Достапни линкови

Еден уапсен за железничката несреќата во Грција со најмалку 36 загинати


Грција - несреќа

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од денеска до петок прогласи тридневна жалост во Грција по железничката несреќа во која загинаа најмалку 36 луѓе. Тој вели дека ќе ги дознаат причините за оваа трагедија и ќе направат сè за никогаш да не се повтори вакво нешто. Сочувство до Грција стигна од низа земји од Европа.

Едно лице е уапсено за железничката несреќа што се случи нешто пред полноќ на 28 февруари во близина на грчкиот град Лариса, соопштија од Министерството за цивилна заштита на Грција.

Најмалку 36 лица го загубија животот, а 66 лица со повреди се хоспитализирани во грчките болници по синоќешниот судир на патнички и товарен воз кај месноста Темпи, во близина на Лариса, на околу 350 километри северно од Атина.

Министерот за транспорт и инфраструктура на Грција Костас А. Караманлис поднесе оставка поради железничката несреќа.

„Ова се нарекува политичка одговорност. Чувствувам должност да го сторам ова како минимален знак на почит кон луѓето кои толку неправедно заминаа и преземајќи ја одговорноста за безвременските грешки на грчкиот државен и политички систем“, вели Караманлис, во писмената оставка.

Снимките од несреќата покажуваат превртени и опожарени вагони со кршени прозорци.

„Слушнавме голема експлозија, десет страшни секунди“, изјави Стергиос Миненис, 28-годишен патник кој скокна на безбедно од урнатините.

„Се вртевме во вагонот додека не паднавме на страна... потоа настана паника, кабли, пожар, додека се тркалавме горевме, огнот беше десно и лево“, вели тој.

Грчките медиуми објавија дека меѓу 350 патници во возот, поголемиот дел биле студенти кои по продолжениот викенд се враќале или дома во студентските кампуси.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, уапсен е одговорниот на железничката станица во Лариса.

Обвинителот од Лариса Стаматис Даскалопулос рекол дека се сослушува едно лице, покрената е постапка по службена должност и истакнал дека „се во рана фаза за комплетирање на случајот“, пренесува агенцијата.

Железничка несреќа во Грција, најмалку 36 лица настрадале
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:27 0:00

Тридневна жалост во Грција

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од денеска до петок прогласи тридневна жалост во Грција по железничката несреќа.

„Една работа можам да гарантирам: ќе ги дознаеме причините за оваа трагедија и ќе направиме сè што е во наши раце за никогаш да не се повтори вакво нешто“, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Темпи, од местото каде што најмалку 36 лица го загубија животот во железничката несреќа.

Мицотакис истакна дека она што денес го живеат како држава е многу тешко и станува збор за неопислива трагедија.

Паралелно, грчката претседателка Катерина Сакеларопулу поради несреќата ја прекина официјалната посета на Молдавија.

Медиумите во Грција коментираат дека станува збор за една од поголемите, ако не и најголемата железничка несреќа во Грција.

Во несреќата во соседна Грција, нема повредени или загинати македонски државјани, соопшти македонското Министерство за надворешни работи (МНР) на 1 март.

МНР останува отворено за реакција на барање на наши државјани, кои поради било какви причини предизвикани од несреќата им е потребна итна асистенција и информира дека на располагање се три броја на нашите дипломатски претставништва во Грција.

Пораки со сочувство

Пораки со сочувство до Грција за железничката несреќа кај Темпи, упатија министри за надворешни работи, претседатели и премиери на низа земји од Европа., претседателите на Европската Комисија и Европскиот Парламент, како и украинскиот претседател.

Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, телефонски разговарал со неговите колеги од Северна Македонија, Турција, Австрија, Португалија, Хрватска, како и со претседателот на Албанија, кои му изразиле сочувство.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи телефонски разговарал со неговиот грчки колега Никос Дендиас и му изразил сочувство за трагичната железничка несреќа во Грција.

Како што соопштија од грчкото МНР на „Твитер“, Дендиас му се заблагодарил на Османи „за поддршката во овој тежок момент“.

Преку Министерот Дендијас, Османи упати и пораки на сочувство до семејствата и роднините на загинатите, како и надеж за брзо закрепнување на повредените, соопштија од македонското МНР.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG