Паушални сметки, нередовно читање и замена на водомерите, ова се само дел од поплаките кои често може да се слушнат на наплатните шалтери на „Водовод“.
Скопјанецот Јошко, еден од станарите во неодамна изградена зграда во населбата Тафталиџе вели дека цели две години откако е вселен нема добиено ниту една сметка за вода. Проблемот е вели, што Јавното Претпријатие „Водовод и канализација„ не ги признава водомерите кои што се инсталирани во зградата.
Инвеститорот со месеци ветувал дека ќе го реши проблемот и дека водомерите ќе бидат сменети, но досега се е останато само на ветувања.
Во меѓувреме долговите се таложат, станарите не знаат што да прават, а често пати се случува и да бидат исклучени од пристапот до вода.
„Сметките си растат, ние ништо не плаќаме за вода, само чекаме кога ќе не исклучат. Еднаш веќе ни беше исклучена водата токму од овие причини, бидејќи големи средства не се исплатени кон Водовод и сега пак очекуваме во секој момент да ни ја исклучат. Сами се организираме пробуваме да го решиме проблемот, собравме пари за да уплатиме во водовод, но ова не е наш проблем бидејќи ние сме платиле за стан, сме се вселиле и сега за се добиваме сметки освен за вода“, вели Јошко.
Водовод: Инвеститорот на диво се приклучил на мрежата
Од ЈП „Водовод и Канализација“ пак велат дека инвеститорот нелегално се приклучил на водоводната мрежа и дека вградените водомери не се во согласност со критериумите кои се наведени во Хидротехничките услови.
„Монтирани се т.н апартмански (суви) водомери со жиг од 2017 година. Во неколку наврати одржувани се состаноци со сопствениците и од наша страна понудено е да постават водомери од истиот тип со можност за далечинско отчитување, со цел истите да бидат воведени во евиденцијата на ЈП Водовод и канализација-Скопје. И покрај сите аномалии кои се направени од страна на инвеститорот/изведувач ние како сервис на граѓаните повторно излеговме во пресрет со понудениот предлог, но од страна на инвеститорот сеуште не е постапено по истиот“, стои во одговорот од Водовод.
Од таму додаваат дека проблемот едноставно ќе се реши со поставување на модули за далечинско отчитување со што сите сопственици ќе станат времени корисници на услугите кои ги нуди ова претпријатие, но чекаат тоа да го стори инвеститорот од кој пак, како што велат станарите, нема ниту трага ниту глас. Ниту тие можат да го најдат, а ниту од “Водовод“ го бараат.
И додека проблемот веќе со години не се решава и никој не реагира, станарите се загрижени дека ваквата ситуација ќе се одрази врз нивниот џеб во иднина и дека ќе станат жртви на неажурноста на институциите.
„Сите во зградава само пресметуваат кој колку има потрошено, колку треба да платат и сите се спремни да платат, никој не одбива да плати за водата, но дел си бараат да добијат фактура и сметка од водовод како што е редот и како што треба“, вели Јошко.
Заглавени броила - паушал на сметки
Друг проблем е и замената на старите водомери со нови , процедура за која што граѓаните се жалат дека оди многу бавно. Скопјанецот Зоран вели дека броилото на водомерот му е заглавено со месеци и не ја покажува потрошувачката на вода, а во меѓувреме добива паушал на сметките.
Од Водовод тврдат дека за сите неисправни водомери „граѓаните може да се јават во нивните служби и во најкраток рок неисправните водомери ќе бидат заменети“, а се правдаат и дека дека во одредени случаи не може да ги најдат корисниците во нивните објекти.
Но, Зоран вели дека иако го пријавил проблемот, со месеци од претпријатието нема никаква реакција ниту повратен одговор.
„Со месеци пријавувам и реагирам и немам никаков повратен одговор“, вели Зоран.
Стотици поплаки од граѓани до Народниот правобранител
Ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Поплаки стигнуваат и до Народниот правобранител, од каде велат дека имаат стотина претставки од кои најголемиот дел од нив се однесуваат на нередовното отчитување на водомерите.
„Граѓаните најчесто се жалат на нередовно отчитување на водомерите, како и паушалните пресметки кои што се наплаќаат, а многу поретко имаме и претставки кои се однесуваат на водоводната мрежа, “, вели заменикот народен правобранител, Јован Андоновски.
Од канцеларијата на Народниот правобранител велат дека постојано се обраќаат до претпријатието со цел да се решат проблемите, но не се задоволни од соработката.
„Граѓаните се оневозможени да докажат дали во дадена ситуација станувало збор за неисправност на водомерот или нешто друго, затоа што единствена институција која што врши сама надзор над работата е самото комунално претпријатие односно комисија составена во рамки на претпријатието и неретко граѓаните се доведени во ситуацијата заради наводна неисправност на водомерот да треба да платат повисок износ, но доколку би имало редовно отчитување на водомерите таква ситуација не би се случила воопшто“, додава Андоновски.
Во меѓувреме ЈП „Водовод и канализација“ тоне во долгови. Според податоците од министерството за финансии, од почетокот на годинава заклучно со септември претпријатието има направено долг од 7,5 милиони евра.
Менаџментот тврди дека „и покрај енергетската криза со која се соочува и зголемените трошоци во работењето прави максимални напори за редовно сервисирање на долговите. Се работи на целосно намалување на непродуктивното трошење, лоцирање на диви приклучоци и активно се работи на намалување на загубите на вода, а со тоа и зголемување на приходите и ликвидноста на претпријатието“.
Неефикасност на јавните претпријатија
Сето ова според дел од експертите ја покажува неефикасноста на работата на јавните претпријатија. Според универзитетскиот професор, Темелко Ристовски, тоа е резултат на децениското поставување на луѓе на раководни позиции по партиски клуч, како и отсутството на одговорност на претпријатијата кои нудат јавна услуга.
„Видливо е и отсуството на експертиза кај јавните претпријатија затоа што факт е дека со децении наназад особено на одговорните работни места се пополнуваат со луѓе блиски до политичките гарнитури, што не е добро, наместо да се вработуваат луѓе што ги знаат работите и се жалат на финансиски проблеми и тоа е исто така проблем ако немате пари немате да бидете и ефикасни, тоа се проблемите кои што ја намалуваат ефикасноста на јавните претпријатија“, вели професорот Ристовски.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска неодамна разреши директори на неколку јавни претпријатија меѓу кои и на Водовод, поради како што рече, обиди за влијание несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер. По неговото отпуштање од работа, таа не им ги продолжи ниту договорите на стотина вработени, при што тврдеше дека тие биле само на платен список, но дека не работеле. Синдикатите и опозицијата ги отфрлија обвинувањата на Арсовска како неточни.