Достапни линкови

Доротеј Нешовски: Уметниците треба да се стимулираат!


Дело на Доротеј Нешовски.
Дело на Доротеј Нешовски.

„Секоја работа надвор од уметноста е губење време“ е насловена втората визуелната книга на Доротеј Нешовски, која со просторна инсталација направена за таа пригода, беше промовирана деновиве во КСП Центар – Јадро во Скопје. Во неа фокусот е на позицијата на уметникот во општеството.

Доротеј Нешовски, по половина декада од деби објавата „Уметноста не е тоа што сакате“ во издание на Priaveteprint од Скопје, еве го со својата втора визуелна книга. Овојпат насловена „Секоја работа надвор од уметноста е губење време“ и со КСП Центар – Јадро како издавач. Книгата ја чинат „експериментални визуелни цртежи и ефемерни мисли создавани на корпоративни хартии“ и во неа авторот рефлектира на позицијата на уметникот во општеството.

Од таму, не случајно во пресрет на промоцијата и неговата просторна инсталација подготвена за оваа пригода ќе забележи дека цртежите се дел од „неговата размисла изразена низ форми на медиум во кои се гради структурата на неговиот визуелен јазик преку кој прави обид да ги разоткрие противречностите на современото општество“.

Во голема мера сакав да размислувам и да рефлектирам на позицијата на уметникот во општеството, предизвикот да се занимава со својата професија, но и борбата за егзистенција која не приморува да правиме бројни компромиси. Дали ние во нашето општество се трудиме да ги разрешиме проблемите со којшто се соочуваме или се наоѓаме во ситуација на постојан status quo?, пишува Нешовски.

Доротеј Нешовски, уметник и автор на визуелната книга „Секоја работа надвор од уметноста е губење време“
Доротеј Нешовски, уметник и автор на визуелната книга „Секоја работа надвор од уметноста е губење време“

Кон ова само уште информациите дека поголемиот дел од циклусот на цртежи претставени во книгата, Нешовски го создавал додека работел на штанд на Лотарија во еден скопски шопинг мол.

И, она што е интересно е дека како подлога за своите секојдневни записи, мисли и брзи крокија, Доротеј користи хартии од искористени игри на среќа како и други флаери и пропагандни материјали пласирани од разните корпорации.

Со овој потег сакав да укажам на проблемите со кои се соочуваат младите уметници кои по диспломирањето и работата во студио доаѓаат на отворен простор каде што реално се изгубени. Тие пред се* сакаат да се најдат себе си, но сакаат и да создаваат. Да креираат во средина каде што, пак, тој потенцијал не се поттикнува и не се гради како стратегија и политика за тие млади творци, вели уметникот.

Тој притоа истакнува дека полека се менува односот кон ликовните творци, но дека ќе треба уште многу да помине за да се стигне до промени.

Со текот на времето учиме како да живееме и како да комуницираме. Затоа мислам и се надевам дека во иднина луѓето се повеќе ќе им се посветат на уметностите. Ќе се свртат не само кон современата уметност, туку и кон другите со цел да постигнат повисок степен на духовност и на комуникација. Мислам дека можеме, ако сакаме, да создаваме платформи кадешто ќе продуцираме уметници коишто ќе бидат етаблирани во светот, но за тоа најпрво треба да се погрижи државата. Ќе треба уметниците да се стимулираат. Самите да се градат во тие доминантни културни личности и да се пласираат во светот. Значи, таа културна политика на која ќе треба да се работи еден подолг период сигурно е дека во иднина би донела и позитивни резултати. Би имало позитивен фидбек од неа. Затоа сметам дека многу повеќе треба да и се посвети внимание на уметноста и на културата. И здравје утре да се видиме на некои големи светски биеналиња, групни поставки, изложби...каде ќе бидеме во чекор со сите, ќе рече Доротеј.

Уметникот и со потсетување дека моментално глобалната тенденција е да се врати духот на уметниците, на уметноста и на човештвото. Дека творештвото сега се презентира се повеќе во неформални простории како онаа на КСП Центар – Јадро се со цел за да се „излезе од филтрите на институциите и да се фати насоката кон природата“.

Живееме во време на индолентност, незаинтересираност... Нема движење.Сите чувствуваме дека има потенцијал, но тој потенцијал се задушува од одредени бариери. Затоа луѓето се насочуваат кон други сфери во живеењето. Не го следат патот на уметноста, туку создаваат некои други светови, смета Нешовски.

Прашан, пак, за тоа дали уметноста може да го победи материјалното во времево на супремација токму на материјализмот, Доротеј истакнува дека е тоа лична одлука и дека таа зависи од тоа како сака да живее човекот.

Ако сакаш ти да живееш во духовно ти ќе живееш и материјалното ќе ти биде второстепено. Се надевам дека со тек на времето ќе се покаже дека материјалното можеби нема да исчезне, туку дека ќе се сведе на некој друг начин, ако сакате друг медиум на поткрепа. Дека духовното ќе завладее во општењето и во комуникацијата. Дека ќе се изнајде вистинскиот баланс меѓу нив и местата што треба да си ги завземат во идните односи и поставености, вели Нешовски.

И, кон ова уште неколку збора превземени од биографијата на авторот.

Роден 1989 година во Скопје, Доротеј Нешовски е интердисциплинарен уметник кој се занимава со концептите за креативна спонтаност, ликовнa артикулација, социјална инклузија, педагогија и апстрахирање на релацијата галерија-публика-уметник чии интереси вклучуваат партиципативни активности, методологии на мапирањe и резонантност, вониституционално делување, истражувачки практики и детска едукација. Од 2012 година тој е еден од основачите и член на уметничката група „ЅЕЕ“ со која има реализирано повеќе проекти.

Нешовски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот за вајарство со под насока сценографија во 2012, а во последниве седум години активно се бави со организација и конципирање на работилници во Детскиот креативен центар при Младински културен центар-Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG