Достапни линкови

Запознајте ги Ива и Берин - кандидатите за нов средношколски лидер


Берин Мухамед и Ива Трпески, средношколци
Берин Мухамед и Ива Трпески, средношколци

Кој ќе биде нов претставник на македонските средношколци? Сојузот бира претседател, а РСЕ ве запознава со кандидатите Ива и Берин.

Сојузот на средношколци бира нов претседател или наследник на Лука Павиќевиќ. Во официјална трка за иден средношколски лидер се средношколците Ива Трпески и Берин Мухамед.

Ива е ученичка во прва година во кичевското средно училиште „Мирко Милески“ и е младински амбасадор на Кичево. Редовна е на натпревари по биологија, а сака да ја истражува функцијата на мозокот, па невронаука, психологија и неврохирургија, вели, ѝ се посебно занимливи.

Берин завршува втора година во скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“. Го интересира активизмот, а го влече музика, па свири на гитара. Но и спортовите како кик бокс, маи таи и тенис.

РСЕ им постави три исти прашања кои ги засегаат средношколците.

1. Што прво ќе смениш ако станеш нов претседател на сојузот?

Ива: Менталното здравје е приоритет број еден споменат во програмата. Меѓуврсничкото насилство е поврзано со менталното здравје. Конкретно решение за тоа прво е во основната комуникација меѓу нас. И затоа би обрнала внимание на тоа како се комуницира вербално и онлајн, бидејќи мислам дека тука е коренот на овој проблем. Би се набљудувале младите како комуницираат меѓу себе и тоа би се зело како пример или проблем за тоа каде треба да се обрне внимание.

Берин: Како топ приоритет ќе ми биде оној „стандард“ 5.00 во Македонија. Ако бидеме искрени, не е секој за петка. И кога станува збор на пример за музика или за уметност тоа е нешто кое доаѓа од талентот. Треба да бидеме повеќе фокусирани на предметите кои ни одат и ги сакаме повеќе од другите. Kога доаѓа крајот на годината, сите со врски и слично сакаат да ги имаат сите петки за да влезат на некој добар факултет. А факултетот повеќе треба ако некој сака да студира математика на пример, да гледа каква оценка имал ученикот по математика, а не да се гледа што имал тој, да речеме, по музичко.

2. Треба ли да се ограничи пристапот до социјални мрежи во училиштата?

Ива: Од еден аспект да, од друг не. Да - бидејќи доста често се злоупотребуваат. Не - бидејќи се доста добар извор на нови информации околу самиот учебен материјал. Но, повеќе мислам дека се насочувам кон тоа да не се ограничуваат.

Берин: Треба малку да се тргнат децата од нив, повеќе кога зборуваме за училиште. Се снимаат, се задеваат со снимките... Затоа подобро би било кога би имале телефони, но не би имале интернет или пристап до снимање на вакви работи. Најмногу насилството доаѓа од интернетот. Може и да се соберат телефоните, да кажеме додека стигнат во школо да ги имаат, но да има некои кутии во кои ќе се ставаат телефоните. И на одмор или кога ќе завршат со часови да можат да ги земат.

3. Хартиени или дигитални учебници?

Ива: Ако треба бирам меѓу едното или другото, сепак би го одбрала второто бидејќи дигитализацијата е таа нова ера кон која ние се насочуваме и се фокусираме да се развие во нашиот образовен систем бидејќи имаме доста голем бенефит од ова. Иако, доколку имаме шанса да комбинираме електронски со хартиени учебници, сметам дека и тоа е добра идеја.

Берин: Подобро е учебниците да бидат хартиени отколку електронски, бидејќи ако се електронски ќе се изгуби навиката за учење. Младите ќе седат повеќе на интернет и ќе се изгуби поентата на учењето.

Ива и Берин својата програма и тим ќе ги претстават пред делегатите на Генералното собрание на Сојузот на средношколци. Новиот претседател ќе биде избран на 11-ти јуни 2023 година. Ќе стане нов средношколски лидер веднаш и ќе има мандат од 2 години.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG