Достапни линкови

Франција достави нон-пејпер со своите принципи за проширување на ЕУ


Архивска фотографија- францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот на ЕУ
Архивска фотографија- францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот на ЕУ

Принципот на реверзибилност откога ќе почнат преговорите останува клучно барање и во нон-пејперот кој Франција го испратила до земјите-членки на ЕУ, а во кој РСЕ имаше увид.

Франција до земјите членки на Европската Унија пратила така наречен нон-пејпер во кој бара обновен пристап во процесот на проширување со земјите од Западен Балкан, јавува дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел. Воедно од Европската комисија се бара до јануари 2020 година да објави нова методологија за пристапниот процес која би се применувала во отворањето на преговорите со земјите-кандидатки.

Дописничката на РСЕ која имала увид во документот јавува дека официјален Париз во него ја потврдува европската перспектива на земјите од Западен Балкан и смета дека целиот регион и припаѓа на Европа врз основа на својата историја, култура и географија.

“Блиските врски со ЕУ се единствен начин овие држави да се консолидираат врз основа на владеење на законот и отворени плуралистички општества, а занимавајќи се со својот економски и социјален развој’, се наведува во францускиот нон-пејпер.

Според француската позиција, таканаречениот обновен пристап би требало да се заснова на четири принципи кои опфаќаат- постепено придружување, построги услови, видлива корист и реверзибилност.

“Еднаш кога преговорите ќе се отворат, процесот на интеграција повеќе не би се основал на отворање на голем број тематски поглавја, туку на неколку едноподруго фази кои би формирале кохерентни блокови политика и шеми кои ги воспоставила ЕУ, имајќи ги предвид специфичните карактеристики на секој кандидат, каде што тоа е можно“ пишува во документот.

Владеењето на правото и основните права, според францускиот предлог, остануваат интегрално барање од моментот на отворање на преговорите до крајот и во сите области од процесот.Исто така се предлага преминувањето од една во друга фаза главно да се основа на постојан и неповратен напредок во областа на владеење на правото.

Земјите кандидатки, според предлогот, би морале да ги прилагодат своите институционални и административни перформанси на потребата за ефикасно учество во разни политики, а за конечното пристапување ќе се одлучува врз основа на остварливи цели за економска и социјална конвергенција.

Франција предвидува и дополнителна парична помош во пристапниот процес за Западен Балкан што подразбира повеќе пари од пристапните фондови, но и пристап до структуралните фондови, кои се сега резервирани само за земјите членки на унијата.

Но, клучниот предлог на официјален Париз се однесува на усвојување на принципот на реверзибилност бидејќи е смета дека тој би обезбедил кредибилитет на процес. Во случај земјите кандидатки да имаат назадување во области во документот се наведува дека треба да има одговор од ЕУ кој би бил постепен и пропорционален во зависност од сериозноста на проблемот, а би се движел од откажување на финансиката помош, па се до целосна суспензија во случај да се доведени во прашање основните вредности на Европската унија.

Претседателот Стево Пендаровски, кој неделава во Париз се сретна со неговиот француски колега Емануел Макрон денеска рече дека од него добил гаранција дека новата преговарачка методологија ќе биде донесена најдоцна до март.

„Јас сум умерен оптимист. Не сум радикален оптимист. И од претседателот Макрон не добивме стопроцентна гаранција дека ќе има позитивна одлука до загрепскиот самит. Имавме гаранција дека ќе биде донесена методологијата што е можно побрзо, тоа значи до март најдоцна. Значи, во тој дел можеме да бидеме скоро сигурни дека така и ќе се случи. Се понатаму е политичка одлука“, нагласи Пендаровски.

На самитот на ЕУ минатиот месец Скопје и Тирана не добија датум за почеток на преговорите поради инсистирањето на Париз на нова методологија за преговори. Следниот самит на ЕУ треба да се одржи во мај во Загреб.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG