Достапни линкови

Војна и вода: Украина изложена на ризик од ширење на колера, хепатитис, шуга


Една жена пие чиста вода во источниот град Славјанск
Една жена пие чиста вода во источниот град Славјанск

Милиони луѓе во Украина го загубија пристапот до вода за пиење поради руската инвазија, што ги зголемува ризиците по нивното здравје.

Кога Русија ја започна својата масовна инвазија врз Украина на 24 февруари, жителите на Мирнохрад знаеја што треба да направат - да почнат да копаат. Малиот град, кој се наоѓа на артилериски дострел на руските сили во источна Украина, издржа шест месеци без вода во 2014 година, откако избувна војната меѓу владата и силите поддржани од Кремљ во регионот познат како Донбас.

Според Денис Томаз, раководител на градскиот оддел за инвестиции и иновации, во борбите беа оштетени водни системи.

Оттогаш, градот прави планови за вонредни состојби, вклучително и работа за претворање на подземните води што протекуваат низ згаснатите рудници за јаглен, во извор на вода за пиење. „Сфативме дека тоа може да се повтори“, вели Томаз. Владата бушеше бунари низ градот, па дури и им помагаше на жителите да копаат свои.

Борбите продолжуваат во регионите Доњецк и Харкив

Додека Мирнохрад досега избегнуваше значителна штета, многу други градови на фронтот немаат толку среќа.

Според јулскиот извештај на ОН, нападите врз водна инфраструктура и движењето на жителите кои ги напуштаат своите домови оставија дури 13 милиони луѓе низ Украина да имаат потреба од помош со вода и хигиена.

Областите без безбеден пристап до вода може да се соочат со епидемии на колера, хепатитис, шуга и други потенцијално смртоносни болести, соопштија ОН.

Жителите се собираат да испумпаат вода од бунар надвор од станбен комплекс во Славјанск.
Жителите се собираат да испумпаат вода од бунар надвор од станбен комплекс во Славјанск.

Децата се особено ранливи. Загадената вода и нехигиенските услови за живеење убиваат деца повеќе од 20 пати почесто отколку насилството во земјите што се соочуваат со продолжен конфликт, се вели во извештајот на УНИЦЕФ.

Украинските проблеми со водата се најостри во Мариупол, под контрола на Русија, на брегот на Азовското Море во Донбас и во Миколајев, кој се наоѓа позападно и останува во рацете на Украина.

Нападот на Русија врз Мариупол, поранешен град со 430.000 жители, започна на првиот ден од инвазијата. До 2 март, нападот го уништи главниот канал за вода за пиење и помошниот водовод.

Во текот на тримесечните услови на опсада, сите 22 пумпи во градот беа уништени, соопшти градската влада. Според Хјуман рајтс воч, жителите биле принудени да пијат дождовница и да ги кршат системите за греење за да ја извлечат водата за да ги мијат рацете.

Се чини дека Русија направи малку за да го врати пристапот до безбедна вода по окупацијата на градот во средината на мај, ставајќи ги преостанатите 100.000 жители во ризик од болести кои се пренесуваат преку вода.

Од почетокот на јули, само 5 отсто од домовите биле поврзани со извори на вода, според каналот на социјалните медиуми управуван од Петро Андриушченко, советник на градоначалникот на Мариупол, кој моментално е надвор од градот.

Дури и оваа вода може да биде премногу опасна за употреба. На 18 јули, анализата покажа дека водата од градот има опасни нивоа на бактерија поврзана со фекална материја.

Градот е изложен на особен ризик од појава на колера, откако доживеа една дури и пред да избијат борбите меѓу Украина и сепаратистите поддржани од Русија во 2014 година.

Во јуни, Светската здравствена организација предупреди за потенцијална епидемија на колера и рече дека предлага залихи за помош градот.

Миколајев, пристанишен град на река што се влева во Црното Море западно од Керсон, кој е под контрола на Русија, целосно го загуби снабдувањето со вода кога руските сили го оштетија водоводот Днепро-Миколајев во средината на април.

Градот оттогаш го обнови пристапот до вода, но водата што тече низ водоводот не е за пиење поради содржината на сол, вели Олексиј Бурак, менаџер за инсталација за Water Mission, невладина организација со седиште во САД. Градот ископа бунари, но сè уште е проблем да се најде вода за пиење.

Од недостиг на храна до геополитички промени - глобалните ефекти на војната во Украина

Групата на Бурак се фокусираше врз болниците, каде чистата вода може да биде прашање на живот или смрт. „Луѓето се на дијализа“, рече Бурак. Водата „мора да биде речиси дестилирана“ за нивна употреба.

Поголемиот дел од водата во регионите Доњецк и Луганск доаѓа од каналот Сиверски Донец-Донбас, кој минува 133 километри и низ територијата под контрола на Украина и на Русија. Непоправената штета од гранатирањето остави некои села без вода од 2014 година.

Жени полнат шишиња со вода обезбедена од волонтерска организација во Миколајев.
Жени полнат шишиња со вода обезбедена од волонтерска организација во Миколајев.

Донбас, исто така, страда од низа еколошки проблеми, вклучително и контаминација на подземните води поради вода од рудниците, па дури и радиоактивна контаминација што произлегува од советскиот подземен нуклеарен тест во 1979 година, се вели во извештајот на Eurasia Daily Monitor.

Не е јасно од каде ќе дојдат парите за поправка на водоводната инфраструктура на Украина и дали воопшто ќе дојдат. Враќањето на пристапот до вода е скапо, во време кога земјата веќе се соочува со тешка економска неволја.

Западните земји ветуваат поголема воена поддршка за Украина

Во еден извештај на ОН се наведува дека пред руската инвазија вкупните трошоци за поправка на водна инфраструктура изнесувале речиси 75 милиони долари, при што повеќе од половина од тие трошоци доаѓаат од регионот на Доњецк.

Краткорочните итни мерки исто така може да бидат скапи. Еден систем за филтрирање на вода може да чини дури 7.000 евра плус инсталација и други трошоци, вели Михајло Амосов од Ecoaction, еколошка невладина организација која им помага на заедниците да го вратат пристапот до вода.

Градовите, исто така, мора да трошат пари на генератори, бидејќи штетата предизвикана од војната може да ја исфрли електричната енергија потребна за функционирање на системите за филтрирање на вода, наведува Томаз.

Луѓе чекаат за да наполнат вода во Миколајев.
Луѓе чекаат за да наполнат вода во Миколајев.

Ecoaction, нема големо искуство со обезбедување материјална поддршка што им е потребна на градовите и селата сега.

Заедниците кои беа погодени пред инвазијата во февруари може на некој начин да бидат најдобро подготвени. Мирнохрад, градот на првата линија што доживеа шестмесечно исклучување на водата во 2014 година, долго работеше на напорите за реконструкција со американската владина агенција за помош УСАИД и германската агенција за развој ГИЗ.

Градската власт сега бара средства од УСАИД за купување системи за филтрирање за нејзините бунари. Всушност, градот продолжува со сложениот процес на правење на отпадната вода од рудникот за пиење, иако руската армија е на околу еден час возење на североисток.

„Не можеме туку така да го напуштиме градот. Што ќе биде ќе биде. Како можеме да се откажеме? “, вели Томаз.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG