Независната кандидатка за градоначалник на Скопје Данела Арсовска, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, е во водство пред актуелниот градоначалник Петре Шилегов од СДСМ со 12 илјади гласа, по обработени една третина од гласачките места, покажуваат официјалните податоци на Државната изборна комисија.
Таравари прогласи победа во Гостивар со над 5 илјади гласа разлика
Актуелниот градоначалник на Гостивар Арбен Таравари прогласи победа во градоначалничката трка. Тој на куса прес конференција изјави дека во Гостивар брутално ја победиле власта. Таравари тврди дека во вториот круг освоил над 18 илјади гласови и дека го победил својот против кандидат со над 5 илјади гласа разлика.
ВМРО-ДПМНЕ со зурли и тапани пред седиштето во Скопје
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ со зурли и тапани почна славје пред седиштето на партијата во Скопје. Пред седиштето на партијата членови и симпатизери на ВМРО- ДПМНЕ играат оро. На социјалните мрежи веќе прогласуваат победи во неколку општини. Од опозицијата велат дека победи се издвојувани во Охрид, Брвеница, Радовиш, Гевгелија, Зелениково, Битола, Василево, Ресен, Ново Село, Чешиново, Конче и Лозово, а во водство се и во Скопје.
Димитриевски прогласи победа против СДСМ во Куманово
Победа прогласи досегашниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. Тој тврди дека го освоил вториот мандат за градоначалник, но овој пат како независен кандидат. Првиот мандат беше градоначалник како член на СДСМ. Димитриевски на социјалната мрежа Фејсбук се вклучи во живо од неговиот изборен штаб и прогласи победа со разлика од над 5 илјади гласови.