Гужви во болничките ходници, редици родители со болни деца, ваква е сликата на речиси сите поликлиники и амбуланти во земјата. Со сезоната на вируси и грипови, состојбата дополнително ја влошува и недостигот на матични педијатри, па дури и заворање на детски оддели во болниците, како во Охрид.
Поликлиниката „Јане Санадански“ во најголемата општина во државата, остана без матичен педијатар, откако и последниот годинава заминал во пензија.
Лекувањето на децата во земјава освен матичните педијатри го вршат и општите лекари, како и лекарите по семејна медицина. Но, во последниве десет години нема педијатар што се вработил во здравствените домови, вели матичниот д-р Љупчо Стефановски.
„Факт е дека во целава држава педијатри недостигаат и бројката е катастрофално ниска, меѓу сите тие во цел Аеродром и цела стара општина Кисела Вода дали има пет или шест доктори што се педијатри и што работат, а сега веќе двајца од нив отидоа во пензија. Во поликлиниката „Јане Сандански“ сите што работеа матични лекари во педијатриска служба, со 20-25 години искуство, од први јануари и последниот што работеше во таа служба отиде во пензија“, вели д-р Стефановски.
Дежурствата се покриваат со други матични лекари, кои не се педијатри, но проблемот со недостигот се провлекува со години и треба да се размисли како понатаму ќе се решава и ќе функционира, додава д-р Стефановски.
„Во последниве десет години нема педијатар што се вработил во здравствените домови, во Аеродом има два педијатри само што останаа во приватен сектор, но тие се исто така матични педијатри, еден во Ново Лисиче и еден во Аеродром и има уште двајца во Драчево“, вели тој.
Во општина Аердром која е најголемата скопска општина со речиси 78 илјади жители, а истовремено е и една од најпогодените од високото загадување, токму во овој период на децата им е потребна лекарска помош. Дежурниот пункт во поликлиниката „Јане Сандански“ се отвори пред неколку години, а идејата беше да се растоварат гужвите во Детската Клиника и во Институтот за белодробни заболувања кај деца - Козле.
Сè повеќе пациенти, сè помалку лекари
Најзагрижувачка е ситуацијата во струшката болница, откако таму почнаа да се препраќаат децата од Охрид, каде болницата веќе со месеци не хоспитализира поради недостигот од педијатри.
Струшките педијатри дневно вршат и над 100 прегледи. Д-р Влатко Мицкоски, началникот на струшкото одделение за педијатрија вели дека ниту еден пациент не се враќа, но лекарите прават натчовечки напори за да дадат здравствена услуга на болните деца.
„Дневно од понеделник до петок имаме 70-80 пациенти, а за време на викенди и празници бројката е дупло повисока, еве за првите три денови од Новата година имавме преку 500 пациенти за тие три дена кои поминаа низ нашето одделение, кои за преглед, кои за хоспитализација, кои за спроведување на терапија во дневна болница“, вели др Мицкоски.
Струшката болница во моментов има само пет педијатри, а прима пациенти и од Ресен и од Дебар, бидејќи и во тие градови недостигаат лекари. Дополнително, овие пет педијатри се грижат и за новороденчињата од неонатолошкиот оддел.
„Ова е пропуст на здравствените власти во изминативе 10-15 години затоа што не се водеше сметка кој кога ќе се пензионира и кога да се пуштат сепцијализации“, нагласува докторот.
Според обемот на работа што го имаат, најмалку седум педијатри треба да има за да функционира одделението како што треба.
„Како ќе биде на долг рок не можеме ништо да кажеме, до кога ќе можеме не знаеме, изморени сме, но продолжуваме“, нагласува д-р Мицкоски.
Министерството за здравство бара начин за решавање на проблемот
Од министерството за здравство велат дека се бара решение на проблемот со недостигот од педијатри во јавните здравствени установи. Засега само со одобрување на повеќе специјализации за педијатри. Но за тоа треба време.
Немаат податоци дали и колку педијатри си заминале од јавното здравство, но велат дека лани одобриле 26 специјализации, а дополнително уште 29 специјализанти биле упатени на специјализација за педијатрија.
Во однос на прашањето за охридската болница, за што повеќе наврати најавуваа решение, сега велат дека се бараат начини за надминување на проблемот во рамките на законските можности.
„Во таа насока, од охридската болница, во моментот на специјализација се 21 доктор, меѓу кои и двајца доктори на специјализација по педијатрија, како и во областите интерна медицина, анестезиологија, гинекологија и др. Исто така, со новата Програма за специјализација за годинава се предвидени уште две нови специјализации по педијатрија за охридската болница“, се вели во одговорот од ресорното министерство.
Детското одделение во охридската болница веќе цела година фунционира само како дневна амбуланта без можност да се хоспитализираат пациенти, бидејќи е останато со само двајца специјалисти, кои работат еден во прва, а другиот во втора смена.