Достапни линкови

Груби- не сум повикан во Хаг


Архивска фотографија- вицепремиерот Артан Груби
Архивска фотографија- вицепремиерот Артан Груби

Вицепремиерот Артан Груби ги демантира информации дека е повикан во судот во Хаг за случајот „Жолта куќа“, но потврдува дека како тогаш вработен во Хашкиот трибунал бил во албанскиот град Бурел додека се водела истрагата за наводните злосторства за време на војната во Косово.

Првиот вицепремиер во македонската влада Артан Груби вели дека првпат слуша дека е повикан како сведок во таканаречениот случај „Жолта куќа“ . Во овој случај, наводно во куќа во Албанија, во близина на градот Бурел на граѓани, претежно Срби, за време на војната во Косово, им ваделе органи кои потоа ги препродавале.

„Не сум повикан воопшто во Хаг“, рече вицепремиерот Груби денеска во изјава што ја побараа неколку медиуми, меѓу кои и Радио Слободна Европа.

Улогата на Груби во случајот „Жолта куќа“ и евентуално неговото сведочење во Хаг се појави како тема во јавноста откако во Албанија, тамошната опозиција инсинуираше дека тој е повикан во Хаг.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју, пак, рече дека Груби бил само преведувач, „ништо повеќе од тоа“ додавајќи дека неговиот соработник со години работел како преведувач и службеник во седиштето на НАТО во Скопје, потоа и во Холандската амбасада во Скопје, а претходно бил преведувач и во Хашкиот трибунал 7 или 8 години.

„Јас не сметам дека тој бил истражител! Секако дека ја познавал материјата бидејќи наивно би било да кажам дека не ја знаел материјата кога работел како преведувач и одреден период работел со луѓе кои ги правеле интервјуата“ изјави Ахмети.

Груби денеска рече и дека како вработен во Хашкиот трибунал за кој работел од 1999 до 2004, бил во Албанија во градот Бурел, заедно со иследникот на Хашкиот трибунал кој истражувал по претходни наводи за какви било злосторства таму по што се утврдило дека нема никаков случај.

„Бев таму во службен капацитет, како дел од Хашкиот трибунал“, вели Груби.

Инаку вицепремиерот ваквите гласини сега смета дека се дел од предизборието во Албаниија. Случајот „Жолта куќа“ се покрена во јавноста во првата половина на двеилјадититe години. Десетици, главно Срби се тврдеше дека биле однесени во таа куќа во периодот од 1999 и 2000 година каде што биле убивани, а нивните органи биле вадени. За овие тврдења истраги досега водеа три суда- на УНМИК, Меѓународниот трибунал и ЕУЛЕКС.

Овој четврти суд всушност е формиран за да ги истражи наводите и доколку се најдат докази да поведе обвиненија за нечовечно постапување со луѓе и недозволена трговија со човечки органи во Косово. Тоа всушност е и името на извештајот на Советот на Европа од 2011 година, во кој ги има и наводите за „жолтата куќа“во Албанија. Овој суд е косовски, но е составен и од меѓународни судии, а седиштето му е во холандскиот град Хаг.

Периодот за кој се тврдеше дека се случувале работите во „Жолтата куќа“ е 1999 и 2000 година. Тогаш, македонскиот вицепремиер Груби според биографијата објавена на интернет страницата на Владата, бил менаџер на проект, одговорен за целокупното управување со програмата за храна и засолниште за бегалци. Во истиот период, пишува во биографијата, е и координатор на проект за програма за засолништа и рехабилитација во Куманово.

Случувањата во „Жолтата куќа“ почнуваат да се споменуваат веднаш по завршувањето на косовската војна. За нив според информациите во јавноста, биле заинтересирани новинари и меѓународни мисии. Токму во тој период, од 2000 до 2004 година, Груби, според неговата биографија, работи во Хашкиот трибунал чија мисија е да ги расчисти воените злосторства во војните на територијата на поранешна Југославија. Како што пишува во биографијата Груби за трибуналот извршува оперативни задачи со Канцеларијата на обвинителот во Косово, Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Хаг, итн.

Инаку, хашкиот трибунал не стигнува до поведувањето на случај за таканаречената „Жолта куќа“, но обвинувањата за трговија со органи за во 2008 година ги изнесе тогаш поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал Карла дел Понте. Таа ја истражувала и таканаречената „Жолта куќа“ на северот на Албанија под сомнение дека се користела како „клиника“ од каде што се продавале органите на околу 300 заробени Срби во Косово.
Груби во тој период веќе не работи во Хашкиот трибунал. Според биографијата тој од јануари 2005 година до март 2008 година е политички асистент во Кабинетот за политички советници на НАТО.

За случајот „Жолта куќа“ досега имаше неколку истраги кои завршија без обвинение. Сега обвинети од Специјалниот суд за Косово со седиште во Хаг се поранешкиот косовски претседател Хашим Тачи и уште двајца поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (УЧК / ОВК) - поранешниот претседател на ДПК, Кадри Весели и шефот на парламентарната група на движењето Самоопределување Реџеп Селими .

Од македонските политичари во Хаг досега како сведок беше повикан лидерот на ДУИ Али Ахмети. Тој даваше исказ поврзано со неговата активност за време на војната како еден од основачите на ОВК, и постапките што ги отвори Обвинителството за на Тачи и Весели.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG