Достапни линкови

Личи на знамето, ама не било знамето


На логото за 30-годишнината од независноста има дизајнерско решение кое потсетува на македонското државно знаме, но сонцето, наместо 8 има 10 краци. Владата вели дека тоа не е знамето, туку сонце. Ако не е сонцето од македонското знаме, што бара на македонското лого, прашуваат на социјалните мрежи.

Логото по повод 30 години од независноста на Македонија, кое владата го претстави вчера, предизвика жестоки реакции во јавноста. Најголемите забелешки има за тоа дека е промашено македонското знаме, кое според владиниот дизајн има 10 краци. Други забележуваат дека оваа година не се прославува 30 години Северна Македонија, и оти придавката беше додадена пред две години. Во владата, пак, се бранат дека не се работи за знамето, туку дизајнерското решение е сонце.

Го пречекавме австрискиот премиер со летонско знаме, Шекеринска се фалеше со знамето на Аризона како македонско, го пречекавме црногорскиот претседател со наопаку свртено знаме, но досега барем нашето не го грешевме, иронично забележуваат граѓаните на социјалните мрежи.

Други забележуваат дека логото е полошо од бордо дресовите кои требаше да ги носи македонската фудбалска репрезентација на Европското, но по реакциите во јавноста ги повлекоа.

Трети, пак, иронично забележуваат како би изгледало знамето во очите на владините дизајнери.

Некои прашуваат кој го правел дизајнот и бараат тој да ги врати парите. Во владата велат дека логото е дело на тимот графички дизајнери во при Секторот за односи со јавноста во Владата.

Советникот за медиумски реформи во кабинетот на премиерот Зоран Заев, Зоран Бојаровски на Фејсбук објаснува дека логото не го содржи државното знаме, туку сонцето различно од државното знаме. Тој потсетува на логоата од минатите години.

Некои го бранат дизајнерското решение и потсетуваат на логоа од други земји.

Други, пак, прашуваат која е поентата 30 години од независноста да се прославува со лого со боите на знамето на кое има сонце, ама тоа сонце да не е тоа од знамето.

Премиерот Зоран Заев во 2018 година го пречека неговиот австриски колега Себастијан Курц со знамето на Летонија. Поранешниот француски амбасадор Кристијан Тимоние во Охрид беше пречекан со холандско знаме, а претседателот Стево Пендаровски во 2019 година го пречека неговиот црногорски колега Мило Ѓукановиќ со наопаку поставено црногорско знаме.

Најмногу реакции предизвика објавата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска од 2019 година, кога беше во посета на американскиот носач на авиони Хари Труман, дека во чест на Македонија, на американските авиони било аплицирано македонското знаме, а всушност авионите беа со знамето на американската сојузна држава Аризона.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG