Веќе со недели, десетици илјади руски војници се на позициите северно и источно од границите на Украина и на Крим врз кој Москва ја презеде контролата во 2014 година.
Во заднината на провокативните коментари на претседателот Владимир Путин насочени кон Киев Украина засекогаш да се држи надвор од НАТО, американските и украинските разузнавачки агенции предупредија дека Русија се подготвува за можна воена офанзивакоја би можела да започне овој месец.
Бајден му вети на Зеленски дека ќе дејствува решително ако Русија ја нападне Украина
Но, во Киев има малку знаци на загриженост дека инвазијата може да биде неизбежна. Како прво, Украина е во војна речиси осум години, борејќи се против сепаратистите поддржани од Русија кои држат делови од источните провинции Доњецк и Луганск, вклучувајќи ги и нивните главни градови, од април 2014 година.
„Едноставно повеќе не ми е грижа, живееме покрај вулкан речиси осум години“, вели Валентина Тарпишчева, 33-годишна фитнес инструкторка и мајка на две деца. „Имаме сметки за плаќање и деца за кои треба да се грижиме“, рече таа додека гледаше облека со намалени цени во преполниот трговски центар на југот на Киев.
Сметките за комунални услуги и ужасните економски проблеми се повисоко на агендата на многу Украинци отколку изгледите за војна, покажа истражувањето на агенцијата „Рејтинг груп“.
Три четвртини од испитаниците рекле дека зголемените стапки за гас и централно греење, како и „ескалацијата“ на економските проблеми во Украина, се нивниот најголем проблем.
Што се однесува до војната, помалку од половина од анкетираните рекле дека веруваат оти е можна воена ескалација, додека 23 насто рекле дека таков развој е „неверојатен“.
„Нема никаква хистерија, тоа е сигурно“, изјави за РСЕ Ихор Козловскиј, универзитетски професор од Доњецк, кој се пресели во главниот град Киев по речиси 700 дена поминати во сепаратистичките затвори, оценувајќи: „Генерално, работите се избалансирани и мирни“.
Еден од факторите што го потхранува тој став може да биде тоа што украинските власти, во целина, звучат помалку вознемирени од нивните американски колеги за шансите за нова голема руска воена операција.
„За инвазија од целосен размер, ќе треба да има најмалку три до четири пати повеќе руски сили отколку што има денес“, вели Олексеј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, додавајќи: „Но, дали постои закана? Се разбира, за нас има постојана закана – со оваа закана живееме веќе седум години“.
Некои Украинци изморени од војна развија форма на фатализам што наликува на расположението во другите земји кои се соочуваат со закана од продолжен и нерешен воен конфликт, велат набљудувачите.
„Односот кон војната во Украина почнува да наликува на оној во Јужна Кореја или Тајван - тоа е пеколна сила што ќе влијае врз некој порано или подоцна, исто како и смртта на поединец“, вели Олексиј Куш, аналитичар од Киев. Сепак, не сите споделуваат такви ставови.
Жириновски: да ја бомбардираме Украина на новогодишната ноќ додека „сите се пијани“
Анкетите на јавното мислење го покажуваат тоа. Секој трет Украинец изјавил дека ќе ѝ се придружи на армијата доколку руските сили влезат во нивниот роден град или село, според истражувањето на Киевскиот институт за социологија, објавено во средината на декември.
Но, речиси 40 насто од тие потенцијални доброволци живеат во западна Украина, подалеку од руската граница и од првата линија во конфликтот во Донбас, додека околу една четвртина од анкетираните во источните провинции рекоа дека ќе се приклучат - бројки кои ги повторуваат разликите помеѓу западот кој главно зборува украински и истокот и југот кој главно зборува руски.
Скоро 19 насто пак, рекле дека „нема да направат ништо“ во случај на инвазија, а речиси 25 проценти би избегале од војна со преселување во друг регион или напуштање на земјата.
Владислав Соболевски не е во ниту една од тие две групи. Ветеран од Донбас, кој три години се бореше истокот, вели дека е подготвен повторно да се пријави во секој момент - и тврди дека руската инвазија најверојатно ќе има позитивен исход за Украина.
„Зошто позитивно? Изгледа чудно, но целата оваа работа мора да се реши на еден или друг начин...и сега, украинската армија е подготвена да го одбие овој напад“, изјави тој за РСЕ.
Соболевски, фудбалски навивач и ентузијаст за боречки вештини и илјадници други доброволци ѝ помогнаа на војската на Киев да ги спречи сепаратистите од понатамошниот напредок и одиграа улога во трансформацијата на армијата во подобро обучена и подобро мотивирана сила која сега има софистицирано оружје, како што се противтенковски ракети Javelin од САД и турските Бејрактар дронови.
Довербата на Соболевски во шансите на Украина во случај на нова голема офанзива не ја споделуваат воените аналитичари иако повеќето се согласуваат дека вооружените сили значително се подобрија од избувнувањето на војната во 2014 година.
САД- агресијата на Кремљ кон Украина ќе донесе повеќе сили на НАТО до Русија
Во секој случај, Соболевски верува дека ако Русија навистина нападне, западните санкции ќе го осакатат нејзиниот банкарски сектор, ќе ги спречат надежите на Кремљ за добивање конечно одобрение за испорака на природен гас во Европа преку гасоводот Северен тек 2 -- заобиколувајќи ја Украина -- и ќе го претворат Путин во меѓународен виновник. „Ова може да стане почеток на крајот на Русија“, заклучува тој.
Михаил, поранешен менаџер на фабрика за челик, кој во 2014 година побегна од Луганск, контролиран од сепаратистите не го дели ентузијазмот на Соболевски.
48-годишниот татко на две деца, кој не го наведе своето презиме затоа што се плаши од двете страни во конфликтот, се грижи за потенцијалниот нов пораст на непријателствата во Донбас, каде што борбите се многу помалку жестоки отколку во 2014-2015 година, но продолжуваат и покрај бројните прекини на огнот и Договорите од Минск - договори што требаше да го решат ќор-сокакот, но во голема мера не се имплементирани.
Во конфликтот загинаа повеќе од 13.000 цивили и борци. Михаил, чии родители, браќа и сестри сè уште живеат во делот на Луганск под контрола на сепаратистите, е многу критичен кон де факто властите таму -- и кон Путин.
Сепак, тој верува дека владата на актуелниот претседател Володимир Зеленски не е способна да ги освои срцата и умовите на оние што живеат во деловите на Донбас кои се под контрола на сепаратистите.
Во мрачната игра на прогнозирање за тоа дали Путин ќе ризикува да започне голема нова офанзива, клучно прашање е колку тој верува дека може да го постигне тоа и по која цена.
Аналитичарите и украинските власти сугерираат дека покрај подобрената војска, цивилите би можеле да дадат силен партизански отпор, што ќе доведе до продолжено крвопролевање во некои области.
Меѓутоа, Николај Митрохин, истражувач на Универзитетот во Бремен, вели дека Москва може да се надева дека ќе смета на значителен број луѓе на истокот и југот чии симпатии лежат кон Москва, а не кон Киев, како за вистинска поддршка, така и за „да обезбеди слики“ за руската државна телевизија во случај на инвазија.
„Путин чувствува слабост, тој ги користи овие работи и знаеме и разбираме дека некои луѓе може да се однесуваат на овој начин“, изјави за РСЕ Ихор Романенко, пензиониран генерал-полковник и поранешен заменик началник на Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Тој вели дека во 2014 година, некои цивили на истокот ја попречиле украинската војска, блокирајќи патишта, па дури и крадејќи муниција. „Но, таквите акции нема да не спречат кога е во прашање нашата одбрана“, заклучува Романенко.