Мицкоски прогласи победа на изборите, 20 градоначалници уште во прв круг
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа уште во првиот круг во Штип, Прилеп, Велес, Кавадарци, Неготино, Сопиште, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Виница, Зрновци, Петровец, Илинден, Карбинци, Свети Николе, Јегуновце, Градско, Босилово, Могила и Новаци, а очекуваат во прв круг да победи и кандидатот за градоначалник на Аеродром и Битола, а убедливо водат и во Ѓорче Петров.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски, на прес-конференција пред полноќ, рече дека победуваат во советите во повеќе од 50 општини. Во првиот круг, вели тој, победуваат во 20 општини и за уште две очекуваат конечни резултати.
Мицкоски рече дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да има 50 илјади гласови повеќе на советничките листи од СДСМ.
Шанса за Центар освои тројца советници во Општина Центар
Независната иницијатива Шанса за Центар вечерва објави дека освоиле три советнички места во Советот на Општина Центар.
„Со еден советник бевме гласни, а сега со тројца ќе грмиме! Во советот е моќта и ние ќе бидеме вашиот глас и вашата сила таму“, објави иницијативата на Фејсбук.
Даштевски – Изборниот ден заврши успешно
Генерално изборниот ден заврши успешно, без никакви проблеми и се гласаше законски и регуларно, рече претседателот на ДИК Александар Даштевски.
Даштевски најави поконкретни резултати за утрешниот ден.
Заев – На крај ќе имаме повеќе градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ победува или има предност пред ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 30 општини во земјава во првиот круг од локалните избори, рече вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој рече дека СДСМ победи во Струмица, Крива Паланка, Кочани, Делчево, Крушево, Ресен, Дојран, Македонска Каменица, Богданци, Берово, Кривогаштани, Демир Капија, Маврово-Ростуше, Чашка, Росоман, Старо Нагоричане, Арачиново, Дебарца, Куманово и се разбира Скопје.
Заев тврди дека ако се пресметаат гласовите на СДСМ и нивните коалициски партнери во централната власт, кои сега настапија самостојно, ќе се види дека „прогресивната коалиција“ има повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ.