Го сакам Скопјенце само шо ќе искочам од дома.
Абе како да не го сакам кога прво на моето сокаче во Влае налетувам на минските полиња на домашните миленичиња што нивните благородни сопственици ни ги оставаат на увид да видиме дали имаат дијареа или се на гранулчиња.
По кратка анализа налетувам на градските улици по кои дури и со мотор е тешко да се вози. И милина бе ме обзема кога на трета лента низ цела Партизанска има паркирани коли. Ама стварно жива среќа е коа барем ќе видам дека се укључени сите 4 жмигавци, на секоја автобуска и пред секоја трафика.
Е ај сеа да не помисли човек дека треба да е роден под среќна звезда во ваква држава каде полицијата е милозливо настроена кон возачите.
На работа пред зградата чиј влез е позади славната улица Македонија се паркирам со моторот и чекам да видам што домаќинките прават за јадење, или да бидам прецизен што вчера правеле. Имено, по паркираните автомобили на увид ги имам истурените манџи со кои бабичкиве ги частат колите. Се местам под некој балкон на паркингчето со голема надеж дека ќе ме честат со чорба. А и трошки од лепчето ако фрлат не е наодмет. Па шо ако, важно дома да им е чисто, а ја се навикнав и си имам крпа а богами влажни марамици пошто со нив сите флеки се бришат.
Посебна приказна се 20 те метра до влезот во зградата чија фасада се распаѓа. Важно од предна страна е барок стил. Тука центарциве оставаат стари кревети, креденци... кој шо имал сака да го сподели со сите. И да се види бре дека ново се купува. Башка ако реновирале. Мерак, и цигли и песок на купче.... се има. Ако заврне пак е права лепота. Цапаш сто посто, а си имаме и езерце пред самиот влез пошто бетонот е вдлабнат. Еее тоа што ние го имаме го нема у цела Европска Унија па нека не не примаат. Они губат. Ние сме си токму ептен.
И навистина, нема поголем кеиф од глетката од прозор како домачиве џукели напаѓаат точаци или посебно туристите кои бааги не окупираа пред пандемијава. Еј коа им се згнаа преклани на една група јапонци кои беа тргнале Ацета наш качен на Букефала да го видат. Мислам дека беа толку одушевени шо пак ќе доат у Скопје. Ако ништо друго ќе ни го препорачаат Скопјево за град домаќин на оние сурвајвал серии.
Абе си го сакам Скопје многу, а и госпоТ го сака. Жив доказ за негово постоење е фактот дека се што скопјаните ќе фрлат а службите нема да исчистат го носи дождот у канализација па у Вардар. А дождот паѓа таман пред да се погушиме во нашиот скопски смог и на кратко ни праќа чист воздух. Еве дури и на лето е исто. Ова лето по 6 – 7 недели скопски пекол заврна и тоа бааги.
И не ми е јасно зошо некои се бунат шо се сечело дрвја заради згради и паркинзи коа нашите гради се навикнати на скопскиот воздух. Еве ја на пример ко ке идам надвор у планина паѓам у несвес по пола сат.
И то, ви велам убавината нас скопјаните не следи преку цел ден. И башка кај има бе да паркираш кола пред влез у кафана а? Никде у оној запад кој ни брмчат по цел ден. Еве ја у Прага 17 години само со метро идев у град а у кафани пешки. Тоа ли е живот, да не можеш да плукнеш или фрлиш пикавец кај сакаш? Шо живот е тоа!
Имам ја уште миљон причини зошо го сакам Скопје ама ај да не замарам, и онака ме чекаат кај Миле у Кафана, а Миле е институција, не ко МВР каде 4 месеци покушавам да извадам лична карта.
А вие драги мои скопјанчиња слободно надоврзете се и дајте придонес за да не морам сам да барам миљон причини зошо сите (не) го сакаме Скопје, нели?