Достапни линкови

„Жанр сцени од Колекцијата на Национална галерија“ во Мала станица


Плакатот за тематската изложба
Плакатот за тематската изложба

„Жанр сцени од Колекцијата на Национална галерија“ е насловена тематската изложба што од 7 септември до 10 октомври ќе се одржи во Мала станица во Скопје. Ќе бидат изложени 80-на дела од македонски и балкански творци, а поставката се одржува во рамките на Европските денови на културно наследство.

Осумдесеттина дела во различни сликарски техники и скулптури кои се карактеризираат со буквална „секојдневност“ и „обичност“, ќе бидат претставени на тематската изложба „Жанр сцени од Колекцијата на Национална галерија“ што од 7 септември до 10 октомври годинава ќе се одржи во објектот Мала станица во Скопје. Поставката се одржува во рамките на Европските денови на културно наследство, нajшироко прифатениот партиципативен културен настан кој што го споделуваат граѓаните на Европа.

Димитар Андонов Папарадишки - Оро, масло на платно 1952

Од македонската ликовна сцена за оваа пригода селектирани се делата на класиците Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Љубомир Белогаски, Димче Протуѓер, Василие Поповиќ- Цицо, Томо Владимирски, Богољуб Ивковиќ, Александар Ивановски Карадаре ... а публиката ќе има можност на оваа изложба да ги види сликите и скулптурите на врвните творци од просторот на поранешна Југославија како Коста Хакман, Целестин Медовиќ, Вилим Свечњак, Крсто Хегедушиќ, Омер Мујаџиќ, Миќа Поповиќ, Надежда Петровиќ, Весна Соколиќ и други.

Надежда Петровиќ - Друштво (карташи) , масло на картон 1905 - 10

Во пресрет на отворањето на овој несекојдневен ликовен настан кураторката Елена Иванова, појаснува дека делата од овој избор се карактеризираат со буквална „секојдневност“ и „обичност“ на претставување на сцените, со задолжителна дискретна поента во постоечките елементи на драматика, сатира, дидактика, па се до вклучување на романтизам и сентименталност. Дополнува дека „жанр-сцената го опфаќа човекот како фокус, во неговото опкружување и дека се забележува претстава на пазари, ентериери, ликови во ентериер, улични настани“. Вели дека во општа смисла на темата, „тука спаѓаат селскиот и градскиот мотив, како и верските мотиви, со присуство на човекот и спонтани животни ситуации кои како краен ефект ја доловуваат уметничката визија на вистинската слика на животот, во која секој гледач може да почувствува поврзаност и близина“.

Преку оваа тематска изложба, се добива ретка можност да се видат дела од депоата на Национална галерија, некои неизложувани, а некои по подолг период ќе бидат претставени на јавноста. Делата се од исклучителна важност, и воедно, ова е тема која не била застапувана повеќе години, така што е нагласен едукативниот момент кај младите генерации, да се запознаат со нашето културно богатство, и реномираните автори од нашите простори, од државата и поранешните бивши југословенски републики, во сопственост на Националната галерија. Селектиран е конкретен ликовен мотив- жанр-сцена, со презентирање на дела од фундусот на Националната галерија, која изобилува со вакви теми, смета кураторката Иванова.

Крсто Хегедушиќ - Јустиција, масло на платно 1934

Инаку, во рамките на Европските денови на културно наследство ќе бидат одржани повеќе од 70.000 настани во педесетте земји потписнички на Европската културна конвенција, а заедничката тема на годинешното одбележување е насловена „Одржливо наследство“.

Според информациите од Национална галерија централното одбележување на овој настан во нашата земја е планирано да се одржи во периодот од 22 до 28 септември, а Д-р Дита Старова Ќерими, директорката на оваа национална институција потсетува дека тие особено се горди на сопствената заложба за давање „висок приоритет во напорите за оддржливост на недвижното и движното културно наследство“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG