Достапни линкови

Ваши коментари – Буџет и бегање од правдата


Прес-конференција на премиерот Зоран Заев и министерката за финансии, Нина Ангеловска на која беше презентиран Буџетот за 2020
Прес-конференција на премиерот Зоран Заев и министерката за финансии, Нина Ангеловска на која беше презентиран Буџетот за 2020

Интервјуто со поранешниот министер за финансии Трајко Славески, францускиот нон-пејпер, грчкиот слоган и бегството од притвор на поранешниот телохранител на Сашо Мијалков се најкоментираните теми од нашите читатели.

Нема сомнение, неделните интервјуа на РСЕ изгледа им се најпривлечни на нашите слушатели, гледачи и посетители на веб- страницата, па на ФБ најчесто држат рекорди според коментарите. Најновото е со Трајко Славески, висок функционер во опозициската ВМРО-ДПМНЕ и едно време министер за финансии во владата на Груевски. Тој ја критикува Владата на премиерот Зоран Заев дека „се подготвува, жртвувајќи ја иднината на економијата“, како што вели, „дури и развојот на земјата, од популистички побуди да ги поткупува гласачите“, а на ФБ страницата – споредби со времето на владеењето на неговата партија и сегашнава што е на власт.

Ѓорѓи Ристески вели: „Нешто ко’ да имаме гледано 10-ина години“; Сашо Стаменковски го потсетува: „Ти за професорско место и за вработување на ќерка ти ја жртвуваше државата“; Трајче Трајанов постирал: „Тоа е изум на ДПМНЕ, ништо ново“. Но, Дејан Божиновски има различно мислење па си го кажува: „Џабе им објаснуваш, профа! На северџаните главата им е длабоко во ’европски‘ песок забиена! Ако и после Макрон не им дојде ум... Беспомошни се.“ Ленче Видинска се чини има лично искуство: „Гласачите не се деца, тие осетија што правевте за вашето владеење, оти јас го осетив.“

Грчкиот слоган на производите од таа земја „Macedonia the GReat“, за кој нашето МНР вели дека ја подрива меѓусебната доверба, неколкумина наши посетители ја толкуваат шеговито. Бардур Мимидиновски на ФБ постирал, непримерено преиначувајќи го името на премиерот Мицотакис што нема да го цитираме: „Абе овој .... несвесно ни прави услуга спојувајќи ја цела Македонија“, а и Славче Ѓоревски, во комбинација со смешко од емотиконите вели: „Ако, убаво... Убава реклама ќе ни направи“. Горан Новко, меѓутоа е најсериозен: „Нашиот да биде Republic of Macedonia forever“, исто како и Бесир Велиу: „Грчкиот слоган е Made in Greece! Ова не смее да се прифати никако, македонскиот дел таму не е држава за да има слоган.“ Штерјо Пушевски му реплицира: „Бесир Велиу, кој македонски дел таму? Ова е бренд за производи од грчкиот регион Македонија“, па се развила цела дебата за тоа, при што Велиу прашува: „Каде се брендовите за другите делови на Грција?“

Содржината на т.н. нон-пејпер за принципите и новата методологија за почнување преговори и прием на нови членки во ЕУ, што Франција ѝ го доставила на македонската Влада, за Боби Петковски е употреба на двојни аршини: „За земјите од Источна Европа што веќе влегоа во ЕУ вакви принципи не важеа. Ова е дискриминација и еден инструмент така што секогаш да се наоѓаат маани кај земјите кандидати за да не бидат примени во ЕУ“.

А за тоа дека од домашен притвор избега и поранешниот телохранител на Сашо Мијалков, Столе Соколовски му препорачува на премиерот Заев: „Абе Зоран Заев, купи си мрежичка, ти избегаа сите гангстери“. Ибро Ибро Кнауф смета дека „судиите треба во затвор да се однесат“, а Тони Тонка постирал: „Криминалците бегаат, а богами си бега засекогаш и интелектуалната класа“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG