Достапни линкови

Ваши коментари – Позеленувањето на ДУИ и онлајн судења


Претседателот на ДУИ Али Ахмети ја најавува зелената агенда на партијата
Претседателот на ДУИ Али Ахмети ја најавува зелената агенда на партијата

Најмногу коментари од нашите читатели изминатата недела има за веста дека ДУИ ја прифаќа зелената агенда. Внимание предизвикало и интервјуто со судијата Лазар Нанев во кое тој вели дека онлајн судењата ќе станат реалност.

„Изненадувањето“ што го најави лидерот на ДУИ, Али Ахмети и што ги заинтригира јавноста, а особено медиумите, и за што најмногу гласини имаше за кандидат за градоначалник на Скопје, етнички Албанец поддржан и од СДСМ, конечно тој го обелодени во саботата на прославата на 19-годишнината на Партијата во скопскиот Градски парк – ДУИ започнува нова политика за еколошка правда и квалитетен живот, а зелената агенда станува дел од ДУИ.

На нашата ФБ страница коментарите главно се иронични и не многу примерни и го изразуваат неверувањето на оние што коментирале. За Блаже Павловиќ тоа е „дефокусирање на јавноста“, а Мирче Божиновски наведува: „Зелена агенда, а пола државни институции се греат со мазут“. Ванчо Попов со забелешка: „Два дена нѐ малтретирате за да ни соопштите дека шовинизмот ќе бил со зелена боја“. „Од коа кажаа дека ќе се легализира марихуаната, нешто сите на зелено удрија“ – напишал Новица Китановски. Бадрил Салији во два реда напишал само „хахахахаха...“ Дафинка Делева ја искористила српската поговорка: „Тресла се гора, родио се миш... хахаха“.


Премиерот Зоран Заев, пак изрази задоволство дека „ДУИ ја заокружува етничката агенда, сега зборуваме за граѓанинот“. „Доста Албанци, Македонци, Срби, Турци, Власи. Во државата имаме граѓани“, изјави Заев. Јана М Неделковска со совет до премиерот: „Сега укинете ги сите партии со етнички предзнак и посветете се на професионалните кадри. Неспособните по етнички клуч надвор од институциите или на соодветно место според нивото на интелектуалниот капацитет“. Реџаил Мадрид Сулимани вели: „Додека нема еднаквост Албанци/Македонци нема да има ништо добро во државата“, а Лазом Кадрија со следнава порака: „Тоа не иде туку така, треба култура, треба свест, во МК има уште огромен национализам и шовинизам, многу тешко тоа може за жал“.

Нанев - За жал се уште имаме „тромаво“ судство
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:34 0:00

Неделното интервју на РСЕ е со Лазар Нанев, прв човек на Основниот суд во Кавадарци и претседател на Комисијата за дигитализација на судството. Тој најавува онлајн судења, за да не мора во некоја прекршочна постапка, каде што обвинетото лице живее во Скопје, а постапката се води во Охрид за петминутна изјава цел ден да патува од Скопје до Охрид, кога изјавата може да се даде по електронски пат. Во коментарите повторно е видлива недовербата на граѓаните. Ратко Алексиевски порачува: „Не фантазирај, уште нема услови за тонско снимање по судовите, а не онлајн судења“. Анна Јакимова за адвокатите: „Ќе биде добро да ги дигитализирате процесите зашто тужба е како докторат! И адвокатите се отепуваат од земање пари за нешто што треба да е шаблон“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG