Достапни линкови

Во Мјанмар војската со државен удар ја презеде власта


Војници на контролен пункт во Мјанмар на патот кон конгресниот комплекс, 1 февруари 2021 година.
Војници на контролен пункт во Мјанмар на патот кон конгресниот комплекс, 1 февруари 2021 година.

Моќната војска на Мјанмар рано изутрината изврши државен удар, приведувајќи го фактичкиот лидер на земјата Аунг Сан Су Ќи и други високи личности од владејачката партија.

Војската во Мјанмар прогласи едногодишна вонредна состојба за, како што наведе, зачувување на „стабилноста“ во земјата поради спорот околу изборите.

Во изјавата се наведува дека новиот вршител на должноста претседател е Мајнт Све, поранешен генерал кој беше заменик претседател.

Во соопштението се додава дека шефот на војската генерал Мин Аунг Хлаинг ја презел контрола над „законодавството, администрацијата и судството“.

Ова беше објавено неколку часа откако војската ги приведе Су Ќи, претседателот Вин Мајнт и други високи личности на владејачката Национална лига за демократија, НЛД.

Аунг Сан Су Ќи
Аунг Сан Су Ќи

Добитничката на Нобеловата награда за мир Аунг Сан Су Ќи во писмото објавено на социјалните мрежи од нејзината партија, го повика населението да не го „прифаќа“ воениот удар.

Обединетите нации го осудија воениот удар и ја повикаа армијата да ги ослободи уапсените лидери.

Гутереш бара крај на кризата во Мјанмар

Генералниот секретар Антонио Гутереш, рече дека настаните во Мјанмар се „сериозен удар врз демократските реформи што се спроведуваат“ и ги повика сите лидери да се воздржат од насилство и да ги почитуваат човековите права.

Соединетите држави, Австралија и Сингапур изразија вознемиреност од прогласувањето вонредна состојба и апсењата.

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден бил известен за апсењата.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел остро го осуди пучот и ја повика армијата да ги ослободи сите „незаконски приведени“.

„Силно го осудувам државниот удар и ги повикувам воените службеници да ги ослободат сите оние кои се незаконски приведени во акции низ целата земја“, напиша Мишел на Твитер.

Тој додаде дека изборниот резултат мора да се почитува и дека демократскиот процес мора да се обнови.

Пучот уследи по растечките тензии меѓу владата и воените лидери во последните неколку недели по изборите во ноември кои, според армијата, биле фалсификувани.

Предвидено беше парламентот денеска да започне седница откако НЛД победи со огромно мнозинство на изборите.

генерал Мин Аунг Хлаинг
генерал Мин Аунг Хлаинг

Војската на Мјанмар, која владееше со југоисточна азиска држава пет децении, има задржано значително политичко и економско влијание откако Су Ќи дојде на власт по убедливата победа на изборите во 2015 година, по децениите домашен притвор.

Опозицијата во Мјанмар очекува изборна победа

Сепак, меѓународната позиција на добитничката на Нобеловата награда за мир опадна откако стотици илјади Рохинџа муслимани беа раселени, а илјадници убиени во операциите на армијата во 2017 година во западната држава Ракин.

Армијата соопшти дека нејзината операција била насочена кон екстремистите, но групите за човекови права го обвинија Мјанмар за спроведување на етничко чистење.

Според договорот за поделба на власта, кој и помогна на земјата да премине во кревка демократија, Уставот резервираше 25 проценти од местата во парламентот за војската и контрола на трите клучни министерства: за внатрешни работи, одбрана и гранични прашања.

Тоа и гарантираше на војската постојано да ја држи контролата над политиката на Мјанмар.

Во уставот има и член со кој се забранува државјаните во брак со странци да станат претседатели, а според аналитичарите е напишан за да се спречи Аунг Сан Су Ќи, која е омажена за Британец, да ја добие функцијата.

Нејзината официјална функција е „државен советник“, што е место кое и гарантира де факто да ја води земјата.

Во моментов не е јасно како ќе се развиваат работите, а политичката криза не е сè со што се соочува Мјанмар, проценува АФП.

Повеќе од 140.000 случаи на коронавирус се пријавени во земјата, и ако се одржат големи демонстрации, тоа веројатно ќе ја продлабочи кризата и дополнително ќе го оптовари здравствениот систем во земјата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG