Достапни линкови

ЕУ самит во Брдо: „5+1“ агенда за спорот Македонија - Бугарија


Илустрација - Македонскиот премиер Зоран Заев и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен
Илустрација - Македонскиот премиер Зоран Заев и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен

Европските челници во Брдо со ветување за посветеност на проширувањето на Унијата. Бугарскиот претседател Румен Радев со прецизни услови за Македонија. Премиерот Зоран Заев пак разочаран од новите потези на Бугарија

Пораката на Европската комисија е многу јасна, а тоа е дека земјите од Западен Балкан и Европската унија (ЕУ) се од иста Европа. Нема сомнеж за проширување на Унијата и нашата цел е проширување. Овие пораки ги испрати претседателката на Европската комисија, Урсла фон дер Лајен, од Самитот ЕУ - Западен Балкан, во Брдо кај Крањ во Словенија.

Конкретно за билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија, дер Лајен порача дека ќе се применува т.н. 5+1 прашалник за да се најде соодветно решение, што беше повторување на она што претходно го кажа бугарскиот претседател Румен Радев како начин за решавање на спорот Софија-Скопје.

„Земјите од Западен Балкан направија многу. Не велам дека е се направено, но направено е многу. За решавање на проблемот меѓу Северна Македонија и Бугарија да се примени прашалникот 5+1“ со конкретна агенда за спроведување, изјави фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел, и домаќинот на Самитот, словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Радев ги постави условите

Пред прес-конференцијата на Лајен и Мишел, а по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и македонскиот премиер Зоран Заев, и бугарскиот претседател ја потенцираше агендата 5+1, прецизирајќи ги условите што ги бара Софија од Скопје, како и тоа дека очекува правнообврзувачки договор со Скопје до ноември, а за Бугарија да каже ДА за Македонија, прво ќе треба да се види што е исполнето од Скопје.


„Партнерите од ЕУ се повеќе ја сфаќаат нашата позиција. Клучот за согласност на Бугарија воопшто не е сложен – се состои во целосно имплементирање на Договорот за добрососедство. Потоа, македонските Бугари да бидат подеднакво рамноправни со останатите 7 народи наведени во Уставот на Северна Македонија и тоа треба да биде јасно наведено во Уставот. Второ, македонските Бугари да бидат јасно наведени во резултатите од пописот. Трето, како што беше признаена историската вистина во односите со Грција, истото да биде сторено и со Бугарија. Објективните факти од нашата општа историја не може да бидат подложени на мултиперспективно толкување“, изјави Радев.

Заев: Навреда за македонските граѓани

Ваквите постапки на Бугарија пак премиерот Зоран Заев ги коментираше како навреда за македонските граѓани.

„За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија. Чекорите и блокадите што ги презема бугарскиот преседател Румен Радев во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани“, изјави Заев, додавајќи дека македонскиот народ со целата своја мирољубивост не може да ги оправда блокадите.

„До сега не постои земја членка на ЕУ која има каква било забелешка за нашите реформи. Нашиот напредок во интеграциите во ЕУ првенствено треба да зависат од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. Затоа посветени сме на решавање на билатералните спорови кои се влечат од минатото, а доказ за тоа се и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија од 2017 година“, нагласи претседателот на Владата.

Мишел: Подготвени сме да издвоиме многу пари за инвестирање во Западен Балкан

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека Самитот беше можност да се „потврди европската перспектива на Западен Балкан“.

„Ставивме до знаење дека сме подготвени да издвоиме многу пари за инвестирање во тие земји, како и за поддршка на економските реформи и борбата против корупцијата. Самитот беше можност за слободна и отворена размена на мислења за да видиме кои ќе бидат следните чекори“, рече Мишел.

Во завршната Декларација, по самитот, нема датум поврзан со проширувањето и преговорите со земјите од регионот.

Групна фотографија од самитот ЕУ -Западен Балкан, Брдо кај Крањ, 06.10.2021
Групна фотографија од самитот ЕУ -Западен Балкан, Брдо кај Крањ, 06.10.2021

Вархеји: Да ја преземеме нашата одговорност

Претходно и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, изјави дека лидерите собрани на самитот ЕУ-Западен Балкан „ќе потврдат и јасно ќе кажат дека се посветени на целосната интеграција и членство на Западен Балкан во ЕУ“.

„Во таа насока, ние мора да ја преземеме нашата одговорност и да донесеме одлуки како што се отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, отворање кластери со Србија, забрзување на работата за кандидатурата на БиХ и визна либерализација за Косово“, рече Вархеји.

Поддршка за проширување на ЕУ и за интеграција на Западен Балкан искажаа и австрискиот канцелар Себастијан Курц, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, холандскиот премиер Марк Руте, а ден претходно и шефот на унгарската дипломатија Петр Сијарто и грчкиот премиер Кирајкос Мицотакис. При тоа, Сијарто ја нагласи можноста дека ако ЕУ не ја заврши работата, никој друг може да ја заврши место неа.

Темни перспективи за членство на Северна Македонија во ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:05 0:00

Заев: Да не се дозволи разочарување на нашиот народ

Пред изјавите на Лајен и Мишел, а во рамките на Самитот, македонскиот премиер Зоран Заев имаше заедничка средба со францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел и со бугарскиот претседател Румен Радев, на која рекол дека „се потребни европски чекори од страна на сите земји членки на ЕУ за да не се дозволи разочарување на нашиот народ, а со тоа и зголемување на ризиците од засилување на ретроградните националистички струи“.

Според владиното соопштение, Заев и вицепремиерот Никола Димитров се заблагодариле за определбата на Унијата за Западен Балкан, како и за тоа што „лидери како Меркел и Макрон помагаат за решавање на билатералните спорови, кои влечат корени од минатото“.

Заев на таа средба изразил надеж дека процесот на проширување на ЕУ а со тоа и интеграцијата на Македонија и останатите аспиранти од Балканот нема да запре, додека бугарскиот претседател Румен Радев пред таа средба децидно ги кажа условите кои Македонија треба да ги исполни за да добие бугарско ДА за да почне преговори со Унијата.

Декларација за поддршка без датуми

Самитот формално не е за проширување, но лидерите на земјите од регионот очекуваа потпишување на декларација која треба да го покаже заедништвото на ЕУ за темата проширување.​

Што напиша ЕУ во Декларацијата „Брдо“

Пред две години Франција и Холандија го блокираа процесот на проширување, а сега е актуелно ветото за Македонија од Бугарија која бара признавање на бугарски корени во македонскиот идентитет и јазик, што не е прифатливо за Македонија.

XS
SM
MD
LG