во Австрија државата ќе им додели на граѓаните бонус од 500 евра. За децата под 18 години износот е 250 евра, а ранливите категории ќе добијат дополнителни 300 евра. Овие мерки се финансирани главно од зголемените јавни приходи од ДДВ кои произлегуваат од зголемената потрошувачка и високите цени.
Кај нас, зголемените јавни приходи од ДДВ ќе се претопат во антикризните мерки од 76 милиони евра, кои можеме само да се надеваме дека ќе завршат на вистинската адреса. Од даночна реформа и визија гледаме дека хонорарците и штедачите ќе се оданочат, а банките и понатаму остануваат недопрени иако ќе наплатуваат повисоки рати од кредитите.
Владата најавува дека електричната енергија за домаќинствата целосно ќе биде обезбедена од домашно производство. Во медиумите читаме дека фирмите кои продаваат мазут на големо очекуваат огромни заработки годинава. Народот ќе дише отрови по високи цени.
Компаниите, пак, стравуваат дека нема да ја преживеат зимата со сметки за струја кои се шест до десет пати повисоки споредено со претходната година. Бараат решение од државата, но државата не може да се справи ни со кражби на струја кои во некои општини изнесуваат дури 20 проценти.
Економските политики не можат да направат да прекине кризата, но може да ја ублажат или да не придонесат за нејзино продлабочување. Цената на енергетска транзиција ќе ја платиме сите, а после зимата ќе цениме дали државата ни била партнер во тешките денови.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.