Излезноста до 18:30 часот е 50,04 проценти
Излезноста на гласачите на Локалните избори 2021 до 18:30 часот е 50,04 проценти, покажуваат податоците објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија.
Најголема излезност има во Македонски Брод 75,7 отсто, а најмала во Боговиње 31 отсто.
Заврши гласањето, почнува броењето
Во 19:30 часот се затворија сите избирачки места на кои граѓаните на Македонија денеска гласаа на локалните избори.
Иако беше предвидено избирачките места да бидат затворени во 19 часот, изборниот процес продолжи половина час додека не гласаа граѓаните кои беа затекнати во објектите за гласање.
Претседателот на ДИК на прес-конференцијата во 19 часот повика на воздржаност од политички активности до 19:30 часот, со цел затекнатите граѓани на избирачките места да можат да го остварат своето право на глас.
До ОЈО пристигнале поголем број на пријави за изборни нерегуларности
Јавното обвинителство соопшти дека до 19:00 часот денеска пристигнале уште неколку пријави за евентуално сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето, по кои постапувала Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности. Од ОЈО велат дека во основните јавни обвинителства и на објавената електронска адреса за пријавување сомненија за изборни нерегуларности, пристигнале поголем број поднесоци и пријави.
„По извршените проверки, засега, само во мал дел од пријавените настани се пронајдени елементи на сторени кривични дела поврзани со изборите и гласањето. Постапувањето на обвинителствата ќе продолжи до целосно расчистување на настаните и донесување на соодветни јавно обвинителски одлуки“, додадоа од ОЈО.
На едно гласачко место во Лабуништа ќе се гласа до 22 часот
На едно избирачко место во струшкото село Лабуништа гласањето е продолжено за речиси три часа.
Претседателот на Општинската изборна комисија Минир Жута информира дека ваквата одлука е донесена поради ненавремено почнување на изборниот процес утрово.