Достапни линкови

Во Ѓорче Петров уште гаќите останаа проблем


Илустрација
Илустрација

Одлуката на Општина Ѓорче Петров да забрани сушење алишта во дворовите со поглед на улица ја разбранува јавноста. Едни велат Ѓорче не смее да личи на Кабул, други, пак, посочуваат дека после секој дожд личи на Венеција.

Градоначалникот на Ѓорче Петров реши да им се „меша во штипки“ на жителите. Советот на Општина Ѓорче Петров донесе одлука со која се забранува сушење алишта „во дворните места што се со поглед кон улица или плоштад“. Градоначалникот се пофали со одлуката на Фејсбук.

Тоа предизвика бура реакции на социјалните мрежи.

Поддржувачите на одлуката велат дека населбата не треба да наликува на Кабул, другите велат дека споредбата е навреда за Кабул. Изгледа дека во Ѓорче не остана неасфалтирана улица без канализација, а проблемот со возилата паркирани насекаде е решен, па останаа само финесите.

Дел од граѓаните нагаѓаат како изгледала седницата на која била донесена одлуката.

Оние кои ја оправдуваат одлуката, велат дека Ѓорче не смее да изгледа како Кабул.

Тоа што за половина од населените места во општината атмосферска канализација е мисловна именка, асфалтот на споредните улички е од времето кога населбата ја викале Ханриево, а на главната улица постојано има паркирано возила веројатно не ја прави општината да личи на Кабул. Други, пак, коментираат дека е бетер.

Ако почне да се применува оваа одлука, Ѓорче може да стане општина со најмногу криминалци пер капита.

Дел од граѓаните иронично повикуваат на протест со масовно сушење на гаќите на тераса.

Други, пак, смислуваат креативни амблеми на општината.

Дел од жителите, пак, прашуваат дали општината планира да дава субвенции за набавка на машини за сушење алишта.

Ако видите некој како се шета со мокри алишта, да знаете дека само почитува закон.

Полошо отколку да зборуваат за вас е само да не зборуваат за вас, рекол Оскар Вајлд. Градоначалникот Александар Наумовски изгледа си го врзал ова во крпче, па на Фејсбук напиша дека е добро „што и со ваква одлука ја разбранувавме јавноста, сè со цел да ја подигнеме јавната свест за почитување на прописите“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG