Социологот од Косово Исмаил Хасани за Радио Слободна Европа вели дека „содржината што Горан Бреговиќ ја дава како уметник ги враќа луѓето во минатото чии најблиски беа убиени за време на војната во Косово“.
„Горан Бреговиќ со песната Калашников воопшто не треба да се појавува. Деца беа убивани со калашникови за време на војната. Не знам зошто на Албанија и на фестивалот им треба Бреговиќ кога знаеме дека Корча и другите градови во Албанија беа засолниште за луѓе кои беа протерани од Косово. Срамота е да се потсетуваме на тоа“, вели Хасани.
Гејмификација на екстремизмот: Војните на Балканот како видео игри
Веста дека Бреговиќ ќе настапи на фестивалот на пивото во Корча во југоисточна Албанија на 22 август, предизвика бран негативна медиумска покриеност на Косово. Отворена е и петиција преку интернет против доаѓањето на музичарот.
Во петицијата, која досега ја потпишаа околу 6.000 луѓе, меѓу другото се наведува дека Бреговиќ го „разбуди српскиот национализам“ со песната „Калашников“ и дека зборовите во песната „пукај, напаѓај и бум, бум, бум , ја наведе српската војска и паравоените сили да извршат злосторства на Косово“.
Тимот на Горан Бреговиќ не одговори на прашањето на најавата на неговиот настап, ниту дали музичарот ќе се појави во Корча.
Сепак, неговото доаѓање го потврди заменик-градоначалникот на Корча, Бенила Темели. „Чест ни е да настапи и колку што знаеме, и во право сме, тој никогаш не се позиционираше против Албанците или Косоварите“, рече Темели за косовскиот портал „Газета експрес“.
Песната „Калашников“ е на ромски јазик и е дел од свадбената сцена во филмот на Емир Костурица „Андерграунд“ кој доби Златна палма на фестивалот во Кан во средината на деведесеттите години од минатиот век .
Веќе по нејзиното појавување, стана популарна и до денес е незаменлива на репертоарот на повеќе прослави во Србија.
„Калашников е персонификација на Балканот. Се раѓа дете, таткото излегува да пука во калашников. На свадба - кумот ќе извади калашников и ќе пука. Не знам зошто Бреговиќ би платил за нечие лошо искуство“, вели за РСЕ, рок критичарот од Србија и автор на книгата за „Бијело дугме“, Душан Весиќ, додавајќи:
„Колку што го познавам, не верувам дека би бил среќен ако некој влезе во војна со неговите песни, од која и да било страна. Но, кога песната ќе ве напушти, веќе немате контрола над неа“.
Српските туристи сакаат да летуваат во Албанија и покрај политичките изјави
Босанско-херцеговскиот новинар Сенад Авдиќ потсетува дека Бреговиќ беше прогласен за почесен граѓанин на Тирана во 2006 година. Таа година Бреговиќ одржа концерт во главниот град на Албанија, а „Клучот на Тирана“ му го врачи тогашниот градоначалник, а денес премиер на Албанија, Еди Рама.
„Можеби грешам, ама сега некој од Приштина можеби се пресметува со Рама преку Бреговиќ поради неговиот пристап кон „Мини Шенген“, бидејќи гледаме дека беа разменети доста остри реакции меѓу Приштина и Тирана за тоа прашање“, вели Авдиќ.
Косово се противи на иницијативата, која во минатиот месец беше преименувана во „Отворен Балкан“, и која беше покрената во 2019 година од премиерите на Албанија и Северна Македонија и претседателот на Србија.
Премиерот на Косово, Албин Курти смета дека регионот треба да се врати на агендата за европска интеграција, а не на иницијативи кои, како што наведе, се штетни за Албанците.
Социологот од Косово Исмаил Хасани наведува дека признанието на Рама за Горан Бреговиќ „било грешка, што не треба да се повтори во Корча“.
„Можеби е тенденција на Рама да се претстави како лидер со поголем формат. Имаме ситуација оваа година Србите да одат на албанскиот брег без никакви проблеми. Албанија и Србија се отворени држави, луѓето се движат, тргуваат, но луѓето не се подготвени да ги слушаат Бреговиќ и „Калашников“, наведува Хасани.
Кога започна војната во Босна и Херцеговина во 1992 година, Горан Бреговиќ се пресели со своето семејство во Париз, но честопати престојуваше и во Белград. Тој главно молчеше за војната во БиХ, а во интервјуата потоа заземаше „неутрална позиција“, поради што многумина го осудија.
Во интервјуата, самиот Бреговиќ го објасни своето молчење со ставот дека „тоа не беше негова војна“.
„Јас сум од мешана куќа, татко ми беше Хрват католик, мајка ми е православна Србинка, а жена ми е муслиманка. Затоа, не знам на кого би му вперил пушка во таа војна“, рече тој за босанскиот портал „Кликер“ во август 2019 година.
Самоопределување: може да разговараме со Рама за други теми, но не и за Отворен Балкан
Новинарот Сенад Авдиќ вели дека Бреговиќ отсекогаш бил своевиден опортунист.
„На Горан никогаш моралот не му беше силна страна, ниту искреноста. Горан нема политичка содржина, тој е камелеон кој се прилагодува. Не му е проблем да отиде кај Додик (Милорад, српски член на Претседателството на БиХ) да се бакне со него, а следниот ден со градоначалникот на Сараево од СДА (бошњачката Партија на демократска акција)“, вели Авдиќ.
Во март 2015 година, со својот „Оркестар за свадби и погреби“, Бреговиќ одржа концерт во Севастопол на Крим, украински полуостров кој беше анектиран од Русија една година порано.
„Западот отсекогаш бил параноичен кон Русија и се надевам дека оваа параноја ќе помине“, рече Бреговиќ на Крим. Поради овој концерт и пораките таму, организаторите во Украина и Полска ги откажаа неговите планирани настапи во тие земји.