Достапни линкови

Земјотресот во Турција и Сирија - најголема катастрофа во последните 100 години


Момче се загрева покрај оган во камп за преживеани од земјотресот во Газиантеп, Турција, петок, 10 февруари 2023 година.
Момче се загрева покрај оган во камп за преживеани од земјотресот во Газиантеп, Турција, петок, 10 февруари 2023 година.

Бројот на жртвите од земјотресот во Турција и Сирија надмина 24.000 луѓе. Спасувачите извлекуваат преживеани од урнатините, а милиони се останати без покрив над главата. ОН го опиша настанот како најлош во последните 100 години.

Шефот за помош на ОН Мартин Грифитс денеска го опиша разорниот земјотрес што ја погоди јужна Турција и северозападна Сирија, како „најлошиот настан во последните 100 години во овој регион“.

Коментарите на Грифитс доаѓаат во момент кога бројот на жртвите од земјотресот надмина 24.150 луѓе.

Спасувачите во Турција извлекоа две живи жени од урнатините на урнати згради, откако биле заробени 122 часа.

67 лица беа извлечени од урнатините во претходните 24 часа, изјави во текот на ноќта турскиот потпретседател Фуат Октај.

Октај додаде дека околу 80.000 луѓе биле лекувани во болница, додека 1,05 милиони останале без покрив над главата поради земјотресот и се сместени во привремени засолништа.

Грифитс го пофали одговорот на Турција на катастрофата како „извонреден“.

Тој, исто така, изјави дека се надева дека помошта во Сирија ќе стигне и до областите контролирани од владата и од опозицијата, но дека работите „се уште не се јасни“.

Земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, беше регистриран рано изутрината во близина на Газиантеп, Турција, а истиот ден попладнето се случи уште еден земјотрес со јачина од 7,5 степени. По првиот земјотрес во понеделникот, наводно имало 1.891 последователни потреси.

Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесу на 11 февруари пристигна во сирискиот град Алепо погоден од земјотресот, со лет за хуманитарна помош кој превезува медицинска и хируршка опрема вредна повеќе од 290.000 долари, јавија државните медиуми.

Распадната инфраструктура, недостиг на храна, општа хуманитарна криза и земја разурната од војна. Тоа е слика на Сирија која во никој случај не беше подготвена за земјотресот што ја погоди во понеделникот на 6 февруари 2022 година.

Сирија секако ги носи лузните од 12-годишната брутална војна, чии ефекти веројатно ќе ги попречат напорите за помош во областите најтешко погодени од земјотресот.

Земјата е оптоварена со конфликти, недостиг на храна, економски колапс и неодамнешното избивање на заразната болест колера, а националната инфраструктура на земјата со години едвај можеше да го поддржи своето население изморено од војна.

Швајцарија и Бразил на 10 февруари го повикаа Советот за безбедност на ОН да се состане на почетокот на следната недела за да разговара за ситуацијата во Сирија.

Сирискиот претседател Башар ал Асад отпатува во погодените области за прв пат по земјотресот, во посета на болница во Алепо, објавија државните медиуми.

Околу 5,3 милиони луѓе во Сирија најверојатно останале без покрив над главата поради земјотресот, процени агенцијата на ОН за бегалци на 10 февруари.

Зборувајќи за Дамаск на прес-конференција во Женева, претставникот на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) за Сирија, Сиванка Данапала, рече дека ова е прелиминарна проценка за луѓето погодени од земјотресот на кои им е потребна помош во засолништата.

„Тоа е огромна бројка и се однесува на население кое веќе страда од масовно раселување“, рече Данапала.

Данапала додаде дека агенцијата на ОН се фокусирала на дистрибуција на засолништа со „обезбедување колективните центри да имаат соодветни капацитети, како и шатори, пластични чаршафи, термални ќебиња, душеци за спиење, зимска облека итн.“

Зборувајќи за северозападна Сирија, која е делумно контролирана од бунтовничките сили, Данапала рече дека се покажува многу тешко да се добие помош специјално за таа област.

Стотици загинати и неколку стотици повредени во земјотрес во Турција
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:22 0:00

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пак, на 10 февруари ја посети турската провинција Адијаман, каде што призна дека одговорот на владата не бил толку брз како што можел да биде.

„Иако моментално го имаме најголемиот тим за пребарување и спасување во светот, реалноста е дека потрагата не е толку брза како што би сакале“, рече тој.

Инаку, денеска австриската војска ги прекина спасувачките операции во Турција поради влошена „безбедносна ситуација“.

„Имаше конфликт меѓу групите“, изјави портпаролот за АФП без да наведе повеќе детали.

Тој рече дека 82 војници од Единицата за помош при катастрофи на австриските сили се во јужната провинција Хатај.

Тие во вторникот пристигнаа во Хатај со 45 тони опрема и успеаја да извлечат девет лица од урнатините.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG